1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Офанзивата на Турција во Сирија започна со отоманска музика

БГ /АП
9 октомври 2019

Турција денеска ја започна воената операција против курдските борци во североисточна Сирија откако САД се повлекоа од регионот, со серија воздушни удари врз градови на сириската страна од границата

https://p.dw.com/p/3QzaB
Syrien Türkische Militärpatrouille
Фотографија: AFP/D. Souleiman

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го најави почетокот на кампањата која следуваше по ненадејната одлука на американскиот претседател Доналд Трамп да ги повлече трупите од регионот.
Турските воени авиони веќе бомбардирале неколку погранични сириски градови, а курдски извори тврдат дека има и цивилни жртви.

Потегот на Трамп претставува драматична промена на американската политика со која во суштина се напуштаат сириските курдски борци кои беа единствениот сојузник на САД во Сирија. Потегот на Трамп предизвика жестоки критики во САД, каде претставници на обете најголеми партии најавија дека ќе сторат се за да ја сопрат офанзивата.

Републиканскиот сенатор Линдзи Греем кој досега беше поддржувач на Трамп, изјави дека турската инвазија во Сирија е „почеток на катастрофа“ и обвини дека администрацијата на Трамп „бесрамно ги напуштила курдските сојузници“. Греем се закани дека Конгресот ќе го натера турскиот претседател Ердоган да „плати голема цена“ за офанзивата.

Karte Syrien Ras al-Ayn EN
Регионот во кој започна турската воена офанзива

Според турските медиуми, во турските градови на границата кон Сирија ечат воени маршеви од отоманската ера, а во џамиите се најавени молитви за успех на операцијата. 

Паника на границата

На другата страна на границата владее паника, а светските агенции јавуваат дека во неколку места се гледаат облаци од чад и луѓе кои ги напуштаат своите живеалишта.
Курдските милиции предупредуваат од „хуманитарна катастрофа“. Во пресрет на нападот, курдските регионални власти издадоа наредба за целосна мобилизација.
Целта на турската операција е создавање на „безбедносна зона“ на територијата на Сирија која би ги пресретнала плановите на Курдите за формирање на автономен регион. Аналитичарите предупредуваат дека освен безбедносните импликации за регионот, операцијата може да предизвика и насилно иселување на стотици илјади луѓе.

Syrien Demo der Kurden gegen türkischen Militäreinsatz
Курдите денеска протестираа во градот Рас ал-Аин на границата кон ТурцијаФотографија: AFP/D. Souleiman

Сириското министерство за надворешни работи ја осуди инвазијата на Турција нарекувајќи ја „блатантно нарушување“ на меѓународното право.

Шефот на германската дипломатија Хајко Мас денеска го осуди турскиот напад „во најсилна смисла“.
„Турција предизвикува натамошна дестабилизација на регинот и ризикува воскреснување на Исламската држава“, изјави Мас и побара итно запирање на операцијата.