1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Петков без Ковачевски: Една фотографија, илјада реакции

21 февруари 2022

Целта најверојатно била да се покаже средбата со Блинкен како билатерална, со што би добила поголема важност за јавноста во Бугарија, оценува аналитичарот Џела Незири.

https://p.dw.com/p/47KSI
Премиерите Ковачевски и Петков тука заедно на фотографија, направена за време на нивната средба во Софија на 24 јануари
Премиерите Ковачевски и Петков тука заедно на фотографија, направена за време на нивната средба во Софија на 24 јануариФотографија: Reg. Nordmazedonien

Зошто Кирил Петков го исекол Димитар Ковачевски од заедничката фотографија со државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, од нивната тројна средба на Минхенската безбедносна конференција? Прашањето од вчера предизвикува бројни реакции и во бугарската и во македонската јавност. За разлика од Ковачевски кој ја објави фотографијата со Блинкен и Петков, бугарскиот премиер на Фејсбук ја објави истата фотографија, но без Ковачевски. Фактот дека на неа се гледа само рака на трето лице, наиде на потсмев во медиумите кои ја критикуваат постапката на Кирил Петков.

Официјално соопштение на прес-службата на бугарската влада нема. Оттаму единствено за нова.бг изјавиле дека „кадрите се направени од фотографи на самиот форум, а доколку фотографијата била изменета, можеби тоа се случило ненамерно во прес-центарот на кабинетот".

Да се добие поголема важност

Практично, во контекст на оваа фотографија нема информации дали имало „средба" или само „поздравување на поминување", на што се осврнува и бугарскиот портал Медиапул, кој информира за интервенцијата во фотографијата од страна на Петков. 

„До моментов властите во Вашингтон ништо не соопштуваат за таа средба. Не е јасно дали станува збор за случајна средба (pull-aside) кога политичари учествуваат заедно на одреден настан и се сретнуваат накратко за да разменат неколку зборови“, пишува порталот.  

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен Фотографија: Ina Fassbender/AFP/Getty Images

Повеќе: Новиот пристап на Софија кон Скопје со поддршка од 31 отсто

Изреката „една фотографија - илјада зборови“, со оваа постапка не го изгуби значењето, но се надгради и со илјада реакции.

„Мислам дека се работи за грешка на ПР- тимот на Петков", оценува аналитичарот Џелал Незири.

„Целта најверојатно била да се покаже средбата со Блинкен како билатерална, со што би добила поголема важност за јавноста во Бугарија. Не верувам дека е порака за јавноста во Северна Македонија и дека е поврзано со напорите за изнаоѓање решение за спорот со историјата. Петков како нов премиер има потреба од меѓународно легитимирање и афирмација, кое потоа би служело како материјал за внатрешна промоција. Една средба очи в очи со државен секретар на САД е без сомнение значајна за зацврстување на имиџот на Петков дома, како значаен фактор во регионот и пошироко. Ковачевски по се изгледа бил непотребен, или пречка, за градење на таков наратив. Во однос на спорот, и Петков и Ковачевскипокажаa досега волја за надминување на истиот. Средбата на двајцата премиери со Блинкен може да ја содржи и симболиката за брзо решавање на проблемот“, оценува Незири. 

ВМРО-ДПМНЕ: Девалвирање на нашата држава

Интервенцијата врз фотографијата вчера предизвика и реакција од опозциската ВМРО-ДПМНЕ, која денеска е пренесена во дел од бугарските медиуми. Партијата соопшти дека е крајно изненадена од молкот на македонската Влада во врска со потегот на бугарскиот премиер, кој фотографијата од трилатералната средба ја прикажал како билатерална, грубо тргнувајќи го ликот на македонскиот премиер од фотографијата.

„Со оглед на карактерот на оваа важна средба за двете држави, како и со оглед на најавите на СДСМ за новите ветришта во односите со соседна Бугарија, ваквиот потег на премиерот Петков во однос на македонскиот премиер, не претставува само акт на понижување на лицето Димитар Ковачевски, што не е наш проблем, туку директно девалвирање на нашата држава за што сме принудени да реагираме. Развивањето на билатералните односи со сите соседи, како и унапредувањето на стратешкото партнерство со САД, другите сојузници и НАТО во целина, за ВМРО-ДПМНЕ претставува врвен приоритет. Оттаму, ваквите потези, како и молкот на Ковачевски во оваа смисла, сметаме дека не придонесуваат на ниту еден начин за рамноправен и искрен напредок во соработката на двете соседни држави. Новите ветришта на пријателство кое владата ги најавуваше го оддуваа Ковачевски од фотографијата сo Петков“, се вели во соопштението.

Од Белата палата критикуваат дека Кирил Петков извршил „акт на понижување“
Од Белата палата критикуваат дека Кирил Петков извршил „акт на понижување“Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Ковачевски се фали..."

Но, тоа не е единственото изместување на фактите. Македонскиот премиер под заедничката фотографија со Блинкен и Петков на Фејсбук напиша: „Срдечна средба со државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Ентони Блинкен за време на обраќањето на потпретседателката на САД, Камала Харис. Го делиме мислењето дека заедно сме посилни како сојузници во НАТО. Државниот секретар Блинкен ја изрази својата целосна поддршка за дијалогот и пријателството меѓу Северна Македонија и Бугарија и ја сподели својата искрена желба да нѐ види заедно во ЕУ. САД останува наш посветен партнер во надминувањето на предизвиците“.

Повеќе: По средбата во Софија: Ќе го тргне ли Бугарија ветото за Северна Македонија?

И оваа објава, стана предмет на интерпретација. Весникот „24 Часа“, иако точно пренесе што напишал Ковачевски, тоа го објави под наслов „Ковачевски се фали дека САД ја притискаат Бугарија за Северна Македонија во ЕУ“, иако во текстот нема ништо од она што весникот го тврди во насловот.