Пауел - сочуство за Трајковски
27 февруари 2004"Бев шокиран и тажен поради веста за трагичната смрт на претседателот Борис Трајковски. Тој беше човек кого го познавав и му верував, почитуван колега и пријател", изјави американскиот државен секретар за надворешни работи Колин Пауел по повод веста за уривањето на авионот со кој претседателот Трајковски патуваше за Мостар. "Претседателот Трајковски беше исклучителен лидер за сите граѓани на Македонија. Тој ги поседуваше најдобрите особини на мудрост и сочувствителност и повеќе од кој и да е друг лидер ги применуваше овие особини во владеењето на неговата земја и го извлече народот на Македонија од криза и поделби кон опоравување и толеранција. Тој зад себе остави наследство на американско-македонско пријателство што никогаш не било поцврсто", изјави меѓу другото Пауел. Според него, Трајковски ќе остане запаметен преку политиката на помирување во земјата и преку неговите напори за промовирање на интеграцијата на Македонија во евроатлантската заедница. Пауел информира дека телефонски разговарал со претседателот на македонскиот парламент Љупчо Јордановски кому му изразил сочуство од името на претседателот Џорџ Буш и американскиот народ.