1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Папата Франциско го благослови светот

ЖА/дв/дпа/афп/ртре20 април 2014

Над сто и педесет илјади луѓе денеска се собраа на плоштадот Свети Петар во Рим за со папата Франциско да го прослават Велигден. Традиционалниот благослов Урби ет орби папата го поврза со апел за мир.

https://p.dw.com/p/1BlOg
Фотографија: Reuters

Во целиот свет треба да престанат старите и новите непријателства, побара папата во својата Велигденска порака. Упатувајќи го погледот кон тензичната ситуација во Украина, папата Франциско ги повика сите страни во конфликтот, со помош на меѓународната заедница, да побараат решение преку преговори. Папата апелираше до страните во сириската граѓанска војна да прекинат со насилствата, првенствено против цивилното население. Франциско изрази надеж во позитивен резултат од преговорите за мир меѓу Израел и Палестинците. Не останаа заборавени ни христијаните во Нигерија, папата апелираше да прекинат нивните прогони и нападите врз цркви, како и киднапирањето свештеници низ цел свет, апострофирајќи ја ситуацијата во Централноафриканската Република, Јужен Судан и Венецуела.

Радосната порака на воскреснатиот Исус на Велигден значи „да се излезе од себе за да му се појде во пресрет на другиот, приближување кон ближниот, на оној кого животот го повредил, споделување со оние кои се во немаштија, болни или стари“, рече папата Франциско.

Тој го даде традиционачниот благослов Урби ет орби, на градот и на целиот свет. На сите оние кои лично или преку телевизијата, радиото или интернет ја следеа Велигденската свечена миса, папата Франциско им посака светол и радосен празник. Тој, како и минатата година, се воздржа од изрекување на Велигденската порака на повеќе светски јазици, што го практикуваа неговите претходници, папата Јован Павле Втори и Бенедикт Шеснаесетти.

Велигден е најважниот празник на христијанството. Во него е содржана централната порака на верата, воскреснувањето на Исус Христос.