1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Не ризикувајте – на пат само со важечки пасош

ДТЗ
7 јули 2021

Од грчката амбасада во Скопје велат дека уште немаат донесено одлука дали ќе им се дозволи влез во земјата на граѓани со истечени документи. Ова е нова ситуација за нас, велат од амбасадата за ДВ.

https://p.dw.com/p/3w7Ct
Nordmazedonien Reisepass
Фотографија: Petr Stojanovski

Најсигурен начин за патување во странство е со патна исправа на која не ѝ е истечен рокот на важење. Ова е пораката којашто Министерството за надворешни работи ја упати до македонските граѓани, откако дел од нив почнаа да се соочуваат со проблеми при обидот да ја напуштат земјата или да се вратат во Северна Македонија со истечен патен документ. И покрај законските измени со кои се пролонгираше важноста на истечените документи до крајот на годинава и нотата којашто ја испрати МВР до странските амбасади, со кои ги извести за ваквата одлука, голем дел од земјите сѐ уште немаат донесено одлука како ќе постапат. „Ова е нова ситуација за нас“, велат за ДВ од грчката амбасада во Скопје, од каде објаснуваат дека досега немало ваков случај и барање од некоја држава да се пролонгира важноста на документите по нивниот истек. 

Се разгледува нотата од Скопје

Голем број македонски граѓани коишто во меѓувреме се затекнале во странство со истечени документи, но и оние коишто поради пандемијата не успеале навреме да ги заменат пасошите, а итаат да заминат на одмор, се во недоумица што да прават. Македонската граница тие ќе ја поминат без проблем, но неизвесно е како ќе ги поминат европските граници без валидни документи. Дел од туристичките агенции одбиваат да уплаќаат аранжмани на граѓаните кои немаат валидни документи, а најголем е притисокот за патување во соседна Грција, којашто е најчеста дестинација за годишните одмори на македонските граѓани.

-повеќе на темата: Линиите на МВР се „вжештија“, до термини за нови документи се доаѓа се потешко

„Ја примивме нотата со барањето на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија за пролонгирање на важноста на истечените документи и во моментов таа се разгледува“, велат од Канцеларијата на грчката амбасада во Скопје за ДВ. Според нив, станува збор за бирократско прашање и нова ситуација со каква што досега не се соочиле. Вакво барање досега не било упатено до грчките власти од друга земја, поради што оваа ситуација ќе треба да се разгледа и да се донесе одлука како ќе се постапи во однос на граѓаните со истечени документи коишто ќе сакаат да влезат во земјата.

Апел на МНР

И од МНР апелираат до граѓаните да не избрзуваат и навреме да ги обноват документите пред да се одлучат да патуваат. „Ги повикуваме сите наши државјани што живеат на територијата на Република Северна Македонија да се обратат навремено до Министерство за внатрешни работи, како единствена надлежна институција за издавање патни исправи во земјава, и да побараат навремено издавање на соодветни патни исправи, како единствен сигурен начин за патување во странство“, велат од МНР за ДВ.

-повеќе на темата: Чекајќи ги пасошите, ќе поминат одморите

Во време кога голем број на државите во светот воведоа ограничување на движењето со т.н. карантин и останати рестриктивни мерки, предизвикани од пандемијата Ковид-19, одреден број македонски државјани кои живеат во странство не беа во можност да извадат нови патни исправи, додека на постојните им истекуваше валидноста.  За да им се помогне и да им се олесни патувањето кон нивната матична држава, со иницијатива на Министерството за надворешни работи и декрет на Владата, Собранието ги помина измените и дополнувањата на Законот за патни исправи за сите македонски државјани, со што важноста на патните исправи чиј рок на важење истекува по 31.07.2021 година, се продолжи до 31.12.2021 година.

Nordmazedonien Reisepass
Наплив за обновување на истечените патни исправи има особено во главниот град, каде термини за нови документи можат да се добијат дури во августФотографија: Petr Stojanovski

За оваа измена, преку дипломатската мрежа известени беа сите државни власти на сите земји од светот. „За жал, и покрај сите напори што постојано се вложуваат, сепак има држави кои потешко се адаптираат на овие промени и ваквите исправи не ги третираат во целост соодветно со измените на законот“, велат од МНР.

-повеќе на темата: САД со порака до Спасовски: мора да се заштити системот за издавање пасоши

Министерството за внатрешни работи од вчера започна со издавање на документи со новото име „Република Cеверна Македонија“. Пасошите со натписот ,,Република Македонија“ ќе важат до истекот на рокот на нивното важење, а најдоцна до 12 февруари 2024 година, но документи со новото име се очекува наскоро да почнат да се издаваат.

Наплив за обновување на истечените патни исправи има особено во главниот град, каде термини за нови документи можат да се добијат дури во август. Во останатите градови термини се добиваат за неколку дена.