1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Охрид импровизира со брзата помош

Милчо Јованоски16 јули 2014

Несреќата во која во неделата кај Љубаништа загина параглајдерист од Унгарија го актуелизира прашањето за постоењето на мобилни, специјализирани екипи кои ќе интервенираат брзо. Јавноста притиска, државата е на потег.

https://p.dw.com/p/1Cdjf
Фотографија: Kristian Cierpka

„Не е прв пат Брзата помош да биде обвинета дека задоцнила на повик. Најчесто смртните случаи ѝ се припишуваат на бавната интервенција. Медиумите по несреќата во Љубаништа излегоа со различни податоци околу времето за кои лекарите дошле дури од Охрид и за жал, во овој случај констатирале само смрт“, коментира очевидец кој сакаше да остане анонимен. „Лошо е што несреќите во Македонија се повторуваат, а институциите, не извлекуваат поука, да ги сменат недостатоците,“ коментира друг.

„Брзата помош“ особено во лето е далеку од светските стандарди.

„Потребата од мобилни екипи кои ќе можат да интервенираат за кусо време и на нај далеченото место од Охридското Езеро е очигледна. Тоа цели 3 години го „импровизиравме“ со еден брод – амбуланта, значително брз и опремен за давање прва помош при најразлични повреди. Црвен крст – Охрид сето тоа го правеше со средства од својот буџет за бензин, опрема и ред други нешта. Со активноста целта ни беше да апелираме и да им ги отвориме очите на институциите да сфатат дека на овој простор е неопходен таков пловен објект. Светските стандарди се за 12 најмногу до 15 минути да се стигне до пациентот. Во овие услови, кај нас на крајбрежиево, особено во лето тоа е невозможно, вели за Дојче веле Сашо Точко, претседател на Црвен крст – Охрид.

Saso Tocko
Сашо ТочкоФотографија: DW/M. Jovanoski

Здравствениот дом кубури со кадар и возила и прави се’ што е во нивна моќ

Уште колку несреќи треба да се случат и колку животи треба да згаснат за државата да го модифицира концептот за здравствена заштита во рурални подрачја, кој не само во Охрид,туку е неприменлив на многу места во Македонија? Последниот настан го отвора прашањето зошто се дозволи да згаснат мобилните екипи долж крајбрежјето кои функционираа до пред 20 години? Митко Дабески, директор на Здравствениот дом вели дека институцијата со која раководи во координација со Министерството за здравство има целосен увид во состојбата со здравствена заштита во општината. Но признава дека долги години немаат доволен број лекари и друг помошен – стручен персонал и дека слична е состојбата со опрема и возила. Капацитетот е тој што е и ние се трудиме и во вакви услови максимално да го покриеме теренот. Слична е состојбата со опрема и возила, додава тој. „ Уште, пред несреќата планираме од 1 јули до 1 септември амбулантата во Пештани да е со дежурна служба, додека мобилна екипа од итната медицинска помош да биде лоцирана во амбулантата во Љубаништа. Во Пештани започнавме од 2 јули. Таму има доктор од 8 до 15 часот. За викенд од 8 до 20 часот. Од понеделник до петок оваа амбуланта е покриена со доктори од Здравстевниот дом, а сабота и недела дежураат матични доктори на ниво на општина Охрид. Екипите се снабдени со сета потребна опрема: ЕКГ, апарати за мерење притисок, ампуларни терапии се’ на трошок на Здравствениот дом. Со мало задоцнување од 15 јули отпочна со работа и амбулантата во Љубаништа. Тоа е мобилна екипа која ќе ја покрива и Трпејца секој ден од 10 до 18 часот, исто до први септември. Но ова е привремено решение само за летово,“ кажува Дабески.

Да се надминат суетите и инертноста – порачува Црвен крст – Охрид
За жал истурените амбуланти, барем досега ги немаше и се чувствуваше нивната потреба. Годинава бродот – амбуланта не го пуштивме бидејќи немаме начин како да обезбедиме пари за бензин, додава Точко: „Секоја интервенција што ја имавме со бродот – амбуланта повреден или колабиран пациент го имавме третирано соодветно и го предававме најчесто на возилото на брза помош на градското пристаниште во Охрид. Ние не наплатувавме за нашите услуги и тоа го правевме волонтерски. Жал ми е што се’ уште здравствените установи не можат да препознаат дека со нашето вклучување само ќе си ја олеснат работата, туку сѐ уште се суетни и инертни.“

Schiffe in Ohrid Mazedonien
Брзата помош во Охрид може да се организира и преку езеротоФотографија: DW/M. Jovanoski

Клучот за решение на проблемот е во Министерството за здравство

Од јануари годинава го работиме и проектот „Рурален доктор.“ Имаме друга екипа. Во селата на источното крајбрежие до пред 9 месеци работеше редовно доктор, но поради економска неоправданост се откажа од концесијата со која го покриваше овој регион, објаснува директорот Дабевски и вели: „Клучот за решение на проблемот на ниво на Македонија е на релацијата Министерство за здравство и Фонд за здравство. За празните амбуланти во селските средини да ги работат приватни – матични лекари треба да имаат исплатливост. Фондот треба да го смени коефициентот од запишани пациенти. Доаѓаат млади штотуку завршени лекари и кога ќе видат што се случува и како стојат работите, откажуваат. Оттука и притисокот за нивно вработување во јавното здравство и болниците од каде што по една година ќе заминат на бесплатна специјализација.“ Во средините прогласени за рурални практичарите предлагале на лекарите месечно да им се исплаќаат барем по 90.000 денари, за ангажманот да биде исплатлив. Државата ќе мора да застане цврсто во одржливоста на овој систем, кој ќе придонесе за квалитетна здравствена заштита на луѓето независно од тоа дали живеат во град или село. Кај министерот и министерството за здравство ова било кажано и постои надеж дека од почетокот на идната година проблемот да биде надминат, вели нашиот извор.

Mitko Dabeski
Митко ДабескиФотографија: DW/M. Jovanoski

Глисер или хеликоптер се неопходно потребни

И ова да се среди, потребата од мобилна и брза екипа во Охрид, може да се ублажи, но нема да се реши. Можеме сета наша логистика да ја ставиме во служба на безбедноста на вода и планина, објаснува Точко, претседателот на Црвен крст. „На Запад недостига обучен кадар, а ние го имаме на претек. За жал кај нас вредноста на еден живот се поистоветува со вредноста на едно возило, на еден глисер или на еден хеликоптер. Во Охрид најпотребно е барем во лето да се засилат мобилните тимови и да се создадат услови за вклучување на хеликоптер или брз пловен објект во првата помош.“