1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Планот на Владата за бегалците треба да биде побрз од зимата

Катерина Блажевска23 ноември 2015

Владата треба да каже што подготвила како план Б и ние ќе дадеме помош, но тоа треба да се направи навреме, за да не се најдеме во ситуација на минус 20 степени, вели претставникот на УНХЦР во Македонија

https://p.dw.com/p/1HAVk
Фотографија: Reuters/A. Avramidis

Уште една студена и неизвесна ноќ под отворено небо поминаа економските мигранти заглавени на „ничија земја“ меѓу Грција и Македонија. „Зарем ние не сме луѓе? И ние сакаме слобода... Не се враќаме назад... Ние не сме терористи...“, извикуваа тие во текот на вчерашниот ден. Се обидоа да го привлечат вниманието на домашната и на меѓународната јавност на разни начини: ја одбиваа храната доставена од хумантарните организации, десетина од нив протестира соблечени голи до појас, а момче на своите гради напиша: „Застрелајте не‘, или спасете не‘, ве молиме“.

Од пред неколку дена, кога земјите на балканската рута почнаа селекција, според која, право на транзит имаат само бегалците кои доаѓаат од земји зафатени со воени конфликти, бројот на економски мигранти пред портите на Македонија од 700 порасна на 1.300. Тие најчесто доаѓаат од Мароко, Алжир, Тунис, Либија, Пакистан, Бангладеш, Конго... Агенцијата АП објави дека грчките власти понудиле бесплатен автобуски превоз до Атина за оние што нема да влезат во Македонија, но мигрантите и натаму не се откажуваат од барањето да бидат пропуштени на пат кон западноевропските земји.

Flüchtlinge Grenzbarrieren Grenze zwischen Mazedonien Griechenland
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Фронтекс заборавен?

Додека нивниот број расте, вчера без конкретни решенија завршија средбите на претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, со македонскиот претседател Ѓорге Иванов и со премиерот Никола Груевски, посветени на бегалската криза.

„ЕУ е со вас и е подготвена да продолжи да со поддршката преку хуманитарна и техничка помош, преку агенциите на Унијата. Ќе зборувам со земјите-членки на ЕУ што може да се направи во оваа смисла, за да се осигураме дека нашата поддршка за вашата земја и за регионот ќе биде на исто ниво како и предизвиците со кои се соочувате“, изјави Туск.

„Доколку сме сериозни и сакаме да го задржиме Шенген и патувањето без визи, тогаш мора да им помогнеме на земјите кои се на првата линија како што е вашата“, рече претседателот на Европскиот Совет, потенцирајќи дека главната цел е да се намали протокот на бегалци, а не само да се олесни нивниот транзит.

Иванов укажа дека Македонија како дел од балканската рута, ги сноси последиците од нефункционалниот механизам на Унијата за распоредување на бегалците во земјите-членки, а се‘ уште нема добиено никаква помош од ЕУ.
„Од почетокот на јануари досега низ Македонија транзитирале половина милион бегалци и мигранти. И покрај ветувањата, Македонија нема добиено никаква финансиска и техничка помош од ЕУ, иако баравме опрема за регистрација на мигрантите и бегалците и опрема за надзор над државната граница. Македонија троши сопствени буџетски средства за менаџирање на оваа криза. Само за потребите на безбедносните служби досега сме потрошиле повеќе од 10 милиони евра. Се соочуваме со недостиг од материјални, кадровски и технички капацитети, за да одговориме на ризиците по националната безбедност“, рече Иванов.

Symbolbild - Flüchtlinge
Македонија троши сопствени буџетски средства за менаџирање на бегалската криза, вели македонскиот претседател ИвановФотографија: Getty Images/AFP/B. Kilic

Тој предупреди дека откако земјите од ЕУ извршија ставија филтер за економските мигранти, контролниот пункт кај Гевгелија станува „тесно грло“, со што се зголемуваат безбедносните ризици. Иванов го информирал Туск и за одлуките на националниот Советот за безбедност, но и дека се‘ уште не е одговорено на македонското барање од состанокот во Брисел - за распоредување на мисија на Фронтекс на надворешната граница на ЕУ, на грчка територија. Но, Туск во Скопје воопшто не го спомена Фронтекс, иако еден ден претходно, на средбата со српскиот премиер Александар Вучиќ, истакна дека „ЕУ работи на тоа да ги обезбеди своите надворешни граници, со тоа што на грчко-македонската граница ќе биде поставен Фронтекс за да ги регистрира и да спроведе скрининг на мигрантите“. Тие мерки, според Туск, би требало да го намалат и приливот на миграни во Србија. Од македонските власти нема одговор во однос на молкот по прашањето за Фронтекс. Последната реакција по ова прашање дојде минатиот месец од Грција, која остро се спротивстави на распоредување на претставници на европската полиција на границата со Македонија.

Има ли Владата план Б?

Од Македонија се очекува да предложи поконкретен план за справување и хуман третман на бегалци и мигранти, доколку биде соочена со поголем прилив од сегашниот, изјави Мохамед Ариф, претставник на Високиот комесаријат за бегалци на ОН во Македонија. Тој укажува дека треба да се почитуваат стандардите и процедурите за сите што бараат меѓународна заштита.

„УНХЦР не работи врз основа на националноста. Тоа за што се залагаме, а сакаме државите да го поддржуваат, е обезбедување на меѓународна заштита за оние кои ги исполнуваат условите за тоа. Системите за азил на државите, се на располагање за да обезбедат заштита на оние кои го бараат тоа. Барањето на азил од луѓето, независно од која земја се, треба да биде обработено во согласност со прифатените стандарди и процедури, во согласност со конвенцијата од 1951 година на која се потписници и оваа, и земјите од оваа рута. Ако луѓето доаѓаат од воените жаришта - Ирак, Сирија, Авганистан и многу други земји, многу од нив ги исполнуваат условите за меѓународна заштита. Што се однесува до другите националности, ним треба да им биде дадена шанса. Ако бараат азил, треба да бидат информирани, да им биде кажано дека постои тој механизам, дека македонската Влада може да го процесира нивното барање за азил. Ако некој не ги исполнува условите за меѓународна заштита, тогаш има начин за справување и со тие случаи. Но, во согласност со почитувањето на човековите права. Ако некој треба да биде вратен постои начин како да биде вратен на достоен начин“, изјави претставникот на УНХЦР во Македонија, за ТВ „Алсат -М“.

Flüchtlinge Grenzbarrieren Grenze zwischen Mazedonien Griechenland
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Според него, од македонската Влада се очекува да каже каков план подготвила за справување со бегалската криза.

„И за мене би било интересно да слушнам кој е планот Б што го има Владата. Како УНХЦР долго време разговараме со Владата дека мора да имаме подготвени и избрани одредени планови за да можеме да реагираме на секоја ситуација, бидејќи ние сме во ова заедно со Владата. Таа треба да ни каже што подготвила како план Б и да каже: 'УНХЦР, ЕУ, агенции на ОН и други организации, дојдете да ни помогнете'. Во тој случај ние би биле и повеќе од среќни и ја уверуваме Владата дека ќе помогнеме и ќе дадеме помош. Но ве молиме, кажете ни навреме, за да не се најдеме во ситуација на минус 20 степени, на снег и дожд, да има жени и деца, хендикепирани и стари лица заглавени некаде под отворено небо. Ако се најдеме во таква ситуација, за жал, не сме ја завршиле работата како што треба. И ние ќе бидеме одговорни во таков случај, но се разбира, главната одговорност ќе биде на Владата“, вели претставникот на УНХЦР.

Додека се чека конкретен план од македонските власти за справување со проблемот, експертите укажуваат дека тој може во голема мерка да се реши ако селекцијата се прави по пристигнувањето на мигрантите во Турција и Грција, а не да се дозволи тие да продолжат кон север.