1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов пак се обрати пред полупразен парламент

Катерина Блажевска 22 декември 2015

Владејачката ДУИ и опозицискиот СДСМ не присуствуваа на обраќањето на претседателот во Собранието: чинот е во (ин)директна корелација со причините за кризата

https://p.dw.com/p/1HRVW
Фотографија: MAKFAX

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов и годинава, исто како и лани, годишното обраќање пред Собранието денеска напладне го одржа пред полупразна собраниска сала. Ваквиот епилог е извесен откако пратениците на СДСМ вчера соопштија дека нема да присуствуваат на неговото обраќање.

„Ставот на СДСМ е јасен. Претседателските и парламентарните избори се криминални и наместени. Во Парламентот сме исклучиво заради Договорот од Пржино. Тој за нас не е претседател, затоа што е избран на криминални и наместени избори“, рече координаторот на пратеничката група на СДСМ, Ѓорги Сугарески, одговарајќи на новинарското прашање - дали социјалдемократите ќе присуствуваат на претседателското обраќање во Парламентот.

Отсутна и ДУИ

Дојче веле истото прашање вчера му го постави и на портпаролот на Демократската унија за интеграција: ќе присуствуваат ли пратениците на ДУИ на денешното обраќање на претседателот Иванов?

„Не“, кратко и децидно одговори портпаролот Бујар Османи. Оваа партија и натаму останува на ставот дека Иванов е нелегитимен претседател, бидејќи ја нема поддршката на втората по големина етничка заедница во Македонија. Политикологот Владимир Божиновски во ваквиот однос на двете партии кон институцијата претседател, гледа недостиг на политичка култура.

New York Rede Gorge Ivanov UN-Vollversammlung 26.09.2014
Фотографија: MIA

„Заложбата на СДСМ беше дека институциите треба да функционираат. Ако СДСМ сака да го унапреди функционирањето на институциите, со личен пример треба да покаже дека го прави тоа. А каде, ако не најпрво во Парламентот, кој ги претставува сите граѓани, бидејќи граѓаните на своите избраници им го дале правото да ги застапуваат нивните интереси и да бидат дел од таа претставничка демократија. Дали, ако на некои следни избори претседателот биде избран на предлог или од редовите од СДСМ, тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе треба го бојкотира? Дали ова значи дека ДУИ бара укинување на демократијата? За жал, нивната политичка култура е на едно уште пониско, на трибалистичко ниво“, вели Божиновски.

Без оглед дали пратениците на ДПА присуствуваат во Парламентот, претседателското обраќање од лани се доживува како негов говор пред монопартиска публика, односно како обраќање на Иванов пред „своите“.

Најактивна година на Иванов

Шефот на државата ќе се обрати пред полупразен парламент во една од најтешките години за Македонија, која, пак, во неговото портфолио е „прокнижена“ како една од најактивните: имал 149 средби со странски државници, 31 посета на држава и десетина учества на меѓународни самити, на кои ги реафирмирал заложбите на Република Македонија за брз прием во ЕУ и НАТО. Имал 30-тина активности поврзани со бегалската и мигрантската криза и мерки за намалување на безбедносните ризици.

Во бојкотот на неговото обраќање, аналитичарите препознаваат израз на незадоволство од состојбите во земјата, особено од опструкциите на Договорот од Пржино кои доаѓаат од партијата која го номинираше Иванов за претседателски кандидат, а за чие поведение тој досега не упати ниту една критика. Таквото незадоволство беше видливо и од вчерашната реакција на СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ продолжи со директно кршење на Договорот од Пржино, обвини координаторот на пратеничката група на социјалдемократите.

„Пратениците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ гласаа против законот со кој конечно требаше да се оформи тимот на Специјалното обвинителство на Катица Јанева. ВМРО-ДПМНЕ јавно ја опструира работата на Специјалното обвинителство, а тоа е најголемата потврда дека ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски имаат проблем со вистината и правдата. Се плаши од соочување на сопствената одговорност за сите овие 10 години и се плаши од потврдата дека оваа власт незаконски прислушкувала над 20.000 граѓани“, рече Сугаревски.

Mazedonien Präsidentschaftswahlen 2014 Wahlplakate
Фотографија: ROBERT ATANASOVSKI/AFP/Getty Images

Засега нема и никаква потврда дека се водат какви било преговори и за другите, нереализирани обврски од Договорот, а со оглед дека божикните и новогодишните празници се „мртов период“ за политички активности, се поизвесно дека политичката криза со несмален интензитет ќе влезе и во 2016 година.

Дојде ли Европа во Македонија?

Дали и каков импулс може да даде претседателот за надминување на ваквите состојби? На минатогодишното обраќање, осврнувајќи се на отсутните во Парламентот, Иванов рече: „На оние што денес не се тука, сакам да им порачам дека политичкиот дијалог не е израз на слабост, туку израз на политичка зрелост“.

Притоа, една од неговите главни политички пораки во обраќањето беше посветена на достигнувањето европски вредности.

„Официјална Атина може да ни го забави патот кон Брисел, но не може да нè спречи да ги имаме европските вредности, стандарди и критериуми. А токму тие се целта на нашиот европски пат - да ја донесеме Европа во Македонија. Наша обврска е да ги спроведеме реформите, да ги постигнеме стандардите и принципите, да ги обезбедиме човековите права и правото на човечко достоинство, за доброто на граѓаните на Македонија“, рече Иванов.

Денеска и партиите и претседателот можат да си направат искрен биланс: дали политичката зрелост е поголема од лани, и колку од европските вредности заживеаја во Македонија во изминатата година?

Според досегашниот учинок, графата „резултати“ ќе остане празна.