1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Охридско Езеро: Екосистем кој умира

Обработка: Е.М. Фиданоска
2 август 2021

Охридското Езеро е најстаро во Европа и дом на стотици ендемски видови, но човекот само што сосема не го уништил овој уникатен екосистем, пишува германскиот весник „Зиддојче цајтнг“.

https://p.dw.com/p/3yRUM
Ohrid-See in Nord-Mazedonien und Albanien
Фотографија: picture alliance / Zoonar

Охридското Езеро е и светско културно и светско природно наследство, а такви во светот има само 39, пишува весникот „Зиддојче цајтунг“ на почетокот од својот долг текст посветен на македонскиот бисер, кој е загрозен од човекот. Наведувајќи дека езерото е старо 1,36 милиони години и дека во него живеат многу видови кои ги нема на друго место во светот, или кои на други места одамна изумреле, во текстот натаму се вели:

„'Езерото е музеј на живи фосили', вели Искра Стојковска, основачка на невладината организација Фронт 21/42 која се залага за заштита на животната средина во Северна Македонија. Досега во и на Охридското Езеро е докажано постоење на повеќе од 200 ендемски видови. Таква густина е уникатна во светот. 'Би можело да се и многу повеќе', вели Стојковска. 'Не знаеме точно, затоа што нашата земја, за жал, инвестира малку во научни студии.' Она што е јасно, меѓутоа, е тоа дека Охридското Езеро е загрозено, заштооколу езерото се изградени илјадници илегални објекти, уништени се региони со трски, се ловат загрозени видови и раширени се инвазивни видови. Железничка линија треба да минува на само неколку метри од брегот, се сушат влажни подрачја околу езерото. Нема политичка волја за промена на состојбата со загрозувањето, вели Драгана Велковска од Охрид СОС: 'Многумина од оние што се на власт немаат соодветна експертиза, а тоа најмногу го загрозува регионот. Тие само сакаат да ги задоволат биснис-интересите на неколку луѓе.'“

Повеќе:Кој го загадува Охридското Езеро - инспекторите излегуваат на терен

Проблемите на Охридското Езеро можат многу јасно да се видат во Радожда, пишува „Зиддојче Цајтунг“:

„Веќе на патот кон Радожда се наидува на огромни купишта ѓубре на само неколку метри од брегот. Се минува малото гратче Струга, каде еден до друг се наредени барови на плажата и каде од чадори за сонце и лежалки речиси и не се гледа крајбрежјето. Тука туристите се капат и бараат разладување во жешкото македонско лето. Кога ќе се дојде во Радожда, не се гледа ниту еден капач. Теписи од алги се шират на езерото, водата е зелена и матна. Нетипично за Охридското Езеро, зашто тоа е особено сиромашно со хранливи материи и поради тоа е всушност кристално чисто. Освен тоа, смрди на фекалии - многу куќи во селото не се приклучени на канализациска мрежа и канализацискиот отпад завршува директно во езерото. Сето тоа се чини не им пречи на туристите. Тие седат на хотелските тераси, наведнати над езерото по неколку метри и јадат свежо уловена риба. На менито е белвица. Нејзе ја има само во Охридското Езеро, загрозена е од изумирање. Затоа, има строги правила за ловење на видови како што е белвицата или охридската пастрмка. Но, до нив не се придржува никој, вели Владимир Трајановски, активист во Охрид СОС. 'Постојано се јавуваме во полиција и кажуваме дека има илегален риболов, но не се случува ништо.' И, не е проблем само тоа. Неодамна во езерото биле додадени нови видови. Делумно свесно, за рибарите да можат да ловат нови видови пастрмки, а делумно несвесно: 'Рибарите ги користат своите бродови и во други езера, со што во Охридското Езеро внесуваат и инвазивни микроорганизми. Тоа се мали количества, но со децении тоа влијае врз екосистемот', објаснува Стојковска.“

#dw_BalkanBooster: Проблеми во рајот

Во текстот се прикажува и проблемот со уништување на подрачјето со трски околу езерото, кои се палат за да „никне камп, нова плажа или ресторан“. Последиците се чувствуваат - „ако во 1989 година на македонската страна на Охридско Езеро живееја 79.000 птици, во 2010 година ги имаше само околу 10.000“.

Добриот дух на Охрид

Весникот потсетува дека УНЕСКО повеќе години предупредува оти Охрид ќе го загуби статусот на светско наследство доколку уништувањето продолжи и бара преземање мерки.

„На седницата одржана во јули УНЕСКО одлучисѐ уште да не го става Охридско Езеро на листата на природни богатства во опасност, наспроти поинаквата препорака на ИУЦН (International Union for Conservation of Nature and Natural Resources), која го советува УНЕСКО по прашања на заштита на природата. Како и во 2019 година, УНЕСКО и сега на Северна Македонија и Албанија им дава повеќе време за спроведување на барањата. Активистите се разочарани. Само ако Охридско Езеро се најде на таа листа, според нив, може да се изврши неопходен притисок врз владата за конечно да преземе мерки. Активистите велат дека членови на Охрид СОС постојано добиваат закани од политичари или се исфрлани од сослушувања. Пред повеќе години, како што раскажува Трајковски, новинар близок на владата отворил фалсификуван имејл на име на Охрид СОС, преку кој ширел лажни вести со цел да го дискриминра движењето и да го направи неомилено кај населението. Но, активистите не сакаат да попуштат. 'Ако политичарите продолжат вака, тогаш ние сме генерација која го уништила најстарото езеро во Европа', вели Стојковска. Излезот, според активистите, е откажување од масовен туризам. Наместо илјадници посетители, кои доаѓаат пред сѐ во јули и август, подобро е да има помалку посетители кои ќе доаѓаат во текот на цела година и кои во текот на одморот ставаат акцент на одржливоста. Стојковска е сигурна дека ваков екотуризам е иднината. Сега тоа мора да го сфатат и политичарите, смета таа. 'Ако успееме да го спасиме езерото од нашите политичари, тогаш има надеж', вели Стојковска. 'Охридското Езеро е старо над милион години. Ако сега престанеме со уништување, тогаш езерото може да се регенерира'“, се вели во текстот „Охридско Езеро: Екосистем кој умира“ објавен во „Зиддојче цајтунг“