1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Папандреу: Не ме интересираат македонскиот јазик и идентитет

2 септември 2011

Грчкиот премиер му открил на американскиот заменик државен секретар Стајнберг дека за него е прифатливо името Република Северна Македонија, и дека јазикот и идентитетот на соседот не го интересираат, објавува Викиликс.

https://p.dw.com/p/12S5S
Грција не бара промена на македонскиот Устав, му рекол Папандреу на ГруевскиФотографија: MIA

Грчкиот премиер Јоргос Папандреу верувал дека со властите во Скопје биле блиску до решение со предлогот „Република Северна Македонија“, и дека треба уште само да се дефинира како и каде да се користи тоа име, се наведува во телеграма на американската амбасада во Атина во која се пренесува содржината на разговорот меѓу Папандреу и американскиот заменик-државен секретар Џејмс Стајнберг од 2 декември 2009 година.

Папандреу на Стајнберг му пренесувал детали од тет-а-тет средбата со македонскиот премиер Никола Груевски која ја имал претходно.

„Папандреу на Груевски му објаснил дека позицијата на Атина за „ерга омнес“ употреба на името не е обид да се натера Скопје да го промени Уставот, туку Грција сака на тој начин да се обезбеди дека нема да следува уште една рунда обиди на Македонија да издејствува признавање на уставното име од трети земји.

Клучно за Грција е новото име да се употребува во меѓународни организации и во позначајни билатерални односи, како и да се затвори еднаш засекогаш“, се наведува во телеграмата.Папандреу му сугерирал на Груевски да ги остават настрана прашањата за идентитетот и јазикот, и да не ја отвораат таа тема.

„Грчкиот премиер почувствувал позитивен развој на првата средба со Груевски, но веќе на следната средба Груевски понудил друго име и инсистирал името и идентитетот да се викаат ’македонски’“. Папандреу му се налутил на Груевски и поради тоа што македонскиот премиер по нивната средба во Преспа јавно ги соопштил и ги коментирал ставовите на грчкиот премиер.

Македонија и Грција се природни сојузници?!

Американскиот функционер ја поздравил заложбата на Папандреу и го пофалил неговиот пристап за одбегнување на „псевдо-темите“ како јазикот и идентитетот. Стајнберг потенцирал дека евентуалното решение на спорот за името ќе биде од „непроценлива важност“ за Македонија и за регионот, во однос на нивните евро-атлантски аспирации.

James Steinberg
Стајнберг потенцирал дека евентуалното решение на спорот за името ќе биде од „непроценлива важност“ за Македонија и за регионот. фото: Џејмс СтајнбергФотографија: DW

Грчкиот премиер заклучил дека Грција има голем интерес Македонија да стане членка на ЕУ и НАТО, објаснувајќи дека „двете земји се природни сојузници и дека Грција може многу да и‘ понуди на Македонија, вклучително и инвестиции и помош во изградбата на институциите“. Папандреу на крајот побарал од Стајнберг да пренесе порака во Скопје дека тој е подготвен за решение на спорот веднаш, доколку „Груевски го прифати новото име, неговата генерална меѓународна употреба и да ги тргне настрана прашањата за јазикот и идентитетот“.

Автор: Борис Георгиевски/Викиликс

Редактор: Жана Ацеска