1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Со законски измени против благи судски казни за сообраќајки

ДТЗ
16 ноември 2021

Антикорупциската комисија бара да се преиспитаат преблагите казни, а министерот за правда, Бојан Маричиќ, најавува ново кривично дело: „Безобзирно управување со моторно возило“.

https://p.dw.com/p/434aN
Busunglück in Dresden 19.07.2014
Фотографија: picture-alliance/dpa

Лавина реакции во јавноста предизвика последната пресуда на Основниот суд во Охрид од 20 октомври годинава, со која лице обвинето за предизвикување сообраќајка е осудено на условна затворска казна од 4 години, со дополнителна казна од 3.000 евра. Пресудата е донесена по повеќе од една година од кобната несреќа во која животот го загубија две момчиња од Битола, а три сопатнички беа тешко повредени. Блиските на жртвите и на повредените веста почнаа да ја споделуваат на социјалните мрежи, барајќи правда за загубените млади животи. 

Ново кривично дело 

Ваквиот апел стигна и до министерот за правда Бојан Маричиќ кој напрво реагираше на социјалните мрежи дека како министер, но пред се како човек и родител не може да остане рамнодушен по одлуката на судот. „Очекувам праведна одлука на повисоките судови, а Судскиот совет будно да го следи целиот случај“, напиша вчера министерот Маричиќ. 

Еден ден потоа, тој  излезе со конкретен предлог. Министерството за правда во рамките на работната група за изготвување на нов Кривичен законик, најавува воведување на ново кривично дело насловено „Безобзирно управување со моторно возило“, со кое се пропишува затворска казна и до 3 години, односно казна затвор од 4 години доколку има и смртни последици. 

Nord-Mazedonien - Justizminister, Bojan Maricik
Министерот за правда, Бојан Маричиќ, најавува ново кривично дело - „Безобзирно управување со моторно возило“. Фотографија: Justizministerium/Nord-Mazedonien

Дополнително ќе се иницира дебата во рамките на работната група во однос на ублажувањето на казните и условните осуди за тешки дела во сообраќајот. Целта е подобрување на законските решенија и елиминирање на можните злоупотреби во ова насока, како и анализа на примената на постојните одредби од страна на судовите и Јавното обвинителство, во однос на кривичните дела поврзани со загрозување на безбедноста во сообраќајот. На истиот состанок се најавува дека ќе бидат поканети и претставници на Врховниот суд, Јавното обвинителство и Судскиот совет.  

И антикорупционерите се загрижени 

За благите казни изречени за сообраќајни несреќи кои најчесто завршуваат со смртни последици, реагираше и Државната комисија за спречување на корупцијата. Од Комисијата денеска  изразија сериозна загриженост за изрекување благи казни за сторени тешки кривични дела, особено во делот на безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.  

Nord-Mazedonien Staatskommission für Korruptionbekämpfung
За благите казни изречени за сообраќајни несреќи кои најчесто завршуваат со смртни последици, реагираше и Државната комисија за спречување на корупцијата.Фотографија: DW/Petr Stojanovski

„Се почесто, како што бевме сведоци, има една правосудна пракса на изрекување благи казни за сторени тешки кривични дела особено во делот на безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и тоа со тешки последици. ДКСК јавно ја изразува својата сериозна загриженост и ги повикува надлежните органи, а тоа се Советот на јавни обвинители и Судскиот совет да постапат во рамките на своите надлежности и да преземат соодветни мерки“, вели претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска. 

-повеќе на темата: И кога има казни за изгубен живот, тие брзо се топат

Членовите на ДКСК предупредуваат дека токму ниските казни кои ги добиваат предизвикувачите на сообраќајките отвораат сомнеж за корупција. Како  најкарактеристичен пример ја посочуваат шестмесечната казна за Зоран Милевски Кичеец, кој додека беше надвор од затвор за друго дело, предизвика сообраќајка со смртни последици.  Ивановска смета дека е изречена преблага казна по спроведеното спогодување на обвинителот со обвинетиот и тоа под законскиот минимум за тешко кривично дело со смртни последици. 

„Во Стратегијата за национална за борба против корупција неказнивоста е препознаена како еден од клучните ризични фактори за корупција во правосудството. Затоа чувствуваме потреба како Комисија јавно да се обратиме до овие институции“, вели таа.