Драматично тешка состојба во францускиот Алзас
27 март 2020Лекарите пријавуваат драматични состојби во францускиот регион Алзас. Во универзитетската болница во Стразбур медицинскиот персонал работи дури и ако е заразен со коронавирус, а пациенти постари од 80 години повеќе не добиваат поддршка од респиратори.
Наместо тоа, на постарите лица им се дава само „нега за крај на животот со опијати и апчиња за спиење“, наведуваат вработени во германскиот Институт за кризна медицина од Тибинген во допис до властите во покраината Баден-Виртемберг, која граничи со Алзас.
- Коронавирусот и етиката: Кого да спасуваат лекарите?
Германските медицински експерти ја посетиле болницата во Стразбур во понеделникот, и по враќањето предупредиле од „реална закана“ поради влошената ситуација. Тие ги повикуваат локалните германски власти да се подготват „под итно“ во случај епидемијата да го достигне тоа ниво и од другата страна на границата.
Според извештајот кој го пишуваат експертите, по еден пациент со потреба од респиратор се пријавува во болницата во Стразбур секој час. Сега во болницата има 90 кревети со неопходната опрема, но се работи на проширување на капацитетот. Само тројца од 90 пациенти на интензивна нега биле помлади од 50 години и без претходни болести. Сите пациенти кои можат да се движат и немаат ургентна потреба од нега се отпуштаат од болницата. Алзас е еден од најтешко погодените региони во Франција. Се смета дека верски собир во градот Милуз во февруари придонел за драматичното ширење на вирусот во регионот, но и во целата земја.
Во Франција во моментов има 20 илјади случаи на коронавирус, а 860 луѓе починаа од болеста.
Армијата во регионите на Стразбур и Милуз подготвува болници на отворено и пациенти се префрлаат таму. Освен што има голем недостаток на болнички кревети и опрема за заштита, се помалку има и медицински персонал кој може да го опслужува големиот број болни. Болниците веќе почнаа да ангажираат и лекари од други оддели како педијатри, па дури и студенти по медицина. Пет медицински работници во Франција веќе починаа како резултат на коронавирусот.