Политизирање на Евровизија
15 март 2017Русите отсекогаш биле добри шахисти. Тоа го докажаа и со изборот на претставник на нивната земја на натпреварот за Песна на Евровизија во главниот град на Украина. Буквално во последна минута, пред истекот на предвидениот рок, полудржавната телевизиска станица Перви канал соопшти дека 27-годишната Јулија Самојлова во Киев ќе ја пее песната „Flame is Burning". Јулија е убава млада жена со долга руса коса и широка насмевка. Од детство е во инвалидска количка.
Исвиркувањето на ваква пејачка би било цинично и неприфатливо, дури и доколку исвиркувањето не се однесува на неа лично, туку на нејзината земја. Како што во 2014. година во Копенхаген не беа исвиркани близначките Толмашеви, туку еден хомофобен закон, донесен во Русија непосредно пред одржувањето на Евровизија. А одделните свирежи кои можеа да се слушнат во 2015. година во Виена, не беа наменети кон Полина Гагарина и нејзиниот моќен глас, туку против агресивната руска политика кон Украина. Една година подоцна, сите мислеа дека евровизиската публика престана да ја казнува Русија. Сергеј Лазарев во Стокхолм настапи со својот перфектен 3Д спектакл како еден од главните фаворити. А тогаш се случи нешто неочекувано. Сензација.
Обвинувања за политичка одлука
Симпатиите на многу национални жирија и ТВ-гледачи беа на страната на кримската Татарка Џамала од Украина. Со својата потресна песна за трагичната судбина на нејзиниот народ, таа веројатно не мислела само на кримските Татари, кои советската тајна служба НКВД ги депортирала од татковината во 1944. година. Беа очигледни и паралели со анексијата на Крим и руската поддршка на сепартистите во источниот дел од Украина. Џамала победи и овозможи одржување на музичкиот натпревар во Украина.
Многумина во Русија се жалеа дека одлуката била политичка. Притоа, победата на Украинката беше целосно заслужена. Во Москва меѓутоа се множеа гласови кои бараа бојкот на Евровизија во Украина. Најгласни беа минатата недела. Одговорните во Русија очекуваа дека рускиот пејач или пејачка нема да биде добредојден во Киев. Многумина очекуваа Москва да се откаже од учеството. А тогаш, во неделата доцна вечерта, дојде изненадувањето: Јулија Самојлова, финалистката од Икс-фактор од 2013. година, ќе ја претставува Русија на Евровизија 2017 во Киев. Претходно не се зборуваше за неа како за можен учесник, но транспарентност во националниот предизбор не е баш руска специјалност.
Украина на потег
Не е првпат на изборот за Песна на Евровизија да настапува хендикепирана уметничка. Пред две години во Виена настапи Полјачката Моника Кушинска, во инвалидска количка. Таа стигна во финалето, заврши на 23. место. Слепата Дијана Гуртскаја, која сега живее во Русија, во 2008. година во Белград пееше за Грузија и во финалето беше единаесетта. Само што таа имаше многу посилен глас и подобра песна од Јулија Самојлова. Тоа не смее да се заборави при вреднувањето на руската песна оваа година во Киев. Зашто, на прв план во натпреварот е - музиката.
Ако дојде дотаму. Имено, надлежната украинска тајна служба проверува дали на Русинката ќе ѝ даде дозвола за влез во земјата. Јулија Самојлова во 2015. година настапувала во Крим, што би можело да значи дека индиректно ја поддржала анексијата на Крим и ги повредила украинските одредби за влез во земјата, се вели од Киев. Забраната за учество на една учесничка на Евровизија би бил голем скандал и преседан на овој натпревар. Тој би нанесол штета на украинскиот имиџ во Европа, веќе начнат со завлекувањето на реформите, а во случајот со Евровизија, подготовките се во знакот на срамни пропусти.
Европската радиодифузна унија не би можела да прифати таква забрана. Затоа, би било подобро Украина да не ѝ забрани влез во земјата на пејачката. Сѐ друго би бил добредојден повод за злите духови од Русија и од други места да вперуваат прст во Украина. Киев би требало да сочува ладна глава и да ѝ даде предност на музиката. Тоа би бил добар шаховски потег.