1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Победа на ЦДУ, пораз на ФДП, а Пиратите изненадување

ЖА/ АТ/ дв/ дпа 26 март 2012

ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел победи на вонредните парламентарни избори во покраината Саарланд. Изненадување се Партијата на пиратите, која по Берлин ќе седне и во покраинскиот парламент во Саарбрикен.

https://p.dw.com/p/14S4Q
Фотографија: dapd

Раководствата на германските политички партии на покраинско ниво, во Саарбрикен, како и на сојузно, во Берлин, ги анализираат резултатите од вчера одржаните покраински избори во Саарланд, на кои јасна победа однесе Христијанско-демократската унија со покраинската премиерка Анегрет Крамп-Каренбауер со 35,2 проценти освоени гласови. Социјалдемократите се на второ место со 30,6 насто од гласовите. Левицата освои 16,1 проценти, а изненадување приреди Партијата на пиратите која со 7,4 проценти ја надмина Партијата на зелените, која одвај успеа да го стигне прагот за влез во покраинскиот парламент од пет насто гласови. Либералите го забележаа досега најголемиот неуспех во Саарланд-доверба и дале само 1,2 проценти од гласачите.

Двете првопласирани партии планираат формирање на голема коалиција. Покраинската премиерка Анегрет Крамп Каренбауер им вети на Социјалдемократите „партнерство на рамна нога“. Критики на планираната коалиција стигнаа од редовите на Левицата, која ЦДУ и СПД ја исклучуваат од консултациите. Нејзиниот претседател, Клаус Ернст, смета дека планот на СПД значи политичко самоубиство на партијата. Тој предлага формирање црвено-црвена коалиција во покраината, што пак СПД го отфрли како можност уште пред изборите.