1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Погребот на Слободан Милошевиќ

20 март 2006

Впечатоците и оценките од погребната церемонија на Слободан Милошевиќ се централна тема на коментари во германските дневни весници. Пренесуваме дел од пишувањата:

https://p.dw.com/p/Ae9B

Весникот „Зиддојче Цајтунг„ во коментарот забележува:

„ Многумина Срби не сакаа да ја прифатат вистината која доаѓаше од Хаг. Својот поранешен лидер го сметаат за невин и не сакаат помирување. За тоа со своите грешки придонесе и самиот трибунал. Но тоа се почетнички грешки бидејќи, овој трибунал навистина е зачеток на меѓународната правда. Процесот против Милошевиќ покажа дека ОН мислат сериозно кога ветуваат дека ќе им се суди и на големите имиња. На Косово се покажа дека правдата сама по себе не може да воведе мир. Обвинителот Карла Дел Понте не го запре Милошевиќ, туку бомбардерите на НАТО. Мирот, меѓутоа, нема да се одржи без правда. Тоа го покажа Балканот каде битките од минатото секогаш одново се бијат. Судот за поранешна Југославија е обид за право решавање на прашањата кои тераат на такви повторувања„ коментира „Зиддојче Цајтунг„

„Франкфуртер Алгемајне Цајтунг„ во текстот за погребот на Милошевиќ го коментира говорот на австрискиот писател Петер Хандке. Во текстот натаму пишува:

„ Да немаше ковчег на крајот се` немаше да личи на погреб. На странецот кој се најде во Пожаревац му се чинеше како да влетал меѓу публика на некој спортски натпревар при што еуфоричната маса со овации го поздравува мртовецот. А меѓу нив еден неугледен австриец. Петер Хандке изговара наивни мисли. Вели, среќен е што е блиску до Србија и Милошевиќ. Дали заради тоа треба да се лути? Секој режим имал свој поет. Да не беше тој, тогаш би бил некој друг„ подвлекува„ Франкфуртер Алгемајне Цајтунг„

Во коментарот на истата тема во „Тагесцајтунг„ читаме:

„ Српскиот премиер Воислав Коштуница се обидува да го смири она што не може: европската иднина и националистичкото минато. Сака да ја внесе Србија во Европа, а склучува сојузи со антиевропски сили. Резултатот беше рехабилитација на военоподбуцнувачката политика на Милошевиќ и неговите следбеници кои во саботата парадираа низ Белград. Циркусот околу погребот на некогашниот моќен човек од Балканот ќе беше комичен доколку Социјалистичката партија не е во позиција да го уценува Коштуница. Тој покажа опасен недостаток на моќ и подготвеност да делува. Погребот на Слободан Милошевиќ не беше колосална демонстрација на сила, на која се надеваа неговите приврзаници. Но, онаа другата, пристојна, граѓанска, проевропска Србија мораше со гадливост и страв да ја истрпи глорификацијата на човекот кој ја уништи земјата„ „Тагесцајтунг„

Коментаторот во „Дрезднер Нојесте Нахрихтен„ пишува:

„Гротескното обожавање на Слободан Милошевиќ во Белград многу и не го олеснува конечното израчување на Ратко Младиќ и Радован Караџиќ во Хаг. Голема е опасноста дека историјата заради убавото сеќавање ќе биде фалсификувана. Бидејќи во убавата слика на светот не влегува фактот дека наводниот српски херој во име на национализмот силно го помагаше преворањето на Балканот во големо боиште. За оваа земја повеќе од кога било е важно да се ослободи од духот на поранешниот диктатор и да го продолжи патот кон Европа„ закључува во коментарот весникот„ Дрезднер Нојесте Нахрихтен„