1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Парите или здравјето - што не’ прави среќни?

Гинтер Биркеншток / Зоран Јордановски1 јануари 2014

Многу луѓе кои постојано се чувствуваат несреќни, бараат помош од психотерапевти и психијатри. Дојче веле праша неколку експерти за среќа и несреќа – како тие ги дефинираат овие поими? Што е среќа, а што несреќа?

https://p.dw.com/p/1AjSI
Glücksbringer
Фотографија: Fotolia/greenpapillon

Во своето работно секојдневие Андреас Шољан првенствено е конфронтиран со темата загуба - „во лични врски, партнерства, предизвикана од разделба, смрт и драматични животни случки“. Возбудливото е дека според психотерапевтот од Диселдорф тука спаѓаат и моменти во кои „се чини дека животот се одвива посебно добро“. Повикувајќи се на своето долгогодишно терапевтско искуство, Шољан вели дека и нагла голема среќа може да го направи човека несреќен, ако за кратко време му се случат многу возбудливи настани: интересна работа, вљубување во нов партнер, стапување во брак - па уште и купување стан под поволни услови; сето тоа може да биде премногу и да те растажи.

Среќата е многу индивидуално чувство

Шољан во разговорот за ДВ го наведува примерот на двајца мажи со сосем различни судбини. Еден млад пациент, кој останал парализиран по сообраќајна несреќа за која не бил виновен, со насмевка влегол во ординацијата. На крајот на разговорот, психологот побарал од пациентот да му каже како се чувствува со оцена од 0 за целосно несреќен, до 6 за потполно среќен. Одговорот бил 4,1. Друг пациент, кој добил половина милион на лото, ја оценил својата среќа со 4,2. Овој пример, вели Шољан, јасно покажува колку е различно и индивидуално сфаќањето за среќата и несреќата.

Dr. Andreas Šoljan Adipositas-Projekt AdiPosiFit
Андреас ШољанФотографија: A. Šoljan

Тагата најчесто е здрава реакција

На сите перцепции за несреќата заедничка им е причината врз која човекот не може да влијае - болест, смрт на близок или друга загуба, вели психијатрот Роланд Урбан. Но, тој верува и дека има сили за самоизлекување: „Несреќата се намалува ако засегнатиот е во состојба да најде штогоде, да може нешто да промени - кај себе си или кај другите“. Урбан го наведува примерот на некоја жена која тагувала поради смртта на сопругот. Таа се грижела за сосетката на која и’ била неопходна помош и со тоа социјално постапување и демонстрација на љубов кон ближниот сопствената несреќа станала помала.

Roland Urban Berufsverband Deutscher Nervenärzte
Роланд УрбанФотографија: Berufsverband Deutscher Nervenärzte

Психијатрот Роланд Урбан, сепак, предупредува да не се изедначуваат несреќата и тагата со психички нарушувања или болести. Луѓето честопати велат дека се несреќни и депресивни. Но, може да е во прашање нешто сосем друго, што треба да се третира, ако е можно да се лекува, вели тој. Како пример наведува пациент заболен од Алцхајмерова болест. Тој е несреќен поради напреднатото губење на своите способности, но фактичкото е болеста, сенилноста што ја предизвикува таа. И тагата е целосно нормална реакција на еден здрав човек, вели Урбан и скептички гледа на оценките на Американското психијатриско друштво дека по четири недели тага како реакција, таа состојба може да се смета за депресија. „Така здрави луѓе се прогласуваат за болни“, смета Урбан.

Човек може и да се учи да биде среќен

Многу тешкотии во нашиот современ живот произлегуваат од мострата на однесување што сме ја научиле многу одамна. „Тоа е програма за која не сме свесни“, вели Штефан Лермер, психотерапевт и тренер во Минхен. „Свесно постојано се жалиме - другите можат нешто, јас не. Тука психотерапијата може да помогне за ослободување од програмата која го оневозможува успехот“. Кај многу луѓе дури длабоки кризи им го свртуваат вниманието кон тоа дека долго време, несвесно насочувани, го живееле животот поинаку отколку што сакале. Честопати кризите биле предизвикувани од самите пациенти, без да сакаат. Лермер ова го илустрира со примерот на некој маж, кој тагувал по жена му која го напуштила. Тие со децении живееле помирени со тоа дека таа не може да доживее оргазам во бракот. Кога некој ден му раскажала дека има чувство оти би можела да доживее оргазам со учителот по тенис, тој и’ рекол да проба. Експериметот се одвивал како што претпоставувала жената. По две недели го напуштила сопругот.

Bildergalerie Fasten Meditation
Некои среќата ја бараат преку молитвиФотографија: picture-alliance/dpa
Stephan Lermer
Штефан ЛермерФотографија: Christopher Thomas

Штефан Лермер смета дека тагата и несреќата се придружен дел на животот, како што е сенката со светлината. Стремежот кон среќа почнува со себенаоѓањето, себедефинирањето: „Мора да се запознаат сопствените потреби. Што, всушност, сакам? Што ми е важно?“ Истражувањето на среќата го нуди едноставното, но јасно сознание дека потрошувачката не го прави човека среќен. „Може да се каже дека најголем убиец на среќата е споредувањето, а најголем извор на среќата е да ги направиш другите среќни“, вели Лермер.

Порано многумина среќата ја барале во надземското, не само во верата, туку и во романтичниот копнеж тоа се промени. „Денес велиме дека среќата не е на другата страна на светот, во некој друг свет, туку е од другата страна, на другиот крај на твојата душа. Ти мораш да се обидеш да го откриеш тоа и да ја намамиш“. Среќата е како радио-брановите - тие се секогаш тука, луѓето само мора да ги примат, вели Лермер.