1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Планетата стана огромна депонија

ДТЗ
22 април 2021

Без чиста вода, воздух и храна, луѓето нема да преживеат - заштитата на овие ресурси е од највисок приоритет, е пораката испратена на светскиот Ден на планетата Земја

https://p.dw.com/p/3sMyq
Symbolbild Zukunft Junge Erde Welt Globus Umwelt
Фотографија: Fotolia/olly

Планетата Земја ја доживува декадата на загадување и уништување, а заштитените подрачја трпат сериозен притисок токму за време на пандемијата на Ковид-19. Во екот на пандемијата непромислено се ограбуваат ресурсите на Земјата, се осиромашува нејзиниот жив свет, а воздухот, земјата и морето се третираат како депонии. Клучните екосистеми и синџири на исхрана се турнати на работ на амбис. 
„Светот треба да ја научи лекцијата од пандемијата и да го промени својот однос кон Планетата. Луѓето треба да разберат дека се интегрален дел од природата, а не нејзин господар. Без екосистемските услуги што ги дава природата – чиста вода, воздух и храна, луѓето нема да преживеат - заштитата на овие ресурси е од највисок приоритет“, порачува Ана Чоловиќ Лешоска од „Еко-свест“ на светскиот Ден на планетата Земја. Пораката доаѓа во период на вжештена општествена атмосфера, кога македонските граѓани на повеќе фронтови водат битка против бетонизацијата, за зачувување на ретките зелени оази во главниот град, но и во главната туристичка дестинација под заштита на УНЕСКО - Охридското Езеро и неговото крајбрежје. 

Данок во живот 

Над 1.300 смртни случаи и економска загуба од над 250 милиони евра, или нешто над 3% од вкупниот бруто-домашен производ е цената во човечки животи и во материјални средства што Северна Македонија ја плаќа секоја година поради загадениот воздух, покажуваат анализите на Светска Банка. Извештаите на оваа институција постојано ја рангираат земјава во топ петте во Европа според последиците предизвикани од штетните ПМ-10 и ПМ-25 честички. 

-повеќе на темата: До 2100 година ќе се преполови населението на Италија, Шпанија, Полска...

Глобалното затоплување, загадувањето на водите, почвите и воздухот, сечата на шуми и претераното искористување на природните ресурси доведоа до работ на уништување многу скапоцени екосистеми и видови. Треба да се подигне свеста дека ублажување и прилагодување кон климата не се единствени чекори кои можеме да ги преземеме – потребни се иновации во насока на зачувување и обнова на светските екосистеми, апелираат од здружението „Еко-свест“. „Од една страна, можеме да кажеме дека Планетата ни возвраќа со пандемијата поради несовесниот и несоодветниот однос на човештвото кон природата и ресурсите, а од друга, гледаме дека човештвото одбива да ја научи оваа лекција и продолжува „по старо“. Во периодите на воведените рестрикции за движење се забележија најголемите штети по природата“, вели Ана Чоловиќ Лешоска од „Еко-свест“. 


Во светот се прават напори за зачувување и унапредување на зелените површини во градовите за да се создадат сложени урбани екосистеми кои ќе вршат повеќе функции – намалување на загадувањето, фаќање и прочистување на дождовна вода, спас од поплави како и големи зелени површини за инсекти и мали животни. Тоа е всушност главната потреба во моментот – светот да ја научи лекцијата од пандемијата и да го промени својот однос кон Планетата. 

Подобар квалитет на живот
 
„Грижејќи се за животната средина, се грижиме и за себе“, вели премиерот Зоран Заев. Според него, еден од главните приоритети на Владата е подобар квалитет на животот за своите граѓани, со посебен акцент на инвестициите во енергетскиот сектор, преку промоција на обновливите извори на енергија, како и унапредување на енергетската ефикасност. „Наша цел е да ја направиме државата една од оние европски земји кои од доминантно застапени фосилни енергенси, се пренасочија кон енергетски капацитети кои ќе го користат сонцето како еколошки извор за енергија, кое ние го имаме во изобилство со над 280 сончеви денови годишно“. 

-повеќе на темата: Најретките ресурси на планетата

Заев смета дека Северна Македонија е на врвот во регионот по раст на обновливи извори на енергија. „Само за минатата година го зголемивме производството на енергија од обновливи извори на 827 MW, што претставува раст од 10,1% и е во рамки на светскиот просек на зголемување од 10,3%, според извештајот на „Балкан Грин Енерџи Њуз“. Инвестициите во енергетски капацитети кои создаваат енергија од сонце, ветер, водата и гас, ќе обезбедат подобри услови за граѓаните, стопанството, нашата земја ќе биде позелена, но и порационална и поефикасна“, вели тој. 

Мир со природата

По повод Денот на планетата Земја, генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш го повика светот да се посвети на обновувањето на планетата и воспоставувањето мир со природата. Во видео пораката Гутереш кажа дека „планетата се наоѓа на пресвртна точка, а човештвото продолжува да го злоупотребува природниот свет“. Непромислено ги ограбуваме ресурсите на Земјата, го осиромашуваме нејзиниот жив свет и ги третираме воздухот, земјата и морето како депонии. Клучните екосистеми и синџири на исхрана се турнати на работ на амбис. Ние мора да ставиме крај на нашата војна против природата“, рече генералниот секретар на ОН.