Пендаровски: Дојче веле промовира европски стандарди
11 јуни 2019Македонскиот претседател Стево Пендаровски на средбата со програмската директорка на Дојче веле, Герда Мојер, главната уредничка на програмата за Европа, Аделхајд Фајлке и уредникот на ДВ на македонски, Борис Георгиевски, упати честитки до целиот тим на ДВ за „долгогодишната професионалност, критичен и одговорен пристап, во насока на точно, објективно и навремено информирање, притоа промовирајќи европски стандарди и недозволувајќи да бидат алатка за остварување на нечии одредени интереси, коишто се спротивни на основните новинарски принципи“.
„Со својата Програма на македонски јазик, Дојче Веле веќе пет децении придонесува во развојот и зајакнувањето на соработката меѓу Северна Македонија и Германија“, рече претседателот Стево Пендаровски, изразувајќи задоволство што ДВ, кое годинава одбележува 50 години од Програмата на македонски јазик и 66 години од своето формирање, „во континуитет и со аналитичност информира и едуцира за сите општествено-политички случувања во двете држави“.
На средбата беше потенцирана исклучителната важност на слободата на медиумите и клучната улога на новинарството во развојот на демократското општество и владеењето на правото.