Поделена Америка
6 ноември 2020Бајден е на чекор до победа. За жал изборниот процес во САД не донесе јасен резултат, лавина од победа, па сега помеѓу пребројувањата и правните надмудрувања, ќе мора да почекаме уште некое време за дефинитивна разрешница. Можеби веќе во моментот кога ќе ја читате оваа колумна победникот ќе биде познат, можеби во понеделник, а можеби жалбите и правната герила на Трамп ќе потрајат и до последниот валиден датум за избирање претседател на 8-ми декември.
Кој ќе биде избран се разбира дека е важно, но јас подолго време застапувам една поинаква теза - дека повеќе од изборот на едниот или другиот претседател, кои ги третирам како симптом на американската мака и поделено општество - треба да ги следиме и анализираме системските проблеми на Америка и на нејзиниот зарѓан демократски модел.
Оттука, подеднакво е важно дали следниот претседател ќе го има Конгресот на своја страна (како Бајден), или ќе има републикански Сенат против (каде е доста изедначено), кој би ги лимитирал прерогативите на претседателот. Дали Америка ќе го добие Бајден 1 или Трамп 2, новиот претседател ќе се најде пред неверојатно тешка домашна мисија.
Вистинската аналогија во овој момент, настрана одлучноста која може да ја има Врховниот суд (каде Трамп има 6 судии наспроти 3, кои сам си ги постави), како во случајот Буш-Гор, треба да ја побараме малку поназад во времето. На изборот на Линколн во 1860 му претходеа серија на стравови од граѓански немири и сериозни смртни закани. Тогашниот гувернер на Вирџинија се заканувал дека ќе го промени изборниот резултат со оружје, носејќи ја својата приватна милиција во Вашингтон. Денес гледаме дека милициите на Трамп чекаат, но се на штрек да бидат повикани на улиците. Многу градови и продавници престанаа и со продажбата на оружје за време на изборниот период. Како и да е, во 1860-та Линколн и демократијата ќе превладеат и ништо нема да испадне од заканите за немири и убиства. Прашањето е дали денес демократијата ќе превладее во Америка?!
Други колумни од авторот:
Трамп или Бајден– малку ќе промени во надворешната политика на САД
Бугарија како Големиот брат на Џорџ Орвел
Трамп–Бајден, кошмар со отворени очи
Американскиот изборен модел повторно не го преживеа демократскиот тест. Архајски и неефикасен, суштински недемократски (граѓаните не го бираат директно претседателот), пренагласено мнозински, систем кој бара постојано пребројување и вмешување на судовите, лесна мета на руски хакери или поплаки за изборни неправди, изборниот систем на САД пука по сите шевови. По којзнае кој пат, демократскиот кандидат освојува нов апсолутен рекорд на граѓански гласови (Бајден преку 70 милиони), но и покрај тоа, не ги добива по автоматизам неопходните 270 големи електори. Овој систем плаче за реформи, во спротивно Америка ќе нема право повеќе да се нарекува себеси најголема демократија на светот, ниту повеќе да дели лекции кај други земји за изборните процеси.
Гласањето преку пошта поради пандемијата, внесе само дополнителен момент на несигурност. Трамп се прави наивен кога вели: „Одеднаш се појавија повеќе гласови за Бајден“, помалку наивен кога вели: „Запрете со броењето на гласовите од пошта“, затоа што знае дека тие над 100 милиони гласови подоцна се бројат и дека тие се пред се гласови за демократите. Републиканците на Трамп сериозно го потценија овој прагматичен инструмент преку кој Американците не се откажаа од својот глас, до степен што републиканците просто ги фати паника, и можеби тука ја направија клучната тактичка грешка која ќе го реши победникот.
Очигледно е дека заканите на Трамп не упалија кај граѓаните за да не гласаат, сега ќе видиме дали ќе го спаси фактот што го кочеше американскиот поштенски систем, или фактот што си направи мнозинство во Врховниот суд, во надеж дека ќе му помине наративот: „Или јас победувам – или е кражба“. Но, за многу од прашањата и поплаките одлучуваат државните судови, и Врховните судии секогаш биле внимателни пред правата и прерогативите на посебните држави.
Во 2000-та година решавачка беше Флорида, но овој пат, како и во 2016-та, гледаме дека во Америка постојат 5-6 „Флориди“, и дека како што и беше најавено, резултатот ќе се крши во „Зарѓаниот појас“ на американскиот Среден Запад. Висконсин, Мичиген, Пенсилванија, повторно се клучни во одлучување на победникот. Тоа ја потврдува структуралната формација на САД каде максималистичкиот Југ го преферира Трамп, минималистичките брегови гласаат за Бајден, додека Мидвестот го одлучува победникот.
Два наративи
Оттука, настрана изборните преференци, на системски план и на структурално поле, претседателскиот дуел зависи од контрадикциите на заморената американска империја. Како и пред 4 години, Трамп успеа да го обедини околу себе германското мнозинство од американската бела популација, која е заморена од анти-економизмот и воинственоста кои се нужни за одржување на американската хегемонија. Трамп се уште го држи и длабокиот Југ, кој пак е милитаристички настроен, и кој е носител на американската културолошка различност од Северот, состојба која е загрозена од подемот на расните судири и демографските промени. И на едните и на другите, на целиот свој електорат, на осиромашената средна класа и на длабоката Америка, Трамп им ветува повлекување на империјата дома, напуштање на светот, нешто што ниту сака, ниту пак може да го спроведе.
Бајден и демократите од друга страна ни раскажуваат една Америка која повеќе не постои, или која постои, но не е докрај свесна за остатокот од општеството и неговите маки. Бајден го привлекува пост-историскиот дел од нацијата, која како да не е свесна дека живее во актуелна империја, која ги гледа само добрите страни од глобализацијата, и ужива во фактот дека не го носи делот од теретот кој го носат жителите на рурална, запоставена или длабока Америка, или пак на малцинствата кои се уште не се докрај асимилирани и еманципирани. На крајот, ќе победи кандидатот кој успеал да ја продаде својата верзија од приказната на осиромашениот и запоставен електорат од белата популација во американскиот Мидвест. За Трамп тоа е приказната дека светскиот хегемон и актуелна империја ќе престане да војува и дека ќе ја згасне империјата, нешто што не може да го направи, и дека така ќе им ги олесни маките на Американците. Кај Бајден пак наративот е дека тоа ќе се оствари преку развивање и проширување на велферот, социјалната држава и благосостојбата за сите Американци. И двата наративи се крајно невозможни за реализирање.
Причините се повеќе и ќе наведам некои од нив. Пред се поради незапирливата пропаст на националната мануфактура и традиционална индустрија, нешто што е непомирливо со империјалниот императив на Америка масовно да увезува или делокализира, со цел другите држави да бидат зависни од неа. Тоа е и причината што регионот на „Зарѓаниот појас“, каде најмасовно се спроведува процесот на деиндустријализација, стана клучен во последните два изборни натпревари. Оваа состојба е дополнително влошена од неспособноста на информатичкиот и хајтек сектор од Силиконската долина да ја замени мануфактурата и индустријата, од проста причина, што иако врти неверојатен капитал и остварува огромни профити, пати од фактот што не зависи и не вработува доволно работна сила.
Потоа тука е културолошкиот и општествен проблем, каде нацијата е во внатрешен конфликт околу историскиот наратив, но и идната проекција, околу која Америка мора да се униформира. Мидвестот и бреговите се против различноста на Југот, нивната воинствена инклинација, додека во исто време се соочуваат со демографски промени и проблеми во асимилација на егзогената популација.
На овие две главни линии лежи суштинската поделба на американското општество, таа се пресликува во федералните институции и државните апарати, развивајќи спротивставени фракции во федералната држава и разнебитување на националното ткиво. Трамп тоа сака да го реши со инвестирање дури и во организации кои се застапници на завери и расизам, во наводна борба против естаблишментот, додека Бајден тоа се надева да го реши преку зајакнување на централната држава. Овие процеси ќе ја одлучат траекторијата на САД, тие не може да бидат решени само од Бајден или Трамп, во голем дел станува збор за пожари кои ќе мора сами да се изгаснат, носејќи со себе огромна непредвидливост за целиот свет.
Што може да се направи во првите 100 дена?! Ова важи за Бајден, бидејќи знаеме дека Трамп би продолжил по старото. Првото нешто е да ја заузда ковид пандемијата, како и што ветуваше: федерален закон за носење маска, помош за најзагрозените држави, зајакната координација на тестови и масовно следење на заразените, враќање на САД во СЗО со цел зајакнување на соработката со другите земји.
Вториот приоритет е економијата. Бајден тука предлага масовна јавна потрошувачка, во висина од 2000 милијарди долари, базирана на „deficit-spending“, што значи на федерално задолжување, бидејќи само така се постигнува максимален ефект против-рецесија. Ова не е квантитативна мерка, затоа што и Трамп консензуално со демократите го зголеми задолжувањето за 16 %, но би требало да е квалитативна, со поинакви приоритети. Вистинскиот реформаторски белег на администрацијата на Бајден би требало да следува нешто подоцна, исто во висина од 2000 милијарди долари. Тука средствата би се фокусирале на обновлива енергија и инфраструктурни инвестиции, со приоритет на колективниот и еколошки транспорт, пред се во железници и електрични автомобили. Со дел од парите, околу 770 милиони долари Бајден има намера да инвестира и во здравствената заштита, особено кај најмладите и највозрасните, проширувајќи го постоечкиот Медикер. Уште 700 милиони долари би отишле на планот на Бајден „Made in America“, кој би им гарантирал на домашните производители предност во секоја тендерска постапка. И тука Европа треба да е внимателна, бидејќи оваа мерка е исто што и протекционизмот на Трамп.
Разликата во втората мерка е што не би била финансирана преку задолжувања. Станува збор за фискална мерка. Бајден вети дека нема да го зголемува данокот за оние кои заработуваат како семејство под 400 илјади долари годишно, и ќе наиде на големи проблеми да ги финансира своите проекти преку оданочување на богатите. Но, целта е јасна, промена на даночната политика и пренесување на теретот врз фирмите и богатите категории. Данокот на добивка би се зголемил од 21 %, на 28 проценти.
Од социјалните реформи, Бајден планира да воведе 12 неделно породилно, како и зголемување на правото на платено работно отсуство. Во име на поддршката која ја доби од Берни Сандерс, зголемување на минималната плата од 7,25 долари на 15 долари, по час. Построги правила за регулација на Вол Стрит, и зајакнување на регулаторните тела за заштита на малите штедачи.
Во првите 100 дена Бајден планира да промени многу од извршните декрети на Трамп. Конкретно, сите оние декрети кои со кои беа укинати мерките за заштита на животната средина, особено околу либерализацијата на пазарот за бушење на нафта, неконтролираната слобода на нафтените компании, оние за гас и особено јагленот. Посебна заштита би уживале одредени категории на емигранти, таканаречните „сонувачи“, кои пристигаат во САД како деца и немаат врски со земјите на потекло.
Симболични гестови
На надворешен план, една од првите одлуки би била враќање на САД на климатскиот договор од Париз. Мошне веројатно е дека првата официјална посета во странство на Бајден би била во Европа, каде главната цел, покрај зајакнување на трансатлатнските врски, би било и креирањето на коалиција од заеднички интерес против Кина.
Но се ова, дури и кај надворешните набљудувачи на Америка, се сведува на симболични гестови, реторички промени, промени во галатноста или бонтонот на претседателот, кога во суштина, тие што се битни се американските граѓани и нивното комплексно општество, кое покажува знаци на потенцијален конфликт кој тешко би се решил преку демократски средства.
Интересите на народот, или потребите на граѓаните од поодамна покажуваат знаци за потреба од темелна промена, која не знаат како да ја артикулираат, освен да потпаднат под популизмот на Трамп, или да се надеваат во политичката коректност на Бајден. Големиот бизнис, големата политика, големите економски интереси драматично ја избегнуваат таа свест и нужност, како фактори кои би довеле до системски, да не речам, револуционерни промени. Сведоци сме на растечка атомизација во американското општество и политика, самите партии се длабоко поделени одвнатре, но ниту од горе, ниту од доле не гледаме опција која нуди реални промени. Интересите на економските елити и понатаму не се загрозени, додека оние кои се економски маргинализирани, не покажуваат никаква амбиција или интерес за поместување од мртвата точка. И двете партии се хегемонизирани од големиот капитал, и среќни со тоа што го имаат. Ветувањата за промени од Окасио Кортез и нејзините колешки, се сведуваат на ситни идентитески борби, премали за да доведат до системска промена.
Останува горкото чувство дека победата на Бајден наместо да го запре, само ќе го продолжи бавното пропаѓање на американскиот демократски модел кој Трамп всушност го забрза.