Репарациите се одамна затворено прашање
4 август 2017Полска во изминатите години повеќепати го будеше духот на прашањето за военото обесштетување. Во 2004 година специјална комисија утврди дека само загубите на главниот град Варшава во текот на Втората светска војна изнесувале повеќе од 45 милијарди долари. Таа комисија беше свикана од Лех Качински, тогашен градоначалник на Варшава. Откако национално-конзервативната партија Право и Правда (ПиС) е на власт во Полска, темата репарации повторно ги оптоварува односите.
Во интервју дадено непосредно по преземањето на власта од страна на ПиС, Јарослав Качински изјави дека Полска и Германија имаат отворени сметки од Втората светска војна. Прашањето на репарациите никогаш не е затворено, смета тој. Тогашниот германски министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер во писмо на Качински му одговори дека Полска нема основа за барања за обесштетување. Тој потсети на полското откажување од репарации од 1953 година. Тогашната полска влада навистина се откажа од репарации од западниот сосед, но тој сосед тогаш беше Германската демократска република. Денес Варшава аргументира дека тогашна комунистичка Полска била принудена од страна на Москва да се откаже од обесштетување.
Откажувањето од репарации од 1953 важи и натаму
Варшава оди уште понатаму. Пратеникот на ПиС, Аркадиуш Муларчук, постави барање до одделот за анализи на полскиот парламент. Тој оддел треба да процени дали Полска, според актуленото меѓународно право, има право на репарации од Германија. Одговорот би требало да е готов до 11 август.
За германските правници ова прашање е одамна затворено. Експертот за меѓународно право Јохен Фровајн, поранешен директор на институтот „Макс Планк“ во Хајделберг, уште во 2004 година заедно со еден полски историчар подготви студија на оваа тема. И тогаш и денес Фровајн е уверен дека барањата на Полска се безизгледни. Според негово мислење, прашањето е „правно разјаснето и затворено“. Тој притоа упатува на меѓународниот договор за германското обединување: со потврдата на „Договорот два плус четири“ е недвосмислено јасно дека нема натамошни репарации.
Фровајн се спротивставува и на аргументацијата на полскиот министер за одбрана Антони Мачеревич, кој ја третира како неважечка полската одлука од 1953 година затоа што комунистичка Полска тогаш не била суверена држава. „Полското откажување од репарации од 1953 година е важечко“, нагласува германскиот правен експерт. „Тоа што уставот во Полска е променет и Полска веќе не е комунистичка држава, не менува ништо во дејството на таа изјава. Многу други договори кои Полска ги склучила во тоа време, се разбира, се и натаму во сила.“
Велман: Чудни барања
Германските политичари на работите гледаат слично. Пратеникот на ЦДУ Карл-Георг Велман потсетува не само на меѓународноправно обврзувачкиот карактер на договорите од 1953, туку укажува и на денешниот германски придонес во буџетот на ЕУ, од кој Полска профитира. „Ние радо би ѝ укажале на полската влада дека Полска секоја година од ЕУ добива 14 милијарди евра“, вели Велман во разговор за ДВ. Полска е најголем нето-примач на средства од ЕУ, а Германија е најголем плаќач. Од овие 14 милијарди, отприлика 4 милијарди евра плаќа Германија и тоа со години. „Тоа не би требало да се доведува во прашање“, нагласува Велман.
„Германија секогаш беше на страната на Полска и беше земја која најмногу се залагаше Полска да стане не само членка на НАТО, туку и на ЕУ. Полска од тоа профитираше драматично“, аргументира политичарот на ЦДУ. „Ова да се доведува во прашање со чудни барања е нешто што не наидува на разбирање во Европа.“
Политички маневар
Томас Норд, претседател на германско-полската група на парламентарци во Бундестагот е уверен дека дискусијата за репарациите е „политички маневар“ на полската влада во актуелниот политички судир со Германија и ЕУ. „Укажувањето на одговорноста на Германија во Втората светска војна е секогаш добредојдено, тоа е морално сосема коректно и оправдано. Кога тоа ќе се поврзе со репарации, се зголемува моралниот притисок врз германската страна и внатрешнополитичките судири може да се искористат на соодветен начин, само што тоа не е меѓународноправно покриено“, вели Норд. Моралната вина на Германија во однос на Полска ќе остане да постои, додава тој.
Таков е ставот и на германската влада. Портпаролката Улрике Демер неодамна на едно прашање во врска со оваа тема пред новинарите рече дека Германија се чувствува политички, морално и финансиски одговорна за Втората светска војна. Но, таа нагласи дека прашањето на репарации е решено во минатото - како правно, така и политички.