1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Победа на ЦДУ/ЦСУ, Бундестагот можеби без либералите

З.Јордановски/ ард/цдф/ дв22 септември 2013

Новите прогнози го потврдуваат трендот објавен веднаш по затворањето на избирачките места (18.00 часот). Во водство се партиите на Унијата, додека за досегашниот коалиционен партнер ФДП е неизвесен влезот во Бундестагот.

https://p.dw.com/p/19m0l
Фотографија: Reuters

Христијанско-демократската унија на актуелниот канцелар Ангела Меркел е убедлив победник на денешните избори за Бундестагот. Прогнозите на АРД и ЦДФ (првата и втората програма на германскиот јавен ТВ-сервис) се слични: 42 проценти за ЦДУ кај АРД, додека 42,5 кај ЦДФ, заедно со сестринската баварска партија ЦСУ. Сепак, за Меркел и нејзината актуелна коалиција ќе биде критично до пребројувањето на последните гласови, оти за помалиот партнер - либералите (ФДП) не е сигурно дека ќе влезат во новиот состав на Бундестагот: трендот повеќе оди кон тоа дека либералите ќе останат под пет проценти

Кај опозицијата, социјалдемократите (СПД), според АРД ќе освојат 26, според ЦДФ 26,3. Зелените се 8,1 односно 8,0, Левицата 8,3 односно 8,5. Евроскептичната партија Алтернатива за Германија (АфД) е на 4,4 односно 4,8 проценти, и како и либералите, ќе остане во неизвесност до конечното пребројување на гласовите.

Ова се првите излезни прогнози. Податоците за учеството на избирачите од околу 73 се нешто подобри отколку на претходните избори пред 4 години, кога учеството изнесуваше 70,8 проценти. Право на глас на овие избори имаа околу 61,8 милиони граѓани, од кои три милиони за првпат ја имаа таа можност (оние кои во меѓувреме станаа полнолетни, како и граѓани кои во периодот од последните избори добија германско државјанство).

За пратеничко место во Бундестагот имаше 4451 кандидат, 900 повеќе отколку пред 4 години. Триесет партии се ставија пред судот на избирачите во целата земја, а 4 само во одредени изборни окрузи.