Пендаровски: Безбедносната состојба е стабилна
1 февруари 2022Безбедносната состојба е стабилна и нема индиции кои би укажале дека би довеле до загрозување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Северна Македонија, оцени македонскиот претседател, Стево Пендаровски, по денешната седница на Советот за Безбедност. Ова е прва седница, по изборот на новата влада, на која за првпат учествуваа новиот премиер Димитар Ковачевски и министерката за одбрана Славјанка Петровска.
На неколучасовната средба е анализирана и состојбата во регионот, како и во однос на тензиите на украинско- руската граница. Пендаровски вели дека С. Македонија како членка на НАТО ги направи сите подготовки како ќе се одвиваат работите понатаму. „Во таа смисла ги поздравуваме дипломатските напори кои се одвиваат на различни нивоа и кои ги преземаат главните фактори во меѓународната заедница со кој им се дава шанса на дијалогот и преговорите, а не на оружјето и воинствената реторика“, рече Пендаровски.
Одговарајќи на новинарско прашање по седницата, претседателот рече дека Украина има партнерски однос со НАТО, но не е членка на Алијансата. „На билатерална основа може да помагате, меѓутоа трупи на НАТО, вклучително и наша војска, нема да видите во борбени дејствија на украинска територија во случај таму тензиите да бидат до ниво на отворен конфликт. Значи, тоа е нашиот став“, истакна тој.
Спорна реторика на историчарите од Софија
Во оснос на актуелните разговори за решавање на отворените прашања меѓу Скопје и Софија, Пендаровски вели дека реториката што се слуша од бугарските членови на Заедничката комисија за историски и образовни прашања ќе ја отежнува нејзината работа и ќе ги обременува вкупните билатерални односи.
„Мој совет до сите тие е помалку зборување по медиуми, помалку прејудицирање на исходот од работата на таа Комисија, а повеќе конкретни резултати, но само низ рамноправен дијалог со нивните македонски колеги“, вели Пендаровски.
Не сакам да играм „дупла игра“
Претседателот ја коментираше и неодамнешната средба со претставници на ОМО Илинден Пирин и други здруженија на Македонци во Бугарија, којашто предизвика реакција на бугарското Министерство за надворешни работи, кое оцени дека тавата средба е во спротивност со договорот за пријателство во 2017 година.
„Средбата не беше спротивна на договорот. Ако некому му пречи, тоа не е мој проблем“, вели шефот на државата и додава: „Не мислам дека има нешто лошо во тоа и напротив ќе продолжам да се среќавам и со тие луѓе. Од друга страна, мојот колега, претседателот на Бугарија Румен Радев во повеќе наврати прими граѓани на Република Северна Македонија со бугарско самочувство кои живеат тука, ги прими во Софија и апсолутно не гледам што е проблемот и во таквите средби“.
Пендаровски објасни дека на средбата со ОМО Илинден Пирин им дал директен одговор дека не може да им наложува на бугарските институции што да прават затоа што тие се државјани на Бугарија. Но, исто така порачал дека и за Бугарите кои живеат во Северна Македонија надлежни се македонските институции, а не бугарските.
„Им реков : 'Јас можам да ве лажам, јас можам да добивам популистички поени и рејтинг во јавноста да градам и да кажам, јас сега ќе ви помогнам тоа што не сте го направиле досега па место бугарските институции јас ќе ви ги овозможам тие права'. Тоа би било огромна измама од моја страна и не сакам да играм дупло со тие луѓе кои се прилично измачени по трагањето по своите човекови слободи и права децении наназад“, рече Пендаровски.
Уставот не треба да се отвора
Претседателот го изнесе и својот став за отворањето на Уставот - вели дека највисокиот правен акт не треба да се отвора премногу често, туку само кога навистина има причина за тоа.
„Прашање е дали сега ни треба какво било отворање на Уставот, ако ме прашате мене, не ни треба. На Република Северна Македонија не и треба преотворање на највисокиот правен акт, а понатаму, меѓутоа само со апсолутен консензус на сите политички фактори во Собранието, би требало да го направиме тоа“, вели Пендаровски.
Во однос на иницијативата за намалување на бројот на пратеници од 120 на 90, вели дека секојпат е добро да се рационализираат трошоците кои државата ги прави, не само во случајот за оваа иницијатива.