Пеликанистите од Турција
20 април 2019Во оваа недела кога беше објавен извештајот за слободата на медиумите на Репортери без граници (состојбата на Балканот се влошува) еве една приказна како новинарите стануваат дел а потоа одржуваат авторитарен режим и создаваат слика за демократија. Турција е на 157. место од 180 држави кои се наоѓаат на индексот на Репортери без граници. Тоа, во основа, не е ништо ново, затоа што со години властите таму ги прогонуваат независните новинари, неколку десетици од нив се наоѓаат во затворите, многумина од нив осудени на долгогодишни казни, затоа што ја ставаат под сомнеж вистината што ја пропагираат властите. Но една група новинари, која не е мала, е задолжена да ги замолчува сите што мислат поинаку, од граѓанското општество до претставниците на опозицијата. Таа група неформално ја нарекуваат „кликата Пеликан" и таа има неверојатна моќ во сите нивоа на турската власт, а нејзиното влијание се протега дури до канцеларијата на претседателот Реџеп Таип Ердоган.
Се разбира, еден толку моќен претседател и неверојатно искусен политичар како Ердоган не може своите одлуки да ги донесува врз основа на сугестиите на луѓето што во Турција ги ословуваат како „пеликанисти“, но нивната задача е да го етаблираат јавното мислење според желбите на највисоките врвови на власта, а многу често да го подготват општеството за одлуките што треба да се донесат. На прв поглед изгледа дека во работењето на оваа мрежа не е ништо поразлично од она што беше во Македонија до пред две-три години (да се присетиме и на озлогласената „Фабрика“ од пред петнаесетина години) или со она што се случува денес во Србија, на пример. Но турскиот случај е поспецифичен, и поради големината на земјата, и поради големината на моќта, а веројатно и поради парите што се во оптек.
Информациите за распространетоста на мрежата се појавуваат одвреме-навреме во независните турски медиуми, во изјавите на некои членови кои ја напуштиле групата, а дури и невнимателно се појавија нејзините контури по локалните избори на 31 март кога опозицијата, за многумина неочекувано, ги освои четирите од петте најголеми градови во земјата, вклучувајќи ги Истанбул и Анкара. Групата го доби името „пеликанисти“ во април 2016 година кога анонимно беа објавени документи наречени „фасцикли Пеликан" според познатиот филм од 1993 година „Досие Пеликан", во кои беа наведени сите несогласувања меѓу претседателот Ердоган и тогашниот премиер Ахмет Давутоглу. Овие 27 документи беа отворен напад врз Давутоглу, кој беше принуден некој месец подоцна да поднесе оставка и беше заменет со Бинали Јилдирим, човекот од највисока доверба на Ердоган, кој потоа водеше огнена кампања на референдумот за промена на уставот со која се укинуваше неговата сопствена улога како премиер. Јилдирим потоа стана спикер на парламентот, па беше избран од Ердоган како кандидат за градоначалник на Истанбул, но ги изгуби изборите од кандидатот на опозицијата Екрем Имамоглу со неверојатно тесни 14 илјади гласа разлика.
Мрежа на уредници и колумнисти
Во оваа група се највлијателните колумнисти на големите провладини весници, особено на „Сабах“, кој е сопственост на „Туркувас медиа груп", на чие чело е Серхат Албајрак, брат на Берат Албајрак, министер за финансии и зет на Ердоган за неговата ќерка Есра. Фират Ерез, поранешен член на групата, за дигиталниот весник „Ахвал“ раскажа како дејствува оваа мрежа преку повеќе веб-сајтови и преку тинк-тенкот од Истанбул „Босфор глобал". Според Ерез, основната цел за формирање на групата била да се креира присуство во јавноста на Партијата за правда и развој (АКП) на Ердоган, да се промовираат нејзините активности и да се проверуваат критичките вести. Но како што бидува во авторитарни општества, нејзините апетити растат сразмерно со големината на моќта на шефот на државата, па „пеликанистите“ коципираат своја агенда, чија единствена задача е нив да ги ги држи што поблиску до центрите на одлучувањето. Ерез вели: „Јасно е дека оваа група не е дел од организацијата на АКП, државата или владата, но тие се инфилтрираа во овие институции и во медиумите и сакаат да влијаат врз настаните во корист на сопствената тајна агенда".
Кога Ердоган неодамна, по локалните избори беше во Москва на разговори со Владимир Путин, се појави фотографија од неговиот авион при враќањето, каде што тој е во друштво со кремот на „пеликанистите“, неколку главни уредници и многу влијателни колумнисти. Веднаш потоа владејачката партија објави дека ќе ги обжали резултатите од изборите во Истанбул и побара од Врховниот изборен совет гласањето во клучниот турски град да се повтори, наведувајќи неправилности на избирачките места. Но АКП не побара повторување на изборите за советници (каде што освои мнозинство), туку само за градоначалничката позиција, иако гласањето беше истовремено. Изборната комисија уште не ја донела конечната одлука, иако Имамоглу веќе го доби сертификатот за градоначалник, па не се исклучува изборите навистина да се повторат.
Други колумни од Љупчо Поповски:
-Македонските „бурбони“ и реставрацијата
Фотографијата предизвика непријатност кај многу долгогодишни поддржувачи на АКП, па некои од конзервативните колумнисти дури побараа да се формираа нова партија затоа што сегашната била на некој начин киднапирана од „пеликанистите“. Познатата провладина колумнистка Џемиле Бајрактар напиша: „Ја примив пораката. Ердоган продолжува со 'пеликанистите‘. Па нека му е со среќа. Тоа е негов избор. Но никој веќе не може да тврди дека Ердоган не знае што се случува". Во една земја каде текстовите на познатите колумнисти имаат голема улога, овие зборови на Бајрактар покажуваат дека е можен расцеп во владејачката АКП.
Ерез дополнува: „Сите знаат дека 'пеликанистите‘ не можат да дејствуваат без знаење на Ердоган. Сите гледаат дека Ердоган е зад 'групата Пеликан‘ и почнува да ги слуша. Ова е вистински пример како се шири'пеликанизмот‘, прво преку медиумите, потоа низ партијата и државата, а се повеќе и повеќе низ општеството".
Еден од најистакнатите членови на групата, главниот уредник на провладиниот исламистички дневен весник „Јени Шафак", Ибрахим Карагул (и тој е на фотографијата од авионот), два дена по изборите ја обвини опозицијата дека извела „државен удар" со тоа што победила на локалните избори во Истанбул. Преку Твитер тој повика: „Изборите во Истанбул мора да се повторат. Затоа што на 31 март беше извршен државен удар против Турција на отворена сцена преку изборите. Тоа не беше изборна измама или корупција, туку мултинационална интервенција". АКП подоцна го поднесе барањето за повторување на изборите. Карагул потоа пишуваше дека во целата работа околу изборите прсти замешал рускиот државен медиумски сервис „Спутник“ и дека тој, всушност, е инсталација на ЦИА да ја поткопа власта на АКП. Делува нелогично? И е нелогично, како што е и тврдењето дека бил извршен државен удар преку локалните избори.
Одбрана преку напади
Кога Имамоглу го доби сертификатот за градоначалник провладините медиуми останаа без зборови. Високотиражниот весник „Хабер“ ја нарече одлуката „контроверзна“, нагласувајќи дека е важна жалбата на АКП за барање за повторни избори; друг провладин весник „Таквим“ ја нарече главната опозициска партија ЦХП (Републиканска народна партија) „крадци“, а додека неколку телевизии го пренесуваа именувањето на Имамоглу, а милиони го следеа преку лајв-стрим, главните телевизиски станици како НТВ, Си-ен-ен Турк и ТРТ го емитуваа во живо обраќањето на првата дама Емине Ердоган на Светскиот хуманитарен форум во Лондон. Настаните по изборите ја натераа централата на Си-ен-ен да соопшти дека во иднина ќе поработи на обуката на новинарите во нивната турска афилијација да се придржуваат до стандардите на телевизиската мрежа.
Но не се само изборите и новинарите по затворите кога е во прашање озлогласеното место на Турција на индексот на Репортери без граници. Министерот за финансии Берат Албајрак во почетокот на април беше во Вашингтон на пролетната сесија на ММФ и Светска банка, каде што имаше многу важен состанок со најважните светски инвеститори на кои на затворена средба им ја претстави програмата за излезот на турската економија од рецесијата. Познатиот американски дигитален весник „Аксиос“ пренесе искажувања на некои од учесниците од овој затворен состанок, кои средбата ја опишаа како „најлош состанок што некогаш го имале со некој висок владин функционер". Еден од присутните за „Аксиос“ ја опиша вака средбата: „Буквално не сум видел некој од администрацијата толку неподготвен. Тоа беше апсолутно шит-шоу".
Откако и „Фајненшел тајмс", Блумберг и Ројтерс објавија слични текстови за неуспехот на министерот за финансии Албајрак, „пеликанистите“ ја почнаа одбраната преку напади. Најпродаваниот весник „Хуриет“ ги оцени текстовите како грд напад, црна пропаганда и дел од „операцијата на перцепција". „Сабах“ пишуваше дека западниот печат сака да ги извалка владата и економијата, а сите провладините медиуми ги повторуваа зборовите на Ердоган од пред некој ден ден дека „Турција е под напад" на западните медиуми. Наводите од Ројтерс на еден од инвеститорите на затворениот состанок дека Албајрак „не убеди никого, тоа не помина добро", беа оценувани како измислици и притоа се тврдеше дека на економијата и оди добро, иако инфлацијата е околу 20 отсто, а лирата загуби многу од вредноста во однос на доларот.
Можеби овие објаснувања од турската новинарска сцена се предетални за македонската публика, но тие на експлицитен начин покажуваат што станува во едно општество кога најважните медиуми влегуваат во спрега со властите. Кога ја губат основната премиса врз кои почива новинарството, да му ја претстават на општеството реалната слика слика, а не да им служат на партиските интереси. Во едно авторитарно општество група како „пеликанистите“ заради сопствената корист, поврзана со раширена корупција, сака да ги зачува своите позиции, па дури и да ги прошири, затоа што кога ќе се навикнеш на еден начин на работа веќе не знаеш како да функционарш поинаку. А еден пораз на избори, макар биле и локални, во исто фреме кога владејачката партија и натаму ги држи сите лостови на моќта, изгледа како трагедија која никако не смее да се случи. Така е секогаш кога моќниците мислат дека нивната власт е безвременска, па дури и кога ќе ги нема.