1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повеќе десетици американски шпиони инфилтрирани во германски министерства?

Александар Методијев/дв/дпа13 јули 2014

ЦИА има регрутирано повеќе десетици шпиони во неколку германски владини министерства, тврди весникот „Билд ам зонтаг“. Претходно, германската канцеларка Меркел изрази сомнеж дека САД ќе запрат.

https://p.dw.com/p/1Cc3I
Фотографија: picture-alliance/dpa

Наводните шпиони се инфилтрирани во германските министерства за одбрана, развој, економија и внатрешни работи, информира „Билд ам зонтаг“ цитирајќи анонимни извори од американските разузнавачки служби.

Интересот на ЦИА за Министерството за развој потекнува од таму што германската тајна служба за странство – БНД, го користи токму ова министерство како покритие за своите тајни операции.

Поради дипломатската караница меѓу Берлин и Вашингтон, како што се јавува, шпионите во моментов не се во можност да се среќаваат со нивните американски налогодавачи. Американските разузнавачки служби размислуваат да ги пренасочат своите „регрутирачки активности“ во Варшава или Прага поради растечкиот притисок од Германија, информира „Билд“.

Фундаментално различни погледи

Во интервју дадено за јавниот сервис ЦДФ, канцеларката Ангела Меркел рече дека САД и Германија имаат „фундаментално различни погледи“ за тоа како треба да оперираат разузнавачките агенции. Таа рече дека партнерите не треба меѓусебно да се шпионираат. Таа сепак признава дека ќе биде тешко да се убеди Вашингтон да си го промени начинот на работа.

И покрај нивните разлики, Меркел сака германските и американските разузнавачки служби да продолжат да соработуваат. „Германија профитира од соработката која се однесува на борбата со тероризмот и други работи“, рече Меркел.

Atomgespräche in Wien Juli 2014 Kerry und Steinmeier
Кери и Штајнмајер - различни насоки во размислувањата за шпионирањетоФотографија: REUTERS

Продажба на документи

Во вторникот Берлин побара од шефот на канцеларијата на ЦИА да ја напушти Германија поради американското шпионирање на Германија. Во минатите две недели германските власти открија двајца Германци кои наводно работеле за САД како шпиони.

Во првиот случај вработен во БНД наводно продал повеќе од 200 документи на ЦИА за сума од 25.000 евра. Тој наводно признал дека шпионирал во корист на САД.

Во вториот случај вработен во Министерството за одбрана беше испрашуван поради сомнеж за шпионажа. Тој ги отфрли сите обвинувања.

Американската страна, преку портпаролот на Белата куќа Џош Ернест, порача дека земјите се свесни што на нивна почва прават разузнавачките служби од сојузничките земји. Ернест порача дека какво било несогласување треба да се решава преку приватни дипломатски канали, а не во медиумите.

Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер денеска во Виена се сретна со американскиот државен секретар Џон Кери за да разговара за иранската нуклеарна програма. Штајнмајер претходно рече дека ќе ја искористи приликата на Кери да му ја изрази загриженоста за американската шпионажа.

Џон Кери се обиде да го искористи фудбалот за да ја шармира Германија. „Веќе му посакав среќа вечерва. Можете да видите колку бевме фокусирани“, се шегуваше Кери, додека Штајнмајер се насмевна.