Азилот за Груевски е „срам“ за Унгарија
3 декември 2018„Неприфатливо е ние да мора да дознаваме од странскиот печат дека унгарската влада му доделила азил на криминалец по кој се трага со меѓународна потерница“, пишуваат во отвореното писмо Берталан Тот, шеф на Унгарската социјалистичка партија, Тимеа Сабо, копретседател на „Дијалог за Унгарија“ и Ференц Ѓурчани, лидер на „Партија за демократска коалиција“.
Повеќе: Одземен пратеничкиот имунитет на избеганиот Груевски
Во писмото, објавено во „Еурактив“, се вели дека е „неприфатливо унгарски дипломати да се принудуваат да патуваат низ Балканот со криминалец осуден на повеќегодишна затворска казна и сето тоа, кога е откриено, да се прикрива со лаги“.
„Унгарската опозиција протестира против фактот што унгарската влада не дозволува за аферата Груевски да се расправа во парламентот и комисиите за национална безбедност, одбрана и за кривичен прогон. Протестираме и нашето писмо го испраќаме до најважните меѓународни организации и амбасади, поради тоа што не можеме да се потпреме врз ниту едно друго средство, освен врз меѓународната јавност“, објаснуваат тројцата опозициски лидери во отвореното писмо, со кое сакаат да се дистанцираат од Виктор Орбан и неговата влада која „на криминалци како Никола Груевски, кои се блиски со Русија, им дозволува да се движат слободно не само во Унгарија, туку насекаде во ЕУ“.
Повеќе: Бегството на Груевски тешко изводливо без логистиката на Орбан
На крајот на писмото се бара „наместо Централноевропскиот Универзитет, кој е еден од најдобрите во Унгарија, земјата да ја напушти поранешниот македонски премиер“.