Можат ли да се сопираат градбите во Охрид?
19 март 2021„На Охрид не му треба таков несоодветен објект покрај езерото, но решението е правосилно. Тотално е ирелевантен мојот личен став. Но, некој донел план и луѓето на приватен имот добиле регуларно одобрение за да градат“, вели градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски за Дојче веле, по најавите дека ќе биде иницирана постапка за одземање на неговите ингеренции поради „немање волја за заштита на светското природно и културно наследство впишано во УНЕСКО“.
Ваквата можост ја соопшти денеска министерката за култура, претседателка на Националната комисија на УНЕСКО, Ирена Стефоска.
„Очигледно дека Општините Охрид и Струга немаат волја за заштита на светското природно и културно наследство впишано во УНЕСКО. Оттаму, ќе иницирам пред Владата да се разгледа можноста за одземање на ингеренциите на овие општини“, вели таа.
Стефоска од понеделник очекува ова прашање да добие разврска и на владина седница. Реакцијата следи откако изминатите неколку недели не стивнуваат реакциите во јавноста околу ресторанот-дискотека „Парк“ на брегот на Охридското Езеро, на чие место е планирано да никне нов објект. И покрај барањето да се сопрат секакви градежни активности, почна да се урива старата дискотека „Парк“, којашто е дело на архитектот Павел Балабан од 1989.
Инспекциите нека го ’протресат’ решението
„Не знам за кои ингеренции станува збор“, вели охридскиот градоначалник, потсетувајќи дека за градбите во старото јадро на градот, ингеренциите и онака се во рацете на државата. Ги повикува надлежните институции да го проверат предметот, за да се разјасни целата ситуацијата околу изградбата на објект на местото на некогашната дискотека „Парк“.
„Надлежните институции, ако сакаат, нека го отворат предметот, нека го ’протресат’ решението и нека го поништат ако сметаат дека не е исправно. Досега никаква инспекција не дошла да го провери случајот, за кој е издадено правосилно одобрение“, вели Георгиевски.
Одобрението за градење на местото на стариот обект на ресторанот-дискотека „Парк“ е правосилно од 6 јули 2018 година. Една година потоа, во 2019 година, инвеститорот во јуни 2019 година има пријавено градилиште. Со тоа одобрението за градба му важи наредните 10 години.
„Изградбата на објект кај 'Парк' е стар предмет. Сега тие не би добиле никакво одобрение кога би барале“, дециден е охридскиот градоначалник. Целиот проблем го гледа во вакуум просторот којшто се создал изминатите десет години, кога не бил донесен Планот за управување од страна на Министерството за култура. Од оној момент кога е донесен планот, вели Георгиевски, стапиле на сила и поинакви правила. Оттогаш не е издадено никакво решение за градба, коешто би се косело со правилата и барањата на УНЕСКО.
-повеќе на темата: Шамар од УНЕСКО поради негрижата за Охридското Езеро
„Зошто би ни ги одзеле ингеренциите, кога ние го почитуваме Планот за управување?“, прашува градоначалникот на Охрид, кој вели дека нема моќ да поништи правосилно одобрение за градба, за коешто може да „заработи“ кривична пријава во иднина, ако се има предвид дека инвеститорот веќе има платено 60 милиони денари за комуналии на градот.
Министерката Стефоска најави дека во делот на надлежностите на Министерството за култура на одговорност ќе бидат повикани Завод за заштита на спомениците на културата и музеј - Охрид како и Управата за заштита на културното наследство.
Кој е во право?
Во јавноста предизвика револт одлуката на 4.525 метри квадратни на просторот кај ресторанот и дискотеката „Парк“ во Охрид да се гради нов хотел. Според одобрението за градба од 2018-та, инвеститорот, односно градежната фирма „Ремис“, има план да гради хотелски комплекс од приземје, три ката и поткровје.
Од граѓанската иницијатива Охрид СОС во повеќе наврати реагираа дека на ова место ќе се урива постоечкиот специфичен објект, што е дело на реномиранот охридски архитект Павел Балабан. Активистите на Охрид СОС и Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) бараат објектот да биде заштитен како споменик на културата. Охрид СОС поднесе и иницијатива за итен инспекциски надзор до Инспекцискиот совет, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и Државниот управен инспекторат поради прекршувања на одредби од Законот за градење што претставуваат кривични дела според Кривичниот законик. Одобрението за градење е правосилно од 6 јули 2018., а првпат градежни работи се одвиваат во 2021., што е речиси една година по истекот на важноста на одобрението за градење.
Невладините организации бараат во време кога постои опасност од одземање на статусот на Охрид и Охридскиот Регион како природно и културно наследство на УНЕСКО, градоначалникот на Општина Охрид и сите надлежни институции да постапуваат согласно и исклучиво со законските уредби, пропишаните правила и прописи.