Папата во Сарево: Пораки на надеж
6 јуни 2015„Тој доаѓа кај нас, сака да не‘ чуе, да види како сме. Папата Франциско доаѓа кај човекот. Што очекуваат верниците, католиците? Папата Франциско е голем човек. Тој доаѓа да не‘ охрабри и поттикне на храбро живеење на сегашноста. Тој доаѓа да не‘ предупреди да не се загубиме во времето и просторот, посебно младите. Дека смислата на животот е во тоа ’да се биде’, а не ’да се има’“, објаснува за Дојче веле фра Андрија Јозиќ, жупан на жупата Дољани во општина Јабланица.
Во пресрет на посетата, членот на Претседателстото на БиХ и прв човек на одборот на дочек, Драган Човиќ изјави дека оваа посета е потврда на цврстата стогодишна поврзаност на Ватикан и народите на БиХ.
„Уверен сум дека папината порака ’Мир вам’, како што гласи официјалното мото на посетата, е длабоко вкоренета во секој од нас, дека сите со отворено срце ќе ги прифатат неговите настојувања за дополнително засилување на изградбата на универзални вредности-мир, почитување, толеранција и меѓуверски дијалог“, рече Човиќ.
Политичкиот аналитичар од Мостар, професор Саво Кукиќ потсетува оти папата Франциско е поглавар на најмасовната светска религија, но и државен поглавар на Ватикан. „Црквата која ја претставува папата Франциско заговара мир и љубов меѓу луѓето, а нам тие овде ни се потребни како вода на жеден човек. Не се сомневам дека на посетата се веселат сите граѓани, припадници на сите религии и етникуми. Потребен ни е некој кој пропагира љубов кон луѓето, кој шири енергија кон сите луѓе како божји деца, кои сами ќе мора да размислат каде води ирационалната омраза и дали таа може да биде споива со вербата во бога“, вели Кукиќ.
Јавноста уверена во позитивни ефекти од посетата на папата
Мостарскиот професор стравува оти политичарите можат да ја искористат посетата за сопствена промоција. „Се плашам од обиди сето тоа да се капитализира со нова манипулација на граѓаните, посебно на бирачкото тело. Би било добро ако пораките на папата стигнат и до политичарите и ги придвижат, но нема, омразата е нивен двигател. Така беше сите овие години, така ќе биде и по заминувањето на папата од Сараево,“ вели Кукиќ.
Младите во БиХ од различни нации и вероисповед мислат дека пораките на папата Франциско позитивно ќе влијаат врз соживотот во оваа земја.
„Овој е најдобриот папа на Католичката црква на сите времиња, најскромен и најблизок до изворните вредности на христијанството. Тој искрено сочувствува со народите на БиХ и мислам оти неговата посета на Сараево нема врска со политиката“, вели една млада жителка на Сараево.“
„Доаѓањето на Светиот татко е голем настан за сите католици, но и за сите граѓани на БиХ. Некои од младите кои ќе се сретнат со него велат дека живеат за овој ден. Мнозинството од тие млади се иднината на оваа земја, тие немаат бариери и не се ограничени со наметнатите поделби“, истакнува момче од Кисељак.
„Посетата на папата може да значи оти меѓународната заедница уште е заинтересирана за ситуацијата во БиХ. Можеби посетатата ќе придонесе и меѓународните државници да се заинтересираат за проблемите на оваа земја. Би сакал да не‘ посетат и некои од светските индустријалци кои би ни дале шанса да почнеме нормален живот, да ги заборавиме преживеаните зла, да градиме подобар живот“, вели еден граѓанин од Сребреница.
„Верувам во исклучителното значење на посетата на папата и нејзино директно придонесување кон подобро разбирање и подобрување на меѓурелигиските односи. Величината и значењето на овој настан сигурно ќе имаат важна улога во привлекување внимание од цел свет“, истакнува еден граѓанин од Сараево.
Нема волшебно стапче за БиХ
Босанскиот новинар Ѓорѓе Крајишник меѓутоа предупредува „да се нема илузии дека посетата на папата Франциско како волшебно стапче ќе донесе процут и толку посакувано помирување меѓу луѓето. „Нема да почне ново време од денот на посетата на папата. Останува и натаму да се сработи се‘ она што треба да се направи. Сите макотрпни процеси и по посетата остануваат наша обврска. Целиот ужас на социјалното секојдневие, сиромаштија, криминал и корупција, терористички закани и политичка неодговорност, сето тоа нема да исчезне со мисата на папата Франциско. Низ оваа земја поминале ешалони дипломати, мировници и верски службеници, па тоа никогаш не бил моментум кој значел пресвртница за нас“, истакнува Крајишник.
Тој објаснува дека со овој став не сака да ја обезвредни посетата на папата.
„Доаѓањето на папата Франциско симболички е голем настан за Сараево, како и цела БиХ, но тој нема да го разврзе нашиот Гордиев јазол. На крај, посетата и нашите преголеми очекувања од неа, како и лажниот оптимизам на мултикултурност која наеднаш ќе процвета, многу говори за состојбата на нашето општество. Но, да не бидам премногу песимист, се надевам дека папината порака урби ет орби навистина ќе биде благотворна за мир меѓу народите и дека проаѓањето на папамобилот на Сараево ќе значи повеќе од неодамнешното мафтање со знаменца кон турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган“, вели Крајишник.
„Во БиХ има место за сите нас“
Според фра Андрија Јозиќ, не е лесно да се прават паралели меѓу посетата на папата Јован Павле Втори на Сараево во 1997 година и Бања Лука во 2003, и денешната посета на Франциско.
„Тоа беа други времиња и околности кога дојде великиот човек на 20 век. Тој тогаш дојде во БиХ да ни ги избрише солзите, да не‘ охрабри. Папата Франциско доаѓа да не‘ охрабри да живееме сега, на овие простори. Треба да живееме едни со други, да ги знаеме и потребите на другите. Овде во оваа наша прекрасна татковина има простр за сите нас. Пораката на папата Франциско е да се сакаме меѓусебно, зашто тоа е и Исусовата заповед“, вели фра Јозиќ.