1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Партијата на Церар победи на изборите

БГ/бета/миа14 јули 2014

Словенија ќе добие нова, најверојатно, лево-центристичка влада, која се очекува да ја предводи Миро Церар. Тој вчера однесе убедлива победа на изборите со својата новоформирана партија.

https://p.dw.com/p/1CcM2
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Новата левоцентристичка партија на Миро Церар (на фотографијата) победи на предвремените парламентарни избори во Словенија, според излезните анкети. Коалицијата на Церар, која беше создадена пред еден месец, освои 36,9 отсто од гласовите. На второ место со 19,2 отсто се наоѓа десноцентристичката Словенечка демократска партија (СДС) на поранешниот премиер Јанез Јанша, кој се наоѓа во затвор за корупција.

Трета со 9,7 отсто е Демократската партија на пензионерите (ДеСУС) на министерот за надворешни работи Карл Ерјавец.

Доцна синоќа, Церар изрази задоволство поради победата на неговата партија. „Резултатот е навистина добар, тоа говори дека луѓето одбраа приврзаноста кон една друга политичка култура која нема да биде разбивачка и која ќе донесе излез од кризата“, изјави Церар. Тој најави дека за формирање на новата влада ќе разговара со сите, освен со партијата на поранешниот премиер Јанез Јанша.

Од партијата на Јанша оценија дека изборите не биле чесни и оти нивниот резултат не е легитимен. Јанша издржува двегодишна затворска казна поради корупција, а вчера му беше одбиено барањето да излезе од затвор и да гласа на изборите.