1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поизневерена од Македонија и целосно уништена е само Босна

5 ноември 2021

Македонскиот процес на пристапување кон ЕУ е во слепа улица, но оној на Босна, како потенцијален кандидат, е во церебрална смрт. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/42bxr
Symbolbild Bosnien Herzegowina UN
Фотографија: picture-alliance/AA/D. Aydemir

На прашањето дали во Босна или на Балканот може повторно да дојде до некаква војна, одговорот може да биде само еден – не! Причините за тоа се системски, демографски или едноставно материјални, никој нема ниту моќ, ниту ресурси, ниту доволно луди глави, а најмалку од се има сериозно вооружување и воена логистика за сличен потфат.

Па сепак, иако за референдум околу осамостојување на Република Српска се збори повеќе од една деценија, денес повторно слушаме за некакво ѕвецкање со оружје и предупредувања од можна поделба. Кристијан Шмит, висок претставник за Босна и Херцеговина, неделава изјави дека ако српските сепаратисти ја остварат својата закана дека ќе ја обноват својата војска, ќе ги поделат вооружените сили и тогаш повеќе меѓународни мировници ќе треба да се вратат назад за да се запре патот кон нова војна.

Драматизацијата на состојбите или пренагласувањето на опасноста е веќе канонизирана тактика на локалните политички елити со цел да ги заплашат САД и ЕУ и можеби да извлечат некоја екстра пара, да го залечат истрошениот политички капитал и да ги зајакнат своите привилегии преку „бизнисот на систематска вонредна состојба“. Последниот таков потег доаѓа повторно од некогашниот миленик на Медлин Олбрајт, човекот кој преку 15 години е најголемиот непријател на пост-Дејтонска Босна, Милорад Додик.

Уште во септември Додик жестоко распали дека Република Српска, српски доминираниот дел од Федерацијата Босна и Херцеговина, сака да ја напушти заедничката мултиетничка држава. На 14 октомври, Додик изјави дека ќе ја принуди босанската армија да се повлече од Република Српска опкружувајќи ги нејзините касарни и дека доколку Западот се обиде воено да интервенира, тој има „пријатели“ кои ветиле дека ќе ја поддржат српската кауза. Тој смета на помош од Русија.

Ивор Мицковски, автор на колумната
Ивор Мицковски, автор на колумнатаФотографија: Privat

Повеќе од авторот: Паднавме во замката на Софија

Дека Србија и Русија имаат вмешано прсти е повеќе од јасно. Москва отворено го поддржува секој обид на Додик да го бојкотира функционирањето на земјата, затоа што во нејзин интерес е земјата да не влезе во НАТО и никогаш да не стане дел од ЕУ. Вучиќ пак, има повеќе поделен однос кон српско-босанскиот каудиљо, особено откако идејата за припојување на РС кон Србија делува крајно неверојатно. Затоа Вучиќ изигрува еден вид на доминатор и припитомувач на Додик за на тој начин да изгледа како балкански помирувач и да ги освои симпатиите на спонзорите на стабилократијата од ЕУ. Додик на Вучиќ му служи како алтер-его, како алијас, како инкаранција на „лошиот Србин“ кој само тој може го смири и вразуми, додека во позадина масивно инвестира пари со цел да го оддржи своето влијание во Р. Српска. Нормално, своја деструктивна улога имаат и Хрватските ултранационалисти од ХДЗ-БиХ кои се партнери на Додик и Вучиќ во проектот на раскрчмување на БиХ.

Но, ништо од тоа не е доволно за нов конфликт и овој трагичен мизансцен на локалните политички елити служи само за одржување на еден симулиран конфликт во најзаборавената и најнапуштената од Европа етнократија на Балканот. Причините за таа неможност се суштински три: едната е хроничната незаинтересираност на ЕУ за Босна или нејзиниот интерес да не се раздрмува неодржливиот, но и незаменлив статус-кво; другата причина е демографска, а третата едноставно финансиска.

Повеќе од авторот: Победува „Партијата на Негласачите“

Просечната старост во земјата е 42 години и неа младите ја напуштаат „главом без обзира“, додека етнонационалистичките елити ја покрадоа до тој степен што дури и некој утре да сака да војува, ќе нема со што. Најголем дел од популацијата има помеѓу 50 и 54 години. До 2060 година 30% од популацијата на БиХ ќе има над 65 години. До 2050 ќе изгубат половина од населението. Демографскиот пад на Босна оди чекор во чекор со оној на Србија и Хрватска, па се предвидува дека до 2100 година, сите ќе изгубат преку 18 % од својата популација.

„Не планирам да се враќам во БиХ“

Дури и да се тргне кон некакво отцепување на РС, прашање е како тој проект би се финансирал, кога се знае дека нејзините институции немаат никакви залихи, ниту парични средства за создавање на сопствена војска. Така да, самата закана на Додик е илузорна, додека воената индустрија во регионот, и покрај нереалните фалења, е истрошена, продадена или застарена.

И конечно, надворешниот фактор ЕУ. Овие денови, кога анализата за поразот на Заев од крокодилските солзи прејде во оправдување за сметка на неисполнетите ветувања на Брисел, од повеќе коментатори слушаме како Македонија била најоштетена и речиси уништена од слепоста на ЕУ. Дека ЕУ има свои одговорности кон Македонија е повеќе од јасно, но да ни се додели тој тажен примат е неискрено и нечесно наспрам една Босна.

Босна нема ни кандидатски статус, се разбира затоа што треба да направи брда реформи кои се невозможни во една држава парализирана од бирократска и институционална метастаза, а причината за тоа лежи во апсурдниот и прекомплексен политички систем од Дејтон. Повеќе од 15 години Босна е прогласена за неодржлива, а во исто време е тотално напуштена, оставена сама на својата судбина, вештачки оддалечена од Европа, пацифизирана – но како таква легната на бомба. Секоја најмала промена се заканува дека може да ја запали земјата и целиот регион, но експлозијата никогаш не се случува, па затоа земјата останува заробена во вечното Чистилиште – неодржлива, а сепак, непроменлива.

Повеќе од авторот: „Полегзит“ и како поделбите Исток-Запад го блокираа нашиот пат кон ЕУ

Ако една Македонија, комплексна и мултиетничка, но сепак, со два наместо три ентитети, не може да добие доволна поддршка од ЕУ за надминување на наметнатата „национализација на пристапниот процес“, тогаш замислете какви се шансите за Босна. Нашиот процес е во слепа улица, но оној на Босна, како потенцијален кандидат, е во церебрална смрт. Јасно е дека додека Додик или некој нему сличен ќе биде на власт, Босна нема никогаш да влезе во ЕУ. Но, мислам дека и без тоа Босна нема никогаш да влезе во ЕУ, што поради своите институционални лавиринти, што поради стравот во Унијата од муслиманска миграција низ нејзините граници или од поместување на муслиманското население. Во БиХ муслиманите се 50% од вкупната популација, а Макрон веќе пред некоја година ја прогласи за „темпирана бомба“, мислејќи токму на муслиманите од Сараево. Се разбира неговиот став е претеран, нереален и катастрофичен, но кажува доволно за Европа која како што не беше заинтересирана за судбината на муслиманите за време на војната, подеднакво е незаинтересирана и во време на мир.

ЕУ како и со секоја од несреќните и сиромашни земји од Балканот се вади на трговската размена или странските инвестиции кои лани изнесувале 228 милиони евра. Факт е дека тоа е повеќе од сите други земји заинтересирани за Сараево, но воопшто не е доволно за да ја воскресне погребаната економија. Тоа што највеќе недостасува е што ЕУ прави премалку за да промовира некаков реален процес на реформи. Напротив, Босна ја интересира ЕУ само онолку колку што може да допринесе за спречување на миграциските бранови.

Symbolbild Bosnien und EU Fahnen Flaggen
Фотографија: Imago

Но, тоа значи дека ЕУ покрај тоа што се однесува егоистички, размислува кратковидно и не ги разбира ризиците од оставањето на БиХ во лимбо. ЕУ не ја сака и не се интересира за Босна суштински поради страв од исламски екстремизам. Но, тоа е рѓава логика. Општо познато е и докажано дека религиозниот екстремизам зависи од очајните социјални и економски услови на одредена популација. Да се остави Босна во мизерија, како и целиот регион на Западен Балкан со 20 милиони жители надвор од ЕУ, наместо да се интегрира, само ќе ги влоши тие очајни состојби и ќе ја зголеми опасноста од стравовите кои ја плашат токму ЕУ. Не само тоа, него целата ЕУ може само да добие ако милиони луѓе во нејзино соседство живеат подобро и добијат некаква социјална и економска перспектива.

Но, Европа како и секогаш низ историјата, повторно ја изневерува Босна и Сараево. Босна е доказ дека политиката може да биде продолжување на воена состојба со други средства.