1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поларизираната Германија

Феликс Штајнер
3 октомври 2016

Германија денеска го слави Денот на обединувањето, а во фокусот на празникот не може да биде единството. Земјата е соочена со нови предизвици, а Дрезден е идеално место за нивно тематизирање, оценува Феликс Штајнер.

https://p.dw.com/p/2Qp8j
Deutschland Dresden Yenidze Fabrik und Frauenkirche
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Kahnert

Трети октомври на Германија четврт век ѝ беше повод за размислување околу тоа колку се приближиле едни до други условите за живот и расположението на истокот и западот на земјата. На Денот на германското обединување оваа 2016 година се чини како да нема нешто понесоодветно од ова.

Зашто, со доаѓањето на повеќе од еден милион бегалци од почетокот на минатата година, земјата денес е соочена со поинакви предизвици. Во таква ситуација, прашање како дали во регионот на Рудните планини се живее исто толку добро како во Хунсрик е прилично депласирано.

Големата задача од обединувањето

Канцеларката го знае тоа, па приемот и интеграцијата на луѓето уште пред повеќе месеци ги дефинираше како најголемата задача од германското обединување досега. Но, повеќе од реченицата „Ќе успееме“, која се повторува како мантра, досега не слушнавме ниту од нејзе ниту од претседателот на државата.

Да, државата во меѓувреме успеа во многу работи: од сместување и згрижување до регистрација на дојденците. (На крајот од септември министерот за внатрешни работи конечно имаше информација колку бегалци дошле во 2015-та.) И, како што рече Ангела Меркел, со сите сили се работи на тоа „ваква ситуација да не се повтори“. Што не значи ништо друго, туку дека со сите средства (закони, договори со други држави, гранични контроли) се прават обиди за самоизолација.

Steiner Felix Kommentarbild App
Феликс Штајнер

Државата сама не може да успее во делот на интеграцијата на дојденците. За тоа е неопоходно целото општество: соседите кои на новодојдените ќе им кажат добредојде, наставниците кои со особен ангажман ќе ги поттикнуваат младите луѓе, претпријатијата кои ќе им дадат шанса за обука на оние кои сѐ уште не зборуваат перфектно германски. Но,токму на овие апели Германија чека попусто. Трети октомври би бил добра можност за тоа!

Отворена омраза на социјалните мрежи

Од летото минатата година се појави и втор предизвик: германското општество се поларизираше како никогаш досега во поновата историја. Големите загуби на гласови на ЦДУ и СПД и брзиот подем на деснопопулистичката АфД само донекаде успеваат да покажат колку многу се поместуваат координатите во моментов. Тоа е многу повидливо од бруталноста која се манифестира на социјалните медиуми секојдневно. 

Тука безброј лица - кои дури и не се кријат зад анонимни идентитети - пропагираат насилство како средство на политички судир. Тие се чаламат повикувајќи на бунт против владеачката елита и подбуцнуваат против дојденците во земјата. Се разбира, тоа има последици: се подметнуваат пожари или се каменуваат сместувалишта за бегалци, градоначалници даваат оставки затоа што добиваат закани и лично и членови на нивните семејства, а се палат и автомобили на политичари - па и на шефицата на АфД. Непријателите на демократијата се главно од десниот спектар, но во никој случај не само од таму.

Дрезден - затоа што демократите не смеат да се кријат

Тоа што централната прослава на Денот на германското обединување годинава се одржува во Дрезден е благодарение на федералистичката случајност, но можеби и судбински знак. Дрезден, градот во кој - месеци пред бегалската криза - се одржуваа демонстрации на Пегида со симболична бесилка за канцеларката Меркел, на кои учествуваа повеќе илјади луѓе. Градот во кој претходната недела имаше експлозии пред една џамија и еден конгресен центар.

Тоа, се разбира, буди страв и затоа прославата на празникот ќе има полициско обезбедување како никогаш досега. Па, сепак, канцеларката, претседателот и сите други врвни функционери денеска мора да бидат во Дрезден за да покажат дека демократијата не отстапува и дека нејзините претставници не се кријат, туку се во контакт со граѓаните на оваа земја. Можеби притоа ќе се разјасни зошто всушност токму Дрезден е толку исплашен од некаква исламизација.

Пред нешто повеќе од 100 години градот даде дозвола за изградба на огромна фабрика за цигари која изгледа како џамија и која оттогаш е дел од сликата за градот (фотографијата горе). Би било убаво кога и во иднина со Дрезден би се поврзувале храброста и отвореноста кон светот како таа 1908 година.