Повторно оживуваат траумите на кримските Татари
13 март 2014Бабенково, тивко село во југоисточниот дел на Крим, завиткано во студената мартовската магла. Толку е мирно, како воопшто да ја нема драмата околу Крим.
Селото има околу 600 жители. Во 90-те години тука се доселија многу кримски Татари. И Мустафа Саидхалилов со родителите и браќата се врати од прогонство. На почетокот тука имаше само распадната колиба, обрасната со плевел. „Направивме оранжерија, овде една мала бавча, а таму одгледуваме кромид“, вели Мустафа, кој покрај тоа заработува нешто и како возач, со сопственото возило.
Мустафа e школуван возач на багер, „машинист“, како што занимањето се нарекувало во советскиот период. Меѓутоа на Крим веќе не можел да најде работа, па семејството денес живее од својата мала парцела.
Депортациите на Сталин
Насекаде на Крим Татарите имаат направено такви оранжерии. Бербата годинава изгледа дека ќе биде добра. Но што доаѓа потоа, не знае никој - дали Tатарите ќе останат ако Русија навистина го анектира Крим? „Сметам дека ова е агресија- напад од страна на Русија. И тоа така не може.“, се лути Мустафа.
Дневната соба на Саидхалилови е семејниот информативен центар. Сето можно време се посветува на следење на случувањата во Симферопол и во Киев. Мајката на Мустафа, Тамила, има 77 години. Кафето го подготвува традиционално, на турски начин. Татарите се народ со турски корени, кој стотици години бил населен на Крим. Сѐ до 1944 година, кога советскиот диктатор Сталин наредил нивна депортација поради наводна соработка со Германците во Втората светска војна. Десетици илјади Татари не го преживеале присилното преселување.
Тамила Халилова, имала седум години, кога била протерана. Тогаш на нејзиното семејство му оставиле само 15 минути за да го спакува најнеопходното, пред да тргне транспортот кон Централна Азија. Деновиве повторно и’ оживе траумата на прогонството.
„Без солзи воопшто не можам да зборувам за сето тоа. Веќе загубив син во советската армија. Загина во битка. А сега и мојот внук е во украинската армија. Како да останам мирна?“, се прашува Тамила.
„За целовитост на Украина“
Кримските Татари се муслимани. Во окружниот центар Кировск дури пред 20 години била изградена нова џамија. Во проповедите имамот повикува на ненасилство. Неговиот збор овде има тежина исто како и зборот на челникот на локалната управа, Екрем Абдулватов: „Крим е под руска окупација. Но ние, кримските Татари, на сите наши мирни протестни акции се залагавме за интегритетот и целовитоста на Украина“.
Над зградите на општинските совети во татарските области и натаму се вее украинското знаме. Никој тука не сака приклучување кон Русија „Не го разбирам тоа - колкава моќ не му е доволна на Путин, колкава моќ не ѝ е доволна на Украина. Освестете се и решете го тоа со помош на дипломатијата“
А ако таа потфрли, тогаш внукот на Тамила, војникот, е во опасност. Базите на украинската армија веќе со денови се блокирани од страна на Русите. За кримските Татари судбините на нивните семејства повторно се испреплетуваат со борбите за превласт на Крим.