1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Руска конкуренција за Гугл

Џенифер Фрацек / Елизабета М. Фиданоска19 октомври 2013

Американскиот концерн Гугл со својата пребарувачка машина се чини владее со дигиталното знаење во светот. Тоа на некои држави не им се допаѓа. Сега Русија сака да стартува сопствен пребарувач.

https://p.dw.com/p/1A2Zd
Фотографија: picture-alliance/dpa

Државната машина за пребарување треба да се вика Спутник, како сателитот кој во 1957 година ги вивна Русите во трка со Американците за вселената. Според медиумски извештаи, Кремљ има намера да издвои 20 милиони долари за развојот на Спутник.

Намерата е насочена не само против водечкиот на пазарот, американскиот концерн Гугл, туку и против една комерцијална домашна понуда, чиј успех на државата и‘ е очигледно сомнителен. Во Русија веќе постои пребарувачот Јандекс, кој успеа да му одземе на Гугл парче од колачот во таа земја. Имено, во меѓувреме, меѓу 45 и 60 проценти од пребарувањата по интернет во Русија се одвиваат преку Јандекс. За разлика од Гугл, алгоритмите за пребарување се усогласени со кирилицата и даваат подобри резултати од пребарувањето.

Logo von Yandex
Логото на Јандекс

Јандекс има намера да се проширува и во други земји, но Гугл е во моментов надмоќен на светскиот пазар. Не попусто „гуглање“ е поим за „пребарување во интернет“ на многу јазици во светот.

„На глобално ниво, конкуренција е само Бинг, големата машина за пребарување на Мајкрософт“, вели Џо Багер, уредник во компјутерското списание „c't“. Но дури и Бинг, во најголемиот број земји, споредено според уделот на пазарот што го има, е многу зад Гугл. Според Стејткаунтер, претпријатие кое дава статистички податоци за интернет-комуникацијата во светот, Гугл има удел на пазарот од речиси 90%.

Screenshot Baidu.com
Водечки пребарувач во Кина - Баиду

Сериозна конкуренција американскиот конценр има само на регионално ниво. Покрај Јандекс, треба да се спомене Баиду, кој е водечки на пазарот во Кина. Баиду и Јандекс, според експертот за пребарувачи и автор, Ларс Репесгард, се успешни во нивните земји, затоа што исто како и Гугл порано и за разлика од пропаднатиот проект Ликос, се концентрираат на пребарување. Освен тоа, алгоритмите за пребарување на Гугл во Кина, слично како во Русија, не се толку успешни како во англиското говорно подрачје, поради различната азбука.

Машините за пребарување се бизнис, но и фактор на моќ во општество кое се заснова на знаење. Ларс Репесгард оценува дека Гугл има „неверојатно голема моќ“. Таа моќ не се злоупотребува јавно, но нема сомнеж дека Гугл влијае врз резултатите од пребарувањето. „Гугл не е неутрален. Тој може сосема јасно да дефинира и управува со тоа - кој што и на кое место во светот ќе види како информација.“

Google Logo
Гугл има удел од 90% на светскиот пазарФотографија: Reuters

Зошто Гугл е толку омилен? „Затоа што претпријатието прави многу работи на вистински начин“, нагласува Репесгард. Концернот брзо постигна успех со минималистички дизајн и ефициентни алгоритми, а потоа со поврзувањето на резултатите од пребарувањето со соодветни онлајн-реклами создаде вносен деловен модел. За разлика од Бинг, Гугл со пребарувањето прави пари, кои се инвестираат во нови услуги. „Така Гугл има предност и другите тешко ќе можат да го стигнат“, смета експертот.

Сепак, Гугл не смее да спие. Се наѕира тренд на вртење грб на широчините на интернетот и движење на корисниците во ограничени сфери, вели Репесгард. „Тие веќе не гуглаат толку многу како порано, туку пребаруваат во рамките на Фејсбук, или со ситем како што е Сири на Епл.“ Ова во браншата се нарекува 'Walled Garden', или оградена градина. Тука Гугл не е автоматски број 1.