1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По пресудата на судот во Бон: политика треба да ја преземе одговорноста за последиците од војната

13 декември 2003

Коментар на Верица Спасовска

https://p.dw.com/p/AcRY
Долгата сенка на Косовската војна тешко ја оптоварува и денешнинава, како што покажа и "жешкиот" процес во Бон. Таму судот во средата ја отфрли тужбата на 35 Срби од градот Варварин, кои од Сојузна Република Германија бараа обесштетување за жртвите на нападите на НАТО од воздух врз еден мост на крајот на јуни 1999-та година, при што загинаа 10, а беа ранети 17 лица. Во тие напади не учествуваа директно авиони на Бундесверот, но според тужителите Германија сепак носи вина бидејќи ја одобри интервенцијата на НАТО. Формално-правно судиите може да се во право со образложението за пресудата. Но, со оглед на страдањето на недолжните жртви останува блуткав впечаток.

Цинично речено, во случајов станува збор за таканаречените "колатерални штети" од нападите врз стратегиски сосем беззначајниот мост. Судот го одби барањето за обесштетување со образложение дека според меѓународното право таква тужба може да поднесе само држава против друга држава. Изгледите за успех на повисока инстанца се минимални, бидејќи веројатно ниеден германски суд нема да ја осуди германската држава поради нејзиниот ангажман на страната на НАТО. Инаку, не само што се заканува поплава од тужби за обесштетување, туку повторно на дневен ред би се нашла дискусијата за меѓународно-правната легитимација на нападите на НАТО против Србија.
За потсетување: интервенцијата на НАТО тогаш уследи без мандат на Советот за безбедност на ОН и поради тоа меѓународно-правно е крајно спорна. Германската влада сепак ја убеди домашната јавност во моралниот легитимитет на ангажманот со аргументот дека мора да се заштитат косовските Албанци од таканареченото "етничко чистење" од страна на режимот на Слободан Милошевиќ. Тоа е навистина широкограда интерпретација на меѓународното право и се' до денес предизвикува оправдани прашања - не се однесува ли политиката со двојни мерила спрема меѓународното право? Конечно, истата германска влада, сосем со право искажа критика на воената интервенција на САД во Ирак бидејќи не беше легитимирана од Советот за безбедност. Разбирливо само посебе е дека секое своеволно толкување на меѓународното право носи и опасност од негова злоупотреба.
Во светлина на настаните што уследија и кои доведоа до соборувањето на Милошевиќ, може да биде и на место аргументот дека војната, како што формулира канцеларот Шредер, била "политички и морално легитимна". Но, тоа не е утеха за роднините на цивилните жртви на војната. Тие не сакаат само изрази на жалење дека во добронамерната акција можат да бидат погодени и недолжни. Тие сакаат признание дека им е сторено неправо и имаат морално право на сатисфакција за гревот. Каде што не се признава тоа право, нема ни елементарни предуслови за залечување на раните од војната. Не е работа на судиите во Бон да ги создадат предусловите, но е работа на политиката да ја преземе одговорноста за последиците од војната. Тоа може да биде скапо - но и војните чинат многу пари.