Пендаровски: Русија ќе предизвика конфликт во Украина
21 февруари 2022Конфликтот во Украина е сѐ поблиску, вели во интервју за ДВ претседателот Стево Пендаровски по враќањето од Минхен каде учествуваше на безбедносната конференција.
„(...)Состојбата е сѐ поблиску до конфликт, но, сѐ уште има простор и за дипломатско решение. Последниве недели се активни четири линии на комуникација помеѓу западната Алијанса и Русија: прво, дијалогот на највисоко ниво меѓу Вашингтон и Москва, потоа во рамките на ОБСЕ и во Советот НАТО – Русија и т.н. Нормандија-формат кој е од неодамна ревитализиран, и секоја од нив придонесува кон етаблирање на дијалогот како начин за смирување на тензиите, иако звукот на оружјето, за жал, е сѐ погласен. Генерална проценка на нашите западни партнери во моментов е дека Русија ќе предизвика воен конфликт во Украина, но, постојат различни проценки и сценарија околу тоа каков би бил интензитетот на таа воена интервенција и околу нејзината географска дистрибуција.“
Пендаровски во Минхен се сретна со првите луѓе на едни од најмоќните разузнавачки агенции - германската БНД, британската МИ 6, француската ДГСЕ. Главна тема на сите разговори била состојбата во Украина.
„Украина беше топ тема на сите дебати и разговори и споменатите личности не ја криеја својата загриженост дека агресијата на Русија врз Украина, особено од поголеми размери може да ја поремети безбедносната инфраструктура во Европа создадена по падот на комунизмот. Иако Западниот Балкан е навидум доволно далеку од тој крај на светот, не може да се исклучи дека во случај на таков развој на настаните е можно зголемување на тензиите и во нашиот регион,“ вели Пендаровски.