Партиските донатори параван за вистинските?
22 јануари 2016Со колку пари располага владејачката ВМРО-ДПМНЕ пред изборите, ако само за консултантски и лобистички услуги месечно плаќа по 278.500 американски долари, односно, 1 милион и 671.000 долари за шест месеци, колку што траат договорите? Овие бројки се добиваат кога ќе се соберат сумите од четирите (досега познати) договори, кои ВМРО-ДПМНЕ ги потпишала пред крајот на минатата година со американски консултантски агенции: „New Partners“ ( 54.000 долари месечно) „The Daschle group“ ( 49.500 месечно) и два договора со „Global Security and Inovative strategies“ L.L.C. (GSIS) - едниот на месечна сума од 35.000 долари, а другиот на 140.000 долари. Како потписник на последните два договора се појавува сегашниот премиер, а тогашeн секретар на партијата, Емил Димитриев. Како што пишува во договорите, во овие цени не спаѓаат административни, трошоци за патувања и други расходи, што значи дека овие суми не се конечни. Сумите дадени за лобирање, кое е легална и легитимна активност, само го отворија прашањето што во македонската политичка практика и натаму е најдобро чуваната тајна: од кои извори се финансираат политичките партии?
„Ако една партија дава околу два милиони долари за лобистички услуги за шест месеци, тогаш за избори 'ќе фрли' најмалку пет-шест пати повеќе“, вели поранешен функционер. Тој смета дека во Македонија не постои волја да се стави крај на матното финансирање на партиите и дека законската регулатива само ги „покрива“ тие состојби.
Главно членарини
Политичките партии се финансираат од јавни и приватни извори на финансирање. Јавни извори се финансиските средства предвидени со буџетот, кои се планираат за секоја фискална година. Вкупните средства за годишно финансирање на партиите се во висина од 0,06% од вкупните изворни приходи на буџетот. Приватни извори на финансирање се членарина, донации, услуги, продажба на промотивен и пропаганден материјал, и сопствени приходи, согласно со законот за финансирање на политичките партии.
„ВМРО-ДПМНЕ главно се финансира од членарини“, вели директорот на партискиот Центар за комуникации, Иво Котевски. Тој не е запознат со финансиската состојба на партијата и најавува дека сите податоци за приходи и расходи, согласно со законот, ќе бидат објавени во Годишниот извештај.
Партиски извори, пак, тврдат дека износот на членарината е најконстантен, но не е најголем извор на средства во партиската каса. Според законот, износот на членарината за период од една година на секој член поединечно, не смее да биде повисок од една просечна исплатена нето плата во претходната година, што ја објавува Државниот завод за статистика.
Посебна тема е имотот што го поседуваат партиите. Во октомври лани, опозицискиот СДСМ ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека купила огромен имот: 63 објекти на различни локации во земјата, најмногу во Скопје, со вкупна површина од речиси 12 илјади метри квадратни (без земјиштето), а прикажала приход помал од четири милиони евра. Колку вреди имот на ДПМНЕ - прашаа социјалдемократите. Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека СДСМ има вреден имот повеќе од пет милиони евра кој е наследен од Сојузот на комунисти.
Лажни донатори
Податоците за финансиите со кои располагаат политичките партии во Македонија, до денес реално не станаа достапни за јавноста. Формалната транспарентност се темели на законската обврска партиите да достават Годишен извештај за приходи и расходи до Државниот завод за ревизија (ДЗР), до УЈП, до Државната комисија за спречување корупција и да го објават на нивната веб-страница или во јавно гласило. Партиите ја исполнуваат оваа обврска. Но, проблемот е во „квалитетот“ и вистинитоста на информациите што тие ги доставуваат, а досега ниту една надлежна институција не спровела ревизија за да ги провери, иако сомнежите одамна се отворени преку јавни признанија дека како „донации“ се прикажуваат финансиски средства кои никогаш не биле дадени од страна на посочените „донатори“. Марјан Стаменковски од Крива Паланка, член на ВМРО-ДПМНЕ од 1994 година, во интервју за неделникот „Фокус“ (25. 4. 2014, бр. 968) изјави дека тој и неговата сопруга никогаш не донирале по 1.000 евра за партијата. По 1.000 евра не дале, ниту можеле да дадат и неговите 11 вработени, кои имале месечни примања по 8.000 денари. Но, и нивните имиња биле на списоците за донации за парламентарни избори во јуни 2011 година. Прв со вакво тврдење се огласи и Самоил Малчевски, поранешен студентски лидер и член на ВМРО-ДПМНЕ. Изјави дека тој, неговата мајка и сестра се нашле на листата на донатори на партијата на власт за парламентарните избори во 2006 година, а не донирале ни денар.
Системски слабости
Од партии до бизнис-империи: кои извори на средства се сокриваат зад имињата на дел од „донаторите“? На овие прашања со години нема одговор. Извештајот за приходите и расходите на партиите за 2015 година, јавноста ќе може да ги види по март. Повторно ќе има многу имиња, но прашање е дали зад нив се вистинските извори на финансирање. Д-р Слаѓана Тасева, претседател на Транспаренси интернешнел - Македонија, вели дека битката за транспарентност никогаш не престанала.
„Многу често сме ги повикувале и ДЗР и УЈП, да ги контролираат изворите на финансирање на партиите и нивните расходи. Од ДЗР одговорот беше дека немаат доволно капацитет и дека извештаите на партиите не се доволно детални и не ги содржат потребите информации за приходи и расходи. Пред изборите во 2011 година, пред седиштата на Државниот завод за ревизија и Државната комисија за спречување корупција, специјално поставивме билборди со пораката 'Избори се', за да ги потсетиме да се изборат за својата надлежност и дека не се доволно независни“, вели Тасева.
По извршените ревизии, во годишниот извештај на ДЗР за 2014 година, меѓу другото, се констатирани следните состојби: „Не се презентирани податоци за начинот на уредување на меѓусебните права и обврски со правните/физичките лица за користење на изнајмениот деловен простор; кај дел од политичките партии и коалиции не е воспоставен регистар на донации согласно Правилникот за формата, содржината и начинот на водење на регистар на донации за време на изборна кампања“. ДЗР ги истакнaл и „системските слабости“ за кои надлежните треба да преземат активности за нивно надминување: „Настојувањето донираните средства за изборна кампања да се поврзат со конкретен расход во практика е применливо во случаи каде може да се лоцира конкретен расход, но не и кај физички и правни лица кои донираат парични средства; допрецизирање на начинот на затворање на сметката на изборната кампања, од причина што укинувањето на законската обврска за затворање на сметката за изборна кампања по исплатениот надомест на трошоци создава можност дел од обврските да се платат од извори кои не се наведени во Изборниот законик и оневозможува доследно почитување на обврската за вршење ревизија до завршување на трансакциите на таа сметка“.
Има и ред други забелешки, но според нашиот соговорник, нема потези кои ќе ја сменат детектираната состојба.
„Нештата се така поставени, што на партиите треба да им даваме бланко доверба дека нивните извештаи се вистинити. Сѐ додека е така, без конкретни механизми за ревизија до последниот добиен и потрошен денар, всушност се инвестира во замаглување на работите. А токму овој сегмент, е најмногу поврзан со услови за фер избори. Затоа и се чудам што никој не го спомнува“, вели поранешниот функционер.