1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пет совети за посета на Рим

13 септември 2010

Туристите го посетуваат Рим од многу причини - историјата, црквите, шопингот и добро познатата италијанска кујна. Една од најголемите предности на Рим е што посетата на некои од најпознатите знаменитости е бесплатна.

https://p.dw.com/p/P5BN
Влезот во значајните историски места во Рим е бесплатен за туристиФотографија: picture-alliance / Bildagentur Huber

Прво нешто што треба да направите кога ќе пристигнете во Рим е да се напиете кафе. Меѓутоа, пред да седнете на кадифеното столче на плоштадот Навона, имајте го на ум нашиот совет нумеро уно. Пиењето кафе седејќи на маса е многу поскапо, отколку да го испиете на шанкот, како што прават локалните жители: „Италијанците најчесто пијат еспресо ’на нога’ и потоа си одат. Туристите, пак, секогаш седнуваат на маса и затоа плаќаат двојно повеќе од нормалната цена. Пиењето кафе на стоење чини едно евро, а ако седнете плаќате 2,5 евра“, објаснува келнерката Тина. Пиењето кафе набрзина ќе ви заштеди време, што можете да го инвестирате во нашиот совет нумеро дуе: прошетка низ историскиот град. Речиси сите туристички места овде се бесплатни. На тоа укажува и Паола Елвири од туристичката канцеларија за информации: „Јас обично велам дека Рим е огромен „опен еар“ музеј. При самото шетање надвор имате можност во секој агол или во секоја црква да видите уметнички дела. Градот изготви посебни водичи, што се осврнуваат на еден одреден уметник, како на пример Караваџо или Микеланџело.“

Кафе, пица и шише вода

Mond über Rom
РимФотографија: AP

Водичите се издадени од римската општина и можете да ги најдете на интернет страната www.060608.it. Таму можете да најдете информации на англиски јазик, а брошурите стојат на располагање во сите туристички центри во градот.

Најдоброто нешто при посетата на Рим е да се „изгубите“ во тесните, калдрмени улички во градот. Ако сепак сакате точно да знаете каде се наоѓате, тогаш земете карта на градот во еден од туристичките центри. Доколку при прошетката ожеднете, на секој чекор ќе најдете некоја од римските фонтани. Римјаните ги викаат „Насони“ или „големи носови“. Водата е свежа и пивка, затоа следете го нашиот совет нумеро тре и наместо да купувате вода од продавница, полнете вода од римските фонтани.

Eine Pizza
Едноставна, традиционална пицаФотографија: picture-alliance/ dpa

Италија е позната по храната и ако го следите нашиот совет нумеро кватро тогаш ручекот не би требало да ве чини повеќе од неколку евра. Кога сте во Рим правете го истото што го прават и Римјаните и земете „панино кон поршета“ или завиткано лепче со свинско месо. Тоа е традицинонална римска ужинка што можете да ја најдете насекаде во градот. Или пак одлучете се за „пица ал таглио“, пица на парче што можете да го добиете во различна големина, објаснува еден пица мајстор: „Пицата се прави на даска, и кога е готова се сече на парчиња во различни големини. Секое парче се мери и можете да одберете колку сакате, на пример 100, 200 или 300 грама. Колку сакате. Тоа е економичен и лесен избор за купувачите. Двесте грама пица ќе ве чини најмногу 2.5 евра. Јас правам 12 различни типови на пица, прошуто, моцарела, цукини итн. Едноставни, традиционлани пици. Ништо софистицирано.“

На шопинг во Рим во Виа Санио

Bildgalerie Mode Mailand Italien Lorenzo Riva
Фотографија: AP

Ако чевлите почнат да ви попуштаат од шетањето, тогаш тоа е добар изговор да одите во шопинг по она, по што Италија е најпозната. Но, не мора да одите во познатите и скапи дизајнерски бутици за да купите италијански чевли. Нашиот совет нумеро чинкве е да го посетите пазарот „Виа Санио“ во Сан Џовани каде ќе најдете многу различни и модерни чевли, како и ташни, фармерки и друго, по разумни цени.

Автор: Штефани Раисон/ Бисера Огњановска Митров

Редактор: Александра Трајковска