Полицијата ја промени страната - каде е Јанукович?
22 февруари 2014Украинското Министерство за внатрешни работи денеска (22.02) ги повика граѓаните на соработка со полицијата за повторно да се воспостави ред и поредок во земјата. Во соопштение на Министерството се вели дека се поддржува „желбата за промена“ во Украина и се нагласува дека полицијата е на „страната на населението“.
Украинското раководство во меѓувреме ја губи контролата над се‘ повеќе делови на земјата. Противниците на претседателот Виктор Јанукович, според сопствени трвдења, ја имаат власта во Киев во свои раце. Таканаречените сили за самоодбрана го штитат од напади парламентот, седиштето на владата и кабинетот на претседателот во центарот на главниот град на Украина. Претседателот Виктор Јанукович, според изјави на негов близок соработник, наводно се наоѓа во источноукраинскиот град Харков и планира набрзо да се врати во Киев. Претходно имаше извештаи дека Јанукович ја напуштил земјата.
Украинската Врховна Рада (парламентот) во меѓувреме со големо мнозинство го избра Александер Турчинов, близок соработник на затворената опозиционерка Јулија Тимошенко, за нов претседател на парламентот. Претходно оставка поднесе досегашниот шеф на парламентот, Владимир Рибак. Неговиот заменик Руслан Кошулински изјави дека Рибак се повлекол поради здравствени причини.
Седницата на парламентот се пренесува во живо на телевизиите во земјата. Опозициониот политичар Виталиј Кличко побара смена на Јанукович од страна на парламентот. „Парламентот денеска е единствен легитимен орган кој носи одлуки“, рече Кличко во Киев. На кризната седница тој побара и брзо одржување нови избори, кои, како што рече, се единствена опција.