Парични премии за доброволно заминување од Германија
4 декември 2017Германското министерство за внатрешни работи наведува дека барањето за „реинтеграциска поддршка“ во износ од три илјади евра може да се поднесе до 28 февруари следната година. Семејствата на кои им е одбиено барањето за азил во Германија можат да добијат парична помош од 3.000 евра за станарина, изградба или обнова на домови, како и за купување кујна и реновирање на тоалет. За поединци, паричната помош изнесува 1.000 евра. Со оваа одлука се продолжува до крајот на февруари програмата „Почетна помош плус“ во рамки на проектот „Твоја земја, твоја иднина“.
Повеќе на темата:
- Од Шуто Оризари до Германија и назад
- Право на азил поради промена на климата
- Мерки за полесно протерување од Германија
Германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезиер во изјава за весникот „Билд“ им порача на лицата на кои им е одбиено барањето за азил во Германија дека, доколку се одлучат за доброволно враќање, покрај почетната помош ќе добијат и помош за плаќање на сместувањето во земјата на нивното потекло, која ќе се издвојува во следните 12 месеци. Мезиер им порачува на тие лица дека постојат перспективи и во нивните земји. „Ви помагаме во реинтеграцијата со конкретна помош“, вели Мезиер.
Според весникот Билд, правото на парична помош меѓу февруари и октомври 2017 година го искористиле само 8,639 луѓе. Во Германија во моментов живеат 115 илјади лица на кои им е одбиено барањето за азил. Од нив, околу 80 илјади добиле ткн. „дулдунг“ или толериран престој. Останатите 35 илјади треба да бидат присилно вратени.
Германските власти со години им помагаат не само на лицата на кои им е одбиено барањето за азил, туку и на оние кои поднеле барање за азил, а процесот не е завршен. На тие лица во многу случаи им се пружа и финансиска помош. Притоа се работи за преземање на трошоците за враќање. Паричната помош им се пружа и на лицата кои имаат дозвола за престој во Германија, но кои би сакале да се вратат во родната земја.