Партијата е државата
11 декември 2019По расцепот на ВМОРО (Внатрешно Македонско-Одринска Револуционерна Организација), што се случило на Рилскиот конгрес во 1905 година, се формирале две идеолошки различни крила на организацијата, па така десното крило го добило името ВМРО, а левото крило продолжило да егзистира како МОРО (Македоно-Одринска Револуционерна Организација). Младотурската револуција овозможила од приврзаниците на левото крило во кафулето „Сплендид палас“ во предградието на Солун да се формира првата лево ориентирана партија која делувала на територијата на Македонија и која го добила името Народна федеративна партија (бугарска секција). На основачкиот конгрес учествувале 33 делагати-основачи од цела Македонија, меѓу кои попознати се Димитар Влахов од Солун, Јане Сандански, Тодор Паница и др. Димитар Влахов бил избран за прв претседател на партијата и набрзо потоа станал и првиот пратеник на таа партија во Отоманскиот парламент.
Во истиот временски период и приврзаниците на десното крило ВМРО, отпочнале со активности за формирање на првата десно ориентирана партија која делувала на територијата на Македонија. Исто така во Солун, истата 1908 година се формирала партијата Сојуз на бугарските уставни (конституциони) клубови. Основана била од тогашната буржоазија, а меѓу поистакнатите основачи биле Андон Димитров, кој бил избран за претседател на партијата и Христо Батанџиев, кои воедно на 23 октомври 1893 година биле и основачи на Македонската Револуционерна Организација. Симеон Радев од Ресен и Кирил Прличев, синот на великанот Григор Прличев исто така биле помеѓу основачите, а Д-р Христо Татарчев, иако не бил дел од оваа партија, сепак силно ја поддржувал. Оваа десно ориентирана партија освоила двајца пратеници во отоманскиот парламент, Тодор Павлов од Скопје, кој имал завршено социјални науки во Швајцарија и Панчо Дорев од Битола. И двете партии биле забранети и егзистирале на политичката сцена по околу 1 година.
Некаде во март 1943 година од партизаните чии одреди гордо ги носеле имињата на славните илинденци и македонски револуционери од македонската револуционерна организација, формирана e Комунистичката партија на Македонија. Под ова име егзистирала до 1952 година кога е преименувана во СКМ, за во април 1991 година да се именува како СДСМ.
На 17 Јуни 1990 година е формирана ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш започнува политичкиот плурализам во Македонија, со што почнува да се гради македонскиот демократски систем.
Семе на раздорот
Факт е дека, историски, првите партии кои се појавиле на македонската територија и во која членувале Македонци, произлегле од иста организација, од Македонската револуционерна организација. Потоа толку се антагонизирале, толку се поделиле, што станале крвни непријатели, па тоа резултирало со неподносливо голем број на меѓусебни атентати, убиства и терор. Се јаделе и уништувале меѓу себе како да се најлути непријатели. Тогаш како да се посеало семето на раздорот, кое еве до денес не можеме да го искорениме.
Потоа, кога е формирана ВМРО-ДПМНЕ, формирана е од народот, од луѓе кои не биле, но и од луѓе кои формално биле членови на Сојузот на комунистите на Македонија. Некои од нив биле и видни членови на Сојуз на комунистите, а некои, ако не грешам, биле и видни и истакнати членови на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Македонија (ССРНМ). Ако ги земеме овие факти, некој може, иако тоа ќе биде многу смело и не сосема точно, да заклучи дека и вториот пат кога се формирале партии во Македонија, повторно како да произлегле од членови, приврзаници и/или поддржувачи на иста организација или движење, како што било на пример и партизанското. И повторно истото семе на раздорот, повторно исто ниво на антагонизам, на поделби и омраза, небаре станува збор за две завојувани племиња. Самоуништувачки.
Чувството за припадност кон партијата стана најјако и највозвишено
Одамна посеаното семе на раздорот продуцираше едно ново ниво на припадност, појако и од припадноста кон нацијата, семејството, пријателството. Чувството за припадност кон партијата стана најјако и највозвишено чувство кое ги тера партиските членови да бидат подготвени сé да направат за партијата, па дури и да се скараат со семејството, пријателите, сограѓаните. Оваа припадност стана појака и од припадноста кон религијата. Според светски познатата енциклопедија Британика, религијата е поврзаност на човечките суштества со она што тие го сметаат за свето, возвишено, апсолутно, духовно, божествено или достојно за посебна почит. Ако ова е дефиницијата за религија, тогаш што би било дефиниција за чувството на припадност кон партијата? Каква е таа сила, која е таа заслепеност и кои се тие догми кои пропишуваат дека секој кој ќе се огреши на партијата станува предавник, однароден шпион, мета кон која секој лојален член на партијата и секој платеник, треба без размислување да пука и плука. Догмата оди дотаму што ако некој бил пријател со некој таков предавник, пријателството мора веднаш да престане. Пријателот мора да стане непријател, со кој ако те видат, веднаш и ти стануваш предавник, непријател, шпион, отфрлен, избегнуван, небаре лепрозен. Страшно, примитивно, лудо.
Претходни колумни од авторот:
Ни треба херој (We need a hero)
Македонци бестрашни и Македонци страшливци
Што значи да и` згрешиш на партијата?
Прв и најопасен грев, е да му згрешиш на лидерот. На семоќниот владетел, модерниот монарх, човекот што ја има апсолутната власт над се` и секого во партијата. Тогаш ти нема спас. Тогаш сета партиска инфраструктура која се состои во единица за медиумско линчување, Фејсбук расчеречување и Твитер масакрирање од една страна, и административно-полициско-обвинителски структури од друга страна, преку ноќ ти станува најопасниот непријател што некогаш си можел да го замислиш. Тогаш стануваш свесен на каква опасна структура си припаѓал. Ирелевантно е што ставовите кои ги имаш, сметаш дека се во корист на државата, ако тие се спротивни на интересите на семоќниот партиски султан или на некој од врхушката, тогаш ти си предавник и ќе бидеш безмилосно линчуван.
Да, партијата е новата извитоперена религија. Ако си член на партијата, а уште повеќе ако си нејзин функционер, мораш да го повторуваш тоа што лидерот го мисли и што ќе го каже. Спротивставувањето на лидерот е врвното злодело кое треба да се казни најстрого. Умот може да ти биде слободен се` додека таа слобода на умот е во функција на партијата и лидерот. Затоа партијата може да се критикува само скришно, тивко и внатре. Јавно изразено несогласување е ерес, злодело кое е насочено против партијата и семоќниот, па секое јавно спротивставување за било која работа води кон политичка ликвидација. Партиската пропаганда е оружјето, кое или е на твоја страна, те фали величи, глорифицира или е против тебе и те линчува, масакрира. Тоа што таму работат истите луѓе и во едниот и во другиот случај, тоа што тоа се луѓе со кои си јадел, пиел, си делел и лошо и добро, тоа нема врска. Една грешка и пријателите ти стануваат хиени, кои се спремни да те јадат и расчеречуваат со едно неописливо ниво на грозотија и примитивизам. Во исто време, тие што до вчера те расчеречувале, ако им одговара тој судир, или твојот став, ти стануваат пријатели и престануваат да те омаловажуваат, масакрираат и навредуваат. Пријателите ти стануваат волци, а волците пријатели. Како и да ја вртиш, волци те јадат. Безмилосно и дивјачки. Ако си дел од партија, која и да е, тогаш, како да си нејзин роб, нејзина сопственост, нејзин поданик. Државата може да си ја сакаш, само ако начинот на кој ја сакаш е во рамки на официјалната политика на партијата. Нема да биде претерано ако се каже и дека партијата ни го контролира животот и кариерата. Дава сѐ, и зема сѐ. Партијата е државата!
Дали е ова нормално? Дали е ова хумано? Дали е ова демократија? Дали е нормално да мора да бидеш член на партија за да успееш, за да живееш нормален живот, за да заработуваш, да напредуваш во кариерата? Дали е нормално во држава од 2 милиони жители и околу 1.5 милиони избирачи кои живеат тука, околу 350-400 илјади граѓани да се членови на некоја политичка партија? Ова лудило мора да запре. Семето на раздорот мора да го уништиме. Знам, партиите се основна клетка на демократијата и без партии нема демократија, ама и без внатрепартиска демократија нема демократија. Зошто? Затоа што која и партија да дојде, лидерот е семоќниот, возвишениот господар над се` и секого во партијата. А кога ќе дојде на власт и во државата. И така престанува демократијата, која останува само фраза која папагалски се повторува пред странци и за на телевизија. Дома, во партијата, си се знае. Строго почитување на догмите, изразена хиерархија и субординација.
Да се поправи оваа аномалија во македонската демократија
Предлагам заеднички да се избориме против ова модерно ропство. Предлагам решение во 10 точки. Предлагам, најпрво да се донесе закон кој ќе наложи партиите да мора јавно да ги објават сите свои членови, и сите членови на органите на управување. Второ, да се донесе закон со кој ќе се ограничи мандатот на лидерот на најмногу 2 мандати или 8 години, без право на повторен избор. Трето, да се забрани со закон, основ за исклучување од партијата да биде припадност кон партиска фракција или јавно изразен став. Четврто, да се забрани партиско стимулирано формирање на лажни профили и говорот на омраза да се санкционира и во рамки на партијата. Петто, да се демократизира начинот на донесување на одлуките во рамки на партијата, односно да се избегне можноста за апсолутизам. Шесто, да се забрани вработување во јавната администрација на членови на политичка партија. Членовите и раководството на партиите треба да се стремат да управуваат со државата, а не да се вработуваат во јавната администрација. Седмо, да се забрани непотизам во партиските тела и државните институции. Осмо, да се оневозможи партиски реваншизам и партиско политички прогон, преку реформа на институциите за борба против корупцијата и кривичното законодавство. Деветто, да се донесе кодекс на однесување за членовите и функционерите на партијата, чиј основни столбови ќе бидат базирани на етичност, морал, интегритет, отчетност и одговорност и да се назначи орган за спроведување на Кодексот на однесување. Десетто, слободата и отвореноста на умот да биде стимулирана, а не ограничувана.
Добро, некој ќе рече па зошто молчеше, зошто не се побуни додека беше дел од партијата или пак додека беше таму и беше на позиција ова ти одговараше? Да, ќе одговорам, тоа е и мој грев. Го прифаќам и сакам да го поправам. Тој човек што никогаш не се врти назад, станува самобендисан автократ, нарцис кој никогаш не еволуира. Самобендисано и арогантно е секогаш и за секоја постапка да се бара некакво самооправдување. Чувствувам дека имам обврска, по се` што сум поминал и видел во политиката, да се обидам да ги исправам овие појави во системот кои исклучително негативно влијаат врз нацијата и развојот на демократијата. Затоа и ова го пишувам, и затоа ќе делувам активно со цел да се обидам, да се поправи оваа аномалија во македонската демократија.