1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Инвестициите ќе ја враќаат во живот економијата

Костадин Делимитов
7 јуни 2021

Без свежи пари и конкретни инвестиции, македонската економија тешко ќе исплива од должничкиот вител. Експертите се загрижени и бараат итно да се реагира.

https://p.dw.com/p/3uVov
Mazedonien Skopje Arcelor Mital-Fabrik
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Македонската економија покажува знаци на опоравување но темпото е далеку од задоволително. Статистиката денеска треба да ги објави податоците за растот на бруто домашниот производ во првиот квартал од годинава кои според проценките не се очекува да бидат поволни. И да има раст, што ретко кој од упатените го очекува, тој би бил незначителен и далеку од потребниот за опоравување на економијата која се` уште е под силен удар на пандемијата. Во услови кога продолжената рецесија чука на врата, а јавниот долг забрзано расте дилемите се како економијата да се извлече од калта во која е потоната.

Власта зборува за интервентен план за инвестиции во вредност од над осум милијарди евра во наредните шест години. Со него планира економијата да застане на нозе и да биде конкурентна, граѓаните да добијат повисок стандард, а стапките на економски раст да влијаат на намалување на јавниот долг кој расте и допрва ќе расте. Во моментов е позициониран на 7,1 милијарда евра или 62,5% од бруто домашниот производ, со проекција дека во 2022 ќе достигне дури 65,9% од БДП.

Да се обезбедат свежи пари

Владиниот план содржи повеќе капитални проекти, главно инфраструктурни и енергетски. Но проблемот е што тој е се` уште на хартија, односно допрва треба да почне со реализација.  Експертите сугерираат дека не смее да се губи време и бараат итно да се реагира. Клучно е да се обезбедат свежи пари и брзи инвестиции за економијата да може да застане на нозе: 

„Ако во текот на годинава не покажеме финансиско закрепнување, не покажеме момент дека во економијата влегуваат инвестиции но и свежи пари мислам дека нема да одиме со очекуваниот и проектиран развој кој го сакаме сите, без разлика на политичките опции. Клучно е во моментов да се гради една таква економска политика. Веројатно и политиките на власта, кои што сега се најавуваат, имаат за цел да ги остварат овие амбиции, меѓутоа искуството досега покажува дека треба да бидеме многу внимателни, особено во контекст на тоа дека не се реализирани економските политики за кои што се залагаше оваа влада во ниту една сфера. Оттука ветувањата треба да ги видиме на дело. Затоа имам одредена резерва и во однос на реализација на идеите кои мора да се развиваат во насока на итно финансиско заздравување на економијата, со финансии, инвестиции, домашни и надворешни. Мора во следниве месеци под итно да се работи да се зголеми капацитетот на македонската економија“, изјави за Дојче веле универзитетскиот професор Лазар Јовевски. 

Global Ideas | Symbolbild Wirtschaftswachstum
Бизнисмените бараат од власта да покаже поголема храброст во реализацијата на капиталните проектиФотографија: Klaus Ohlenschläger/picture-alliance

Пропуштени можности

Ваквиот процес според експертите нема да биде нималку лесен, туку напротив пеколно тежок. Дополнителен хендикеп е што пандемијата не се искористи како можност, туку само ги продлабочи проблемите кои сега мора да се решаваат со интервентни мерки. Нивното менаџирање мора да биде домаќинско оти може да не чинат уште поскапо:

„Недоволно се работи, а неработењето е одраз на немање на визија, кои цели треба, односно требаше да ги постигнеме во изминатиов период. Многу слаб учинок се покажа и со тоа излезе дека економијата има слаби перформанси, но тоа не е реалната слика. Ние имаме потенцијал, добри капацитети за раст, мали сме како економија и флексибилни, но испадна се што по дефиниција ни е јака страна ние не го искористивме и напротив излезе дека ни е слаба страна. Тоа е неспособност на оние кои што креираат економски политики, човечки е факторот, тоа е клучниот проблем. Ние континуирано се задолжуваме, а не го гледаме ефектот, како да сме само на респиратори, да преживуваме, а немаме потенцијал за раст. Непотребно губиме време, а треба да се знае дека во економијата се е круг. За развој треба напор, пари и енергија, но за жал македонската економија покажа една нефлексибилност во контекст на оваа криза и тоа се одрази на економските параметри и на пазарот на труд“, предупредува Јовевски.

Продуктивен ребаланс

Загрижени се и бизнисмените кои бараат од власта да покаже поголема храброст во реализацијата на капиталните проекти, а помалку да троши за работи кои генерираат долгови, а не носат додадена вредност. Бараат со ребалансот на буџетот кој е во финална фаза на кроење да не страдаат капиталните проекти за сметка на социјалните и непродуктивни трошоци:

„Постојано се вложува во непродуктивни трошоци, а никако или многу малку во капитални инвестиции. Секогаш реализацијата на средствата за оваа намена во буџетот доживува ребаланс, а парите се пренаменуваат за други социјални трошоци и трансфери. Па така капиталните инвестиции постојано страдаат. И тоа мора да се промени. Инаку досега де факто политичарите слабо се справуваат со долгот, со инвестициите, со образованието, здравството, културата“, предупредува Миле Бошков од Организцијата на работодавачи.

Од Владата велат дека ребалансот на буџетот е во завршна фаза. Прекројувањето на државната каса според најавите ќе биде во насока на поддршка на развојот и опоравувањето на економијата. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи уверува дека нема да има премногу изненадувања:

„Стандардно тоа што го покажавме е дека домаќински се грижиме за јавните средства. Таму каде што навистина нема можност да се спроведат одредени проекти, ќе се скратат и ќе се алоцираат средствата. Секако може да се алоцираат и во сегментот на поддршка на стопанството затоа што одредени показатели покажуваат дека можеби ќе треба уште еден период да има мерки. Поддршката на стопанството повеќе ја гледам како поддршка за креирање на додадена вредност, а не само како давање на помош за справување со последици“, изјави Битиќи. 

Критики од опозицијата

За непродуктивно трошење на народните пари критикува и опозицијата. Од ВМРО ДПМНЕ предупредуваат дека најголемиот проблем кај оваа Влада е што во континуитет се задолжува а не гледаат каде да заштедат: 

„Да видат што може да се намали, а простор за намалување на трошоците има. Имаме повеќе од 300 милиони евра во разни расходи, за кои треба да се погледне каде одат. Го повикувам министерот за финансии да крати на трошоци и да не се дозволи јавниот долг во 2023 година, како што е напишано во прогнозите да достигне 65,9 проценти, бидејќи тешко ќе се враќа, особено ако се земе предвид фактот дека продуктивноста во Македонија паѓа, народот се иселува, а фирмите работат катастрофално“, предупреди Гордана Димитриеска Кочоска, поранешен заменик министер за финансии во техничката Влада.

-повеќе:

Милијардите на Тупурковски, Груевски и на Заев

Законот за субвенции на приватните фирми треба да оди на ремонт

Македонскиот извоз расте, но производството се намалува

Пирова победа во битката за спас на економијата

Од Владата најавуваат дека интервентниот план интервентно ќе се реализира без разлика на потребните пари. Интервентниот план предвидува околу 8 милијарди евра инвестиции од кои 5,7 милијарди како јавни, а близу 2,4 милијарди да бидат приватни инвестиции. Најголемите инвестиции се планирани во енергетиката и во преминувањето кон обновливите извори на енергија, но ќе бидат одвоени и средства за преработувачката индустрија и производството.

Малку странски инвестиции

Додека се планираат јавните и приватните инвестиции, депримираат податоците за нивото на странските директни инвестиции кои бележат многу слаби резултати. Народната банка објави дека во првиот квартал од годинава, вкупниот прилив на странски капитал во земјата по нето основ изнесува само 25 милиони евра:

„Во текот на првиот квартал од 2021 година, вкупните директни инвестиции во земјата бележат нето приливи од 25,7 милиони евра, како резултат на зголемената реинвестирана добивка и сопственички капитал (за 95,5 и 33,9 милиони евра, соодветно), при намален меѓукомпаниски долг за 103,7 милиони евра“, соопшти монетарната власт.

Минатата година Северна Македонија ја заврши со ниво на странски инвестиции во износ од безмалку 240 милиони евра.