1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пожар во ковид-центарот во Тетово, има и жртви

ДТЗ
8 септември 2021

„Страотна несреќа се случи во Тетово каде има и жртви во пожарот кој го зафати Ковид центарот“, објави Филипче на Твитер.

https://p.dw.com/p/405r7
Nord-Mazedonien | Patienten Anlieferung
Фотографија: Petr Stojanovsk/DW

Пожар го зафати вечерва ковид-центарот во болницата во Тетово, во кој има повредени и жртви. Информацијата ја потврди министерот за здравство, Венко Филипче кој се упати во Тетово веднаш по информацијата дека гори модуларната болница, во која се сместени ковид пациенти. 

„Страотна несреќа се случи во Тетово, каде има и жртви во пожарот кој го зафати ковид центарот. Точниот број на лица кои го загубиле животот, повредените и нивната состојба се утврдува во моментов“, соопшти Филипче на Твитер. 

Тој информираше дека пожарот е веќе изгаснат и сите тимови од болницата се мобилизирани да дадат помош на повредените. Тие итно се транспортираат во Скопје за да им се даде соодветна нега - тимовите на Клиника се мобилизирани. 

Пожарот е пријавен по 21 часот, откако густ чад и пламен бил забележан како се шири од објектот. Противпожарни екипи се обидуваат да ја локализираат огнената стихија. Очевидци велат дека зградата е целосно опожарена. 

„Пожарот во болницата избил со голема брзина, пред околу еден час“, изјави градоначалничката на Тетово, Теута Арифи. Таа нема информации дали има повредени или жртви. 

„Информирана сум дека толку брзо се случило. Немам други информации за можни жртви, тоа официјално ќе бидеме информирани. Апсолутно жалам многу, болни луѓе тука биле на лекување“, вели Арифи.

Од полицијата информираат дека пожарот бил пријавен околу 21 часот, а огнот бил локализиран еден час подоцна. На местото веднаш биле испратени полициски екипи на СВР Тетово. Во гаснењето на пожарот учествувале тетовските пожарникари, засилени со три противпожарни возила од Гостивар. „Се расчистува случајот“, велат од полицијата. 

Во моментов не се познати причините за пожарот.  Во тетовскиот Ковид-центар се хоспитализирани над 80 пациенти. На социјалните мрежи се споделуваат фотографии и видеа од пожарот во модуларната болница.