Победнички лузери
29 јули 2020Ако ги слушаме партиите, на избориве сите победија. Лидерите влегоа во толкав триумфализам, што никој никому не стигна да му честита на изборниот резултат. Според нив, сите го добија легитимитетот од граѓаните, сите ќе правеле влада, само уште да одлучеле кои им се најповолни партнери. Сепак, додека партиите слават, се формира едно горчливо чувство, дека, всушност, реалноста е поинаква: имам впечаток дека сите партии изгубија значаен дел од својата позиција, што како цена, ќе го плаќаме сите ние во наредниот период, кој ќе биде нестабилен и полн со предизвици. Поради новата, уште покомплицирана, политичка ситуација, се плашам дека ќе биде многу тешко да одговориме на новите задачи кои стојат пред нас, а шансите нема да се повторуваат.
Влада со ДУИ
Најнапред, мислам дека сите политички партии изгубија значаен дел од својот наратив. За СДСМ, како фаворит за составување влада, и покрај триумфалистичките најави, наредниот период ќе биде полн со непријатни компромиси и предизвици на внатрешен план. Во основа, за нив постојат две опции за составување влада, ако исклучиме коалиција со ВМРО ДПМНЕ: со или без ДУИ. Коалиција со ДУИ, и покрај фактот што можеби нема да има толку висока политичка цена како што изгледаше на почеток - ако се земе предвид трансформацијата на албанскиот орел во колибри од мала Речица- сепак ќе биде влада во која помалиот проблем ќе биде поделбата на ресорите, а поголемиот проблем ќе биде начинот на самото владеење. Во оваа комбинација, ако ДУИ и СДСМ не сменат нешто во својата досегашна матрица, тешко е да се поверува дека ќе испорачаат правда или некакви посуштински реформи. За таквата влада да има надеж да исполни што било, ДУИ ќе мора да се откаже од принципот на недопирливост за своите функционери, а СДСМ ќе мора преку внатрешна реформа и промена на пристапот да се ориентира кон решавање на својот најгорлив проблем со политичкиот наратив: да почнат навистина да го испорачуваат она што ќе го ветат. Ваквата неопходна трансформација ќе изискува можеби покомплициран преговарачки процес помеѓу СДСМ и ДУИ, во кој ќе мора да влезат и некои подолгорочни комбинации и правила. ДУИ, за да се обврзе на ваква реформа, сигурно ќе бара поширок политички пакет, кој на СДСМ ќе му биде тежок залак, ако се земе предвид дека тие изгледа ја сметаат токму ДУИ за остаток од стариот режим кој во моментов е камен околу вратот на ваквата влада во најава.
Влада без ДУИ
Втората комбинација за СДСМ (влада без ДУИ) е исто така несигурна опција, иако подобро би поминала кај нивното гласачко тело. Прво, таквото мнозинство ќе го врати истото горчливо чувство на трансфер на пратеници за политичка цена, кое доминираше во комбинациите за Преспанскиот договор. Второ, таквиот крпен состав ќе биде дисфункционален, полн со политички компромиси во текот на целото владеење, и ќе биде постојано нестабилен, каде повеќе енергија ќе се троши на одржување на мнозинството одошто на испорака на реформи. Трето, во коалиција со Алијансата за Албанците и Алтернатива, нема никаква гаранција дека повторно нема да се враќаме на етничкиот наратив: досега т.н. „албански" прашања беа во ексклузивен домен на ДУИ, но новите албански партнери најверојатно ќе имаат сопствени идеи за тоа кој е корпусот на етнички прашања и до каде е тој затворен, па не е исклучено во таков пакет да влезат и нови барања на тој план.
Други колумни од авторот:
„Лепрозноста“ на ДУИ
Истовремено, „победничката“ ДУИ, е исто така, во доста комплицирана ситуација. Додека не се докаже спротивното, нивниот изборен резултат е легитимен, но токму етничкиот наратив, кој наводно им донесе добар резултат на изборите, а на кој тие се’ уште упорно инсистираат, се заканува да ги направи трајно политички „лепрозни“. Веќе сега, и покрај смирувачките тонови кои доаѓаат од мала Речица, се’ погласни се коментарите дека, всушност, токму ДУИ е кочничар на неопходниот напредок во пресрет на преговорите со ЕУ, и во домашната, и во меѓународната јавност. Таквата позиција, чиј симптом е фактот што една по една сите нивни политички платформи се одбиени од другите политички партии, е резултат на нивниот пресврт во приказната, нивното враќање на националната, наместо граѓанска платформа, и со тоа, реанимација на прашања кои и ние, но и меѓународната заедница, ги сметавме за одамна затворени. Тоа е факт кој секако непријатно ќе се одрази на нивната политичка иднина. Без суштинска реформа, и чистење во сопствените редови, мислам дека постои опасност ДУИ да остави впечаток дека се претвора во најлошата верзија на самата себеси: вештачки и измислен празен етнонационализам, кој притоа не е ништо друго освен маска за бизнис, клептократија и неказнивост, имиџ, кој ако се задржи, експресно ќе им ја потроши поддршката и од гласачите и од меѓународната заедница.
Патот на ВМРО-ДПМНЕ
Кај ВМРО-ДПМНЕ ситуацијата исто така е далеку од розова. Нивното политичко раководство е т.н. „дух кој чекори“, но за и тие тоа да го разберат, ќе биде потребно време. Најавите за внатрешно раслојување и борба за новиот правец во кој таа партија ќе се движи, исто така не се гаранција за трансформација во вистинска насока. Како што албанските партии инсистираат на нивниот етнонаратив, тој реактивен механизам исто така може да се појави, па така, не би било големо изненадување доколку по промените, ВМРО-ДПМНЕ излезе позиционирана уште подесно одошто сега.
Во ваква констелација на политичкиот амбиент, наредниот период ќе биде комплициран и нестабилен, во кој ќе биде тешко да се мобилизира политичка енергија за неопходните реформи и домашни политички задачи. Можеби најголемиот грев на предизборните маневри, каде за некои партии принципите беа жртва на политичкиот опортунитет, е воскреснувањето на етно-националистичкиот наратив, и враќање на поделбите на Албанци против Македонци, тема која ретроградните елементи на политичкиот дискурс едвај чекаат да ја преземат, засилат, и метастазираат. За земја која чека почеток на проговори со ЕУ, ова не е добра позиција.
На крајот, сите мислевме изборите ќе ја расчистат политичката ситуација, а тие всушност само дополнително ја замрсија. За вистинска разрешница и политичка стабилизација можеби ќе мора да се почекаат локалните избори, а дотогаш ризикот сите да излеземе големи лузери не е мал.