1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политиката на владата ја чини Грција десетици милијарди евра

ЗЈ/дпа/ртр/афп22 јули 2015

Колкава е загубата на Грција откако е на власт владата предводена од Сириза? Експерти избегнуваат конкретен одговор. Но, факт е дека екстремно се влошија податоците од стопанството во изминатите месеци.

https://p.dw.com/p/1G1wu
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Владата на премиерот Алексис Ципрас стапи на власт во јануари годинава со план да му стави крај на курсот на штедење и реформи, што од презадолжената Грција го бараа кредиторите. Тие мерки требаше грчката економија да ја направат поконкурентна, а државниот буџет посолиден. Но, според Ципрас, доведоа токму до спротивното. Брутодомашниот производ е намален од почетокот на кризата за околу една четвртина, а невработеноста од околу 25 проценти е највисока меѓу земјите од еврозоната.

Цената на тактизирањето - најмалку 63 милијарди!

Повеќемесечното преговарање и тактизирање имаат своја цена: според пресметките на агенцијата Ројтерс, најмалку 63 милијарди евра - што е повеќе од една четвртина од вкупната економска сила на земјата. Оваа сума се базира врз прогнози и јавно објавени податоци од доверителите и од други институции. Во неа не се содржани загубената доверба и можноста земјата евентуално сепак да ја напушти еврозоната. Фактот дека станало збор за грекзит на одредено време мора исто така да биде земен предвид кај инвестирањето од странство во догледно време, смета Марк Вал, во Дојче банк надлежен за еврозоната. Кристоф Вајл, кој во Комерцбанк ја анализира политиката за спасување на еврото, констатира: „Грчката економија е во рецесија. Во првите два квартала од 2015 година тоа е недвосмислено резултат на политиката на грчката влада“.

Според анализите на Комисијата на ЕУ и на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), конјунктурата масивно се влоши, особено во јули, кога беше воведена контрола на протекот на капитал, за да не можат Грците да ги повлечат сите свои пари од банка. Негативната спирала има исклучиво политички причини, вели претставник на ЕУ кој не сака да биде именуван. „Несигурност“ гласи клучниот збор во претпријатијата и кај инвеститорите. „Варуфакис беше најскап министер за финансии во историјата“, оценува претставник на ЕУ.

За три недели „изгорени“ 30 милијарди

Тактиката на одолговлекување само во изминатите 3 недели ја чини Грција 30 милијарди евра, вели висок по ранг претставник на ЕУ. Истава согласност можеше да биде постигната и кон крајот на јуни во рамките на вториот пакет за помош. Тогаш банките не ќе мораа да ги затворат вратите, што го влоши финансирањето на претпријатијата. Пред само неколку недели Атина замоли за помош од 53 милијарди евра; сега, во претстојните подробни преговори за третиот пакет за спас, станува збор за до 86 милијарди.

Владата во Атина, со курсот што го застапува, и’ штети на сопствената економија, оцени и германскиот министер Волфганг Шојбле. Лани во ноември Комисијата на ЕУ уште прогнозираше пораст на грчката економија од 2,9 проценти во 2015. и дури 3,7 во 2016 година; 2014 ја заврши со пораст од еден насто, а Грција полека фаќаше чекор на пазарот на капитал. Сега тоа е „лански снег“. Доверителите проценуваат дека грчкото стопанство годинава ќе доживее пад можеби и од 4 проценти. Според економисти, изразена во пари, таа разлика е речиси 13 милијарди евра во оваа, а за наредната година се прогнозираат речиси 10 милијарди.

Подобрување не е на повидок

Пазарната капитализација на Атинската берза во декември 2014 се сумираше на 64 милијарди евра. До крајот на јуни годинава е уништена една четвртина од таа вредност. Владата на крајот мораше да го запре работењето на берзата.

На пазарот на капитал Грција во април 2014 година успеа да пласира петгодишни државни обврзници со камата од 4,95 проценти. Тогаш се роди надеж и првенствено инвестираа вложувачи од странство. Во меѓувреме владата повторно е де факто отсечена од пазарот на капитал, а подобрување не е на повидок.