Победа слават и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ
11 декември 2016Тесна битка меѓу двете најголеми партии во македонскиот блок покажуваат досега пребројаните гласови од денешното гласање. Ваквиот тренд предизвика победничка атмосфера во двата партиски табора. Симпатизери и активисти на СДСМ веќе еден час се собрани пред зградата на Владата за да ја прослават победата во Изборната единица 1 (Скопје). Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов рече дека партијата води или победува во Скопје, но и во Битола, Кавадарци, Струга, Струмица, Гостивар, Дебар, Куманово…
Според неофицијални информации се очекува пред собраните граѓани наскоро да се обрати лидерот Зоран Заев и заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска.
Набрзо по ваквиот славенички чин на СДСМ со прес-конференција се огласи ВМРО-ДПМНЕ.
„Благодариме Македонијо. Победивме уште еднаш. На 11-ти декември се случи десеттата победа на ВМРО-ДПМНЕ. Македонија се спротивстави на црните сценарија и пучеви и покажа дека стои на нозе. Семафорот со резултатите покажува победа за ВМРО-ДПМНЕ со 390.000 гласови наспроти 370.000“, рече Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ.
Конечните неофицијални резултати се очекува да се знаат за еден час.
Се документираат доказите
И додека партиите слават, МВР соопшти дека постапува за случаите поврзани со пријавените изборни нерегуларности. Во СВР Скопје биле поднесени две кривични пријави за сторени кривични дела „уништување на изборни исправи“ против две лица од Скопје. Се документираат и пет кривично правни настани Валандово, Струмица, Кавадарци, Куманово и Битола за „повреда на тајност на гласање“, „повреда на слободата на определување на избирачите“, „спречување на избори и гласање“, „уништување на изборни исправи“, „насилство“ и „оштетување туѓи предмети“.
Констатирани биле повеќе прекршоци за „омаловажување на службено лице“ и за „користење на мобилен телефон за сликање на гласачко ливче“.
Полицијата постапувала по 38 случаи - од кои седум за наводен поткуп, 14 за агитирање околу избирачките места и организирано носење гласачи, пет се однесуваат на фотографирање на гласачко ливче, а останатите се однесуваат на обид за полнење кутии. Во текот на денот заради расчистување на настани приведени биле 18 лица: шест во Струмица и по едно во Прилеп и Велес.
За сомненија за сторени прекршоци по Изборниот законик приведени биле седум лица. Во шест случаи (Тетово, Гостивар, Радовиш и Прилеп) пријавени биле злоупотреби од страна на полициски службеници, за што биле преземени мерки од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди.