Пендаровски: Се плашиме да не останеме вечен кандидат за ЕУ
13 декември 2019Никој во Северна Македонија не верува во образложението на францускиот претседател Емануел Макрон дека проблемот не е кај нас, туку кај ЕУ на која и е потребно повеќе време за да се реформира, вели шефот на државата Стево Пендаровски во интервју за германскиот магазин Шпигел.
„Нашиот страв е дека може да станеме втора Турција, земја која е вечен кандидат за членство“, вели Пендаровски. Одлуката на ЕУ повторно да го одложи почетокот на преговорите со Северна Македонија, според него, е „стратешка грешка“.
„Многу водечки политичари во ЕУ членките посакуваат Унија која е релевантен геополитички актер. Но тоа не е можно без интеграција на Западниот Балкан. Ние не сме соседен регион на ЕУ. Без нашите земји како членки, ЕУ не може да биде геополитички актер“, вели Пендаровски.
Запрашан да го коментира проектот „мини Шенген“, Пендаровски вели дека во него е важен „карактерот на помирување и соработка“, но притоа предупредува:
„Најважно притоа е, оваа иницијатива навистина да потекнува од нас и никој од Западот да не врши притисок“.
Пендаровски смета дека би било „фатално“ доколку неговата земја треба да чека 10 до 15 години на членство во ЕУ.
„Ентузијазмот за Европа на нашите граѓани нема да издржи толку долго. Сметам дека 5 до 7 години се оптимален период за затворање на нашите преговори“.
Доколку и на почетокот на следната година повторно нема одлука за почеток на преговори со Албанија и Северна Македонија, Пендаровски предупредува од тешки последици:
„Доколку уште еднаш се повтори актуелната стратешка грешка, тоа ќе биде тежок удар со непредвидливи, можеби дури и со неповратни последици“, вели Пендаровски во интервјуто за Шпигел.