Победникот се вика - Асад
22 август 2017Сирискиот претседател Башар ал-Асад во неделата држеше говор пред повеќемина дипломати во Дамаск, при што демонстрираше исклучителна самоувереност. Меѓу другото, изјави дека нема да има соработка со земји кои „нема јасно и недвосмислено да ги пресечат своите врски со тероризмот.“
Алузијата е насочена кон многу држави, дел од нив арапски, првенствено на Арапскиот Полуостров, но и европски и - САД. Сите нив Асад ги обвинува за соработка со „терористите.“
Оптимизмот на Асад не е неоснован: говорот го одржа три дена откако џихадисти во Барселона со комбе убија 14 луѓе и повредија стотина. Нападите од овој вид се во извесен смисол „подарок“ за сирискиот претседател, во очите на неговите досегашни противници, тие му носат привид на потенцијален партнер. Не поминува речиси ни една недела, без на Западот да се случи напад инспириран од Исламска држава, рече Асад пред насобраните дипломати. „Овие прилики ги принудија западните политичари да го променат ставот (во однос на Сирија, н.з.)“.
Борбата против ИД има приоритет
Фактички, САД од пред извесно време имаат сосем поинаков пристап кон Сирија. Пред неколку недели, американскиот претседател Доналд Трамп објави окончување на програма на ЦИА за поддршка на противниците на Асад, што е реакција и на изостанатиот успех на потфатот. Имено, од илјадниците борци обучени од САД, само мал дел се покажаа како доверливи партнери.
САД не сигнализираат растечка дистанцираност од противниците на Асад само преку крајот на оваа програма. Истовремено, тие се приближуваат кон Русија, поддржувач на владата на Асад. Иако, целта на САД и натаму е спречување Асад да остане на власт, изјави американскиот министер за надворешни работи Рекс Тилерсон на почетокот на август во интервју за американската телевизија Фокс њуз. Но, Тилерсон ги истакна и заедничките интереси со Русија, а тоа е во крајна линија - хомогена и стабилна Сирија. А оваа цел, барем на среден рок, од аспект на Русија, може да биде реализирана само со Асад на чело на земјата.
Неодлучен курс на САД
Администрацијата на претседателот Трамп во пракса води исто толку неодлучен курс, како и онаа на екс-претседателот Барак Обама. Причината е очигледна: Во Вашингтон сериозно се сфаќа опасноста од џихадистичките терористички групи, како Исламска држава и Ал Каеда.
„Џихадистичкото движење во целост, а не само одделни групи или индивидуии се закана за САД, Западот и муслиманските заедници“, се вели во „Критикал тритс“, проект на конзервативниот американски тинк-тенк „Американ Ентерпрајс Институт“.
„Европа и Америка се соочени со терористички напади од досега невидени размери. Во однос на нив, досега не бележиме успех, ниту победа, противникот не е во повлекување. Дури, се чини дека ќе доживееме неуспех“, гласи проценката на овој тинк-тенк.
Хезболах како партнер?
Дијагнози како оваа се чини имаат сѐ поголем одек во Вашингтон. Политичките последици се насетуваат: американските специјалци тренираа заеднички со либанската војска за случај на судир со трупи на ИД, известуваше израелскиот весник „Хаарец“ на почетокот на август. Притоа, не постои јасна раздвоеност на либанската армија од парамилитарниот Хезболах, сојузник на Иран.
„И Либан и Хезболах се наоѓаат во сива зона“, пренесува „Хаарец“ мислење на експертот за Блиски Исток, Фајсал Итани од Рафик Харири, Центар за Средниот Исток. „Либан не е вистинска држава, а Хезболах не е исклучиво терористичка група.“
Оваа испреплетеност не можат да ја заобиколат ниту САД. Импликациите на новите сојузи во заедничката борба против ИД со јасни зборови ги сублимира Хасан Назралах, шефот на Хезболах, за истиот весник: „Светот денес поаѓа од претпоставката дека сириската влада ќе остане на власт“.
Погрешна војна
Но, политичките консеквенци, кои администрацијата на Обама порано и уште повеќе администрацијата на Трамп сега ги влечат од џихадистичката закана, се спорни. Приближувањето кон Русија е ризично, се вели во студија на вашингтонскиот тинк-тенк Институт за истражување на војната. Во прва линија е проблематичен изборот на нови сојузници: „Сунитските Арапи во САД гледаат партнер во руско-иранската коалиција и со тоа ѝ припишуваат совина во злосторствата извршени од нив.“
Асад, се чини, засега останува на власт. Нему му успеа презентацијата во улога на бастион против џихадизмот. Но, ако сунитите станат убедени дека се соочени со сојуз составен од шиити, Русија и САД, тоа ќе значи натамошно разгорување на џихадизмот. Тогаш, предупредуваат американски експерти, сегашниот терор ќе биде само вовед во подоцнежен, кој ќе се изрази на уште побрутален начин.