Политиката е политика, бизнисот е бизнис
23 септември 2011Развој на бизнис соработката независно од политичките односи меѓу Македонија и Грција, бараат бизнисмените од двете земји. Стопанственици од над триесет компании од стопанската комора на Халкидики денеска во Скопје порачаа дека унапредувањето на економската соработка во регионот нема алтернатива. Спорот за името не треба да го кочи бизнисот: „Тоа прашање е за политичарите. Ние како бизнисмени ги повикуваме двете влади да седнат на преговарачка маса и сигурен сум дека преку искрен дијалог ќе има добар резултат. Има многу простор за соработка, Господ сакал да бидеме соседи и како што велиме во Грција, најважно е да имаме добри односи со својот сосед“, изјави Гилис Јоргос, претседател на стопанската комора на Халкидики.
Грчките стопанственици се оптимисти
Иако земјата е во криза, грчките стопанственици се оптимисти дека зголемениот извоз и најавите за кредитирање на грчките банки од страна на Европската банка за обнова и развој отвора простор за соработка. Најголем интерес има во делот на туризмот, недвижностите, прехранбената индустрија. Кристин Соманели од асоцијацијата на жени-бизнисмени изјави дека е потребно продлабочување на соработката со жените бизнисмени во Скопје и на Балканот.
„Веруваме дека ние жените можеме да направиме добар бизнис. Политиката е политика, бизнисот е бизнис“, смета Соманели.
Македонците оставаат најмногу пари во Грција
Продлабочувањето на соработката е од исклучителна важност и за македонските компании, со оглед на фактот дека Грција е главна туристичка и шопинг дестинација за македонските граѓани. Според Снежана Јовановска, претседател на групацијата за туризам и угостителство во Стопанската комора во Скопје, македонските граѓани оставаат најмногу пари во Грција. Затоа според нејзе е од посебно значење развојот на соработката. Јовановска смета дека фокусот на Грција за иднината е Балканот, а не Германија или некоја друга европска земја, што се покажало и од последната туристичка сезона кога најмногу туристи имало од регионот.
Инаку, Грција е втор по големина инвеститор во Македонија и еден од најзначајните трговски партнери. Најголемите инвестиции се во банкарскиот сектор, нафтената индустрија, трговијата и текстилната индустрија. Првиот човек на грчката Стопанска комора ги покани македонските бизнисмени на возвратна средба која според најавите треба да се случи до крајот на годинава.
Автор: Костадин Делимитов
Редактор: Жана Ацеска