Платеници и доброволци во Источна Украина
10 јуни 2014„Ние сме кадировци“, гордо раскажуваат во Доњецк мажи со брада пред камерите на Си-Ен-Ен. Кадировци - така се нарекуваат мажите, кои во Чеченија се грижат за тоа на власт да остане владетелот кој го постави Москва, Рамзан Кадиров. Тие се познати по нивниот брутален однос против противниците на режимот во јужниот руски конфликтен регион.
Во Донбас, според сопствени наводи, дошле за да се борат против украинската армија. Нивниот баталјон се вика „Восток“ (Исток). Истото име го имаше и борбената група која пред неколку години на страната на Москва помагаше во задушување на востанието на сепаратистичките сили во кавкаската република.
Транспорт на мртви тела кон Русија
Официјално не е потврдено присуството на вакви борци во Источна Украина. Киев додуша тоа го тврди, но Москва негира. И самиот Кадиров ги отфрла ваквите информации. Според него, чеченски специјални сили не се бореле на страната на проруските единици во Донбас. На руската телевизија тој меѓутоа не исклучи дека е можно доброволци од неговата република да биле вклучени во борбите.
Сѐ повеќе луѓе од Доњецк во меѓувреме информираат дека таму се активни борци од кавкаско потекло. И градоначалникот на милионскиот град Олексадер Лукјанченко говори за тоа. Меѓу мртвите и повредените во борбите на аеродромот меѓу проруските сепаратисти и украинските владини трупи од пред неколку денови, има Чеченци од градовите Гудермес и Грозни, вели градоначалникот. Исто така и на телевизиските снимки можеше да се види како нивните тела во сандаци се товарат на камиони, за да бидат вратени назад.
Рускиот воен експерт Владислав Шуригин не верува дека баталјонот „Восток“ во Украина се состои од специјални сили. „Кон него припаѓаат доброволци“. Многумина од нив немале воено искуство. „Затоа во борбата околу аеродромот во Доњецк загинаа многу од нив“, вели Шуригин. Според овој експерт, само десет до 15 проценти од сите сепаратисти во источна Украина се воено обучени.
Борци без единствена команда
Како и досега е тешко да се процени кој се бори на страната на сепаратистите. Исто така не се знае точно ниту бројот на доброволците во областа Донбас. Според проценките, таму би требало да се борат повеќе илјади доброволци, кои делумно во Украина навлегле преку стотици километри долгата и нејасно обележана граница со Русија.
Една единствена командна структура на сепаратистите нема. Баталјонот „Восток“ во источна Украина, на пример, е под команда на Александер Чодаковски, поранешен соработник на украинската тајна служба. Експерти сметаат дека баталјонот нема никаква поврзаност со истоимената чеченска единица. Таа се нарекувала „Восток“ бидејќи се борела на истокот на Украина, вели Олег Орлов од руската организација за човекови права „Меморијал“. Чеченскиот баталјон „Восток“ бил расформиран во 2008 година, нагласува тој за Дојче веле.
Орлов неодамна беше во Донбас. Меѓу проруските борци, според негово гледиште, немало Чеченци. „Но таму има мажи од Кавказот и од Русија, кои не го кријат своето потекло.“ Луѓето во Источна Украина и Северноосетијците и Јужноосетијците ќе ги сметаат за Чеченци. „За повеќето брадестите мажи од Кавказот веднаш се Чеченци“, вели Орлов.
Многу парамилитарни групи
Американскиот експерт Марк Галеоти од „Центарот за глобални односи“ на универзитетот во Њујорк смета дека во Источна Украина има различни парамилитарни групации. Во некои се активни поранешни членови на украинските тајни служби. Порано тие работеле за екс-претседателот Јанукович. По неговиот пад тие преминале на страната на сепаратистите. „Многу од нив беа во 'Беркут'“, вели овој експерт за ДВ. Јанукович ја ангажираше специјалната единица против протестното движење на Мајдан. Новата влада во Киев подоцна ја расформира.
„Во борбите во Источна Украина учествуваат и домашни борци. Тие носат сосема различни маскирни униформи“, вели Галеоти. Оружјето го украле од полициските касарни. За цивилното население овие лица биле посебно опасни. „Тие додуша знаат како се ракува со калашњиков, но не знаат ништо од воената етика: да не се пие алкохол и да не се применува насилство врз цивилите“, вели Галеоти. Многумина од нив едноставно биле „бандити“, кои биле поврзани со организираниот криминал.
Освен тоа има и странски доброволци и платеници. Тие доаѓаат, како што се вели, пред сѐ од Русија. „Меѓу нив има добро обучени војници, но и авантуристи и радикални руски националисти, кои од убедување се борат против Украинците“, смета Галеоти. Многумина од нив имаат модерно оружје од руско потекло. Американскиот експерт е сигурен дека платениците добиваат пари и од Русија.
Реактивирање на борците од Чеченија?
Галеоти не исклучува дека меѓу платениците има и членови на некогашниот чеченски баталјон „Восток“. Формално единицата беше под руското министерство за внатрешни работи, но ја финансираше и со неа фактички раководеше руската војна тајна служба ГРУ. „По расформирањето на баталјонот, ГРУ го одржа контактот со тие борци“, вели Галеоти. Некои се вработиле во полицијата, а други во приватни фирми за безбедност.
Овие борци би можеле да бидат рекативирани за борбите во Донбас. „Некој во Украина сакаше да испрати борци, кои се подисциплинирани и поефективни од сепаратистите“, претпоставува Галеоти. Затоа токму тие би можеле да бидат рбетот на „Восток“ во Источна Украина.