Повторно тензично на грчко-македонската граница
22 август 2015На грчко-македонската граница, каде се заглавени неколку илјади бегалци, повторно е тензично. Стотици бегалци и покрај полициските блокади, успеле да влезат на македонска територија. Луѓето го пробиле полицискиот кордон и се разбегале по полињата. Граничарите испалиле две шок бомби, но биле совладани, јавува агенцијата Ројтерс.
Голем дел од бегалците повеќе часови и денови поминаа на територијата меѓу двете држави. Најголем дел од нив сакаат само да транзитираат низ Македонија и Србија и да стигнат во Унгарија, односно во ЕУ. Во петокот македонската полиција, како што пренесуваат агенциите, се обиде преку шок бомби и солзавец да ја запре неконтролираната навала на бегалци на македонска територија. Како засилување владата испрати војска на границата кон Грција со цел да помогне во регистрацијата на бегалците. На стотици бегалци од најранливите категории им беше обозможено да ја преминат границата и со воз од Гевгелија да го продолжат патот кон Србија.
Во Македонија од петокот е дозволен влез на ограничен број илегални мигранти од ранливите категории, а тоа контролирано влегување се врши во граничното подрачје близу Гевгелија, која од страна на интервентната полиција во четвртокот беше блокирана поради прогласувањето вонредна состојба и делумното затворање на границата. Во последните два месеца во Македонија влегоа повеќе од 40 илјади луѓе, тврдат властите.
Попоски: Помошта од ЕУ за справување со мигрантите засега симболична
„За проблемот со мигрантите потребно е Европа да обезбеди заеднички одговор, оти ниту една земја не може проблемот да го реши сама со сопствени ресурси. Помошта за Македонија од Брисел засега е симболична. Очекуваме третман од ЕУ како кон земја членка“, изјави денеска во Охрид министерот за надворешни работи Никола Попоски.
„Во комуникација сме и со нашите соседи и со ЕУ и со ОН, бидејќи се работи за проблем кој не е од или за Македонија, туку Македонија е само една од дестинациите која е дел од рутата. Бараме решение да се справиме со многу зголемен наплив. Од една вообичаена динамика од 500-600 мигранти кои влегуваа на македонска територија се соочивме со ситуација во која неколку илјади доаѓаат наеднаш, рече Попоски на новинарско прашање по посетата на Летниот камп 2015 „Ја сакам Македонија“ во Охрид.
Според него, очигледно состојбата на Македонија е многу специфична бидејќи е единствена граница на оваа рута во која мигранти доаѓаат од земја членка на ЕУ на територија на земја која не е членка на Унијата.
„Се надеваме дека ЕУ ќе го земе предвид фактот што Македонија е дел од рутата и иако не сме членка, ќе имаме подеднаков третман“, вели Попоски. Тој посочи дека повторно е упатен апел за помош од ЕУ.
„Упативме повторен апел за помош од ЕУ, во комуникација сме и мислам дека ЕК треба да биде вклучена во делот од ова решение. Во овој момент таа помош е симболична и главниот товар го сносат македонските институции. Не се работи само за финансиски, туку се работи и за хуман аспект, за луѓе кои напуштаат територија која е во воени дејствија и каде животот им е загрозен, но овие луѓе може да бидат згрижени само доколку Европа обезбеди заеднички одговор. Во овој момент тоа сепак недостасува“, нагласува шефот на дипломатијата.
Во Грција, според него, не делува дека овој проблем се намалува што значи дека треба да се биде подготвен за можеби продолжен период за ваков наплив.
„Ќе направиме максимални напори мигрантите кои сакаат да влезат на македонска територија да бидат регистрирани. Тие што ќе се одлучат за барање азил да добијат соодветен третман, а оние кои сакаат да го продолжат патувањето, исто така“, нагласи Попоски.