Поддршка за Авганистан од членките на Јадранската повелба
15 декември 2010Регионалната соработка, нејзиното зацврстување и понатамошно обезбедување на отворена врата на Северноатлантската Алијанса за членство на земјите кои тоа го сакаат и можат, приоритетите и главните предизвици по самитот во Лисабон, со кои се соочува Алијансата на глобално ниво, како и најважните потреби на мисијата ИСАФ во Авганистан - ова беа темите на кои денеска на средбата во Скопје, дискутираа шефовите на дипломатиите на земјите-членки на Јадранската повелба. На неа беа присутни за Македонија Антонио Милошоски, за Црна Гора Милан Рочен, за Албанија Едмонд Хаџинасто, за Босна и Херцеговина заменик-министерот за надворешни работи Бранислав Мандиќ, хрватскиот државен секретар за евроинтеграции Андреј Пленковиќ, како и американскиот амбасадор во Македонија Филип Рикер. На поканата за присуство како набљудувач се одзва в.д. министерот за надворешни работи на Косово Влора Чајки, но не и шефот на дипломатијата на Србија Вук Јеремиќ.
Добар пример за регионална соработка
Заеднички е констатирано дека ваквата регионалната соработка, претставува многу корисен пример за регионот, кој доби голема придобивка и со членството на Хрватска и на Албанија во НАТО, како и со „де факто“ припадноста на Македонија во Алијансата, но и со придвижувањето напред на БиХ и на Црна Гора.
„Присуството во Авганистан не е доволно само во воена и безбедносна форма, туку е потребно секоја земја што има капацитет да го зајакне и цивилното присуство или со обучувачи на авганистанската полиција и армија, бидејќи главната цел не е само постигнување на стабилност во одредени кризни подрачја, туку трансформација и пренесување на главната одговорност за безбедноста на Авганистан на тамошните безбедносни сили“, изјави министерот Милошоски пренесувајќи ја оценката од дискусијата на средбата.
Автор: Александар Чомовски
Редактор: Горан Чутаноски